fbpx

Некој не знае колку пари има, а некој плаќа кредити – колку „тежат“ кандидатите за ректор на УКИМ?

Кандидатката за ректор Ангелова во имотниот лист пријавила девизи од половина милион, но во телефонски разговор со Мета не знаеше да одговори во која валута се овие средства

-

Универзитетската изборна комисија веќе ги разгледа и ги прифати сите шест пријави на кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои стигнале пред завршувањето на крајниот рок.

И официјално, кандидати за нов ректор станаа актуелната проректорка за финансии Биљана Ангелова од Економскиот институт; Горан Ајдински од Филозофскиот факултет; неговиот колега кој доаѓа од истиот факултет, Ратко Дуев; Атанас Кочов од Машинскиот факултет; проректорката за настава Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), од каде што доаѓа и нејзиниот колега Димитар Ташковски.

Мета.мк ги провери анкетните листови за имотната состојба кои кандидатите за ректори ги доставиле до Антикорупциската комисија кога дошле на функциите проректор или декан. Кога ќе биде избран новиот ректор, во рок од 30 дена по доаѓањето на функцијата ќе треба да достави нов анкетен лист, за да се види со колкав имот доаѓа на функцијата.

Со оглед на тоа што Горан Ајдински и Атанас Кочев се поранешни декани, нивниот анкетен лист за имотната состојба не е достапен на веб-страницата на ДКСК, односно кога едно лице ќе замине од функцијата, неговата имотна состојба станува приватен податок.

Фото: Економски институт

Според податоците што ги анализираше Мета.мк, со најголем имот, според анкетниот лист, располага проректорката Биљана Ангелова. Таа пријавила дека има четири куќи, два стана, три возила, а на девизната сметка пријавила 455.356 девизи, без да прецизира дали станува збор за евра, долари или пак станува збор за некоја друга валута.

Во телефонски разговор Ангелова ни кажа дека не знае точно за што станува збор, односно дека не може точно да се сети што пријавила како имот во ДКСК.

„Така како што пишува, така е. Не можам сега точно да ја знам сумата, треба да проверам, но јас транспарентно пријавив што поседувам. Не знам точно во која валута се средствата, сигурно се денари, но вака напамет не знам“, ни рече Ангелова.

Дел од имотот што го пријавила е на име на нејзиниот брачен другар, дел заеднички, а дел е на нејзино име.

Фото: Принтскрин, Државна комисија за спречување на корупцијата

Деканот Ратко Дуев, пак, од личен имот пријавил автомобил „Фиат Гранде Пунто“ и хонорари од 400.000 денари годишно по основ на хонорари за авторски и други права. Тој пријавил и кредит од околу 18.000 евра кој треба да се исплати до 2026 година и два стана во Скопје – едниот имот на родители, а другиот заеднички имот.

Фото: Принтскрин, Државна комисија за спречување на корупцијата

Проректорката Спасевска, пак, на девизните сметки пријавила депозити од околу 12.000 евра, но и долгови, односно кредити од околу 50.000 евра, на нејзино име и на име на брачниот другар. Три куќи и два стана исто така се пријавени во анкетниот лист на Спасевска, од кои дел е на родителите, дел личен, а дел на име на сопругот – стекнат со наследство.

Фото: Принтскрин, Државна комисија за спречување на корупцијата

Девизни депозити од над 70 илјади евра во анкетниот лист има пријавено и Димитар Ташковски, деканот на ФЕИТ. Дел од овој имот е на негово име, а дел на сопругата и на децата. На негово име има три стана во Скопје и во Охрид, куќа во Маврово, земјиште во Велес и во Кратово…

Принтскрин, Државна комисија за спречување на корупцијата

Новиот ректор на скопскиот универзитет треба да го наследи актуелниот Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор ја извршуваше два мандата.

И Јанкуловски, по заминувањето од функцијата, ќе треба да поднесе анкетен лист за имотната состојба до ДКСК.

Ова се прави со цел да може да се спореди со колкав имот дошло, а со колкав имот си заминало извесно избрано или именувано лице од функцијата, иако досега во јавноста не е познат епилог од случај одреден функционер да биде санкциониран поради несразмерно зголемување на имотот.

Инаку, Јанкуловски во својот последен анкетен лист за имотната состојба има пријавено дека на неколку девизни сметки располага со депозити од речиси 165 илјади евра. Има две куќи во Скопје и во Ресен, стан во Скопје, акции и моторно возило „Форд Фокус“.

Принтскрин, Државна комисија за спречување на корупцијата

Гласањето за нов ректор на најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е закажано за 30 мај, од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.

Од 15 до 26 мај во кампусите на УКИМ ќе има претставување на кандидатите за ректор. На 17 мај ќе се утврди единствениот избирачки список. Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор, како и студентите кои се дел од наставно-научните совети на факултетите. Евентуалното прегласување е закажано за 9 јуни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...