Некои тераат шеги, други не ги почитуваат мерките за штедење енергија во услови на криза

Фото: Мета.мк

Перење алишта и садови на евтина струја, исклучување на компјутерот ако не работите на него, ладилникот да не се вклучува на најниска температура, а топла вода во бојлерот да се грее колку што е потребна и на евтина струја. Ова се само дел од 29-те препораки за штедење на струја за домаќинствата, коишто ги објави Владата на 16 август годинава.

Препораки за штедење, вкупно 12 на број, беа објавени и за бизнис заедницата, додека Владата подготви задолженија за јавните институции (министерства, агенции, органи на државна управа) и државните претпријатија, со кои треба да се намали потрошувачката на енергија за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година.

Изминативе два месеца од препораките за штедење енергија се правеа вицеви, шеги и гифови на социјалните мрежи од страна на некои граѓани, како своевиден натпревар кој е позабавен. Кратка прошетка во ноќните часови низ скопските улици е доволна за да се увиди дека декоративното осветлување на фасадите кај објектите на приватните компании не е секаде исклучено. Владините податоци објавени завчера пак покажуваат дека не сите институции си го разбрале сериозно задолжението за во септември дека треба да заштедат барем 15 отсто кај потрошената енергија во споредба со истиот месец лани.

Институциите штеделе струја во септември, но не сите потрошиле 15 отсто помалку

Мета.мк разговараше со Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи за начинот на којшто досега се комуницираат и спроведуваат мерките од планот „Заштеда на струја за безбедна зима“. Тој посочува дека за успешна јавна кампања се клучни две работи – искрена комуникација со граѓаните и разбирање од институциите дека во процесот треба заедно да се дејствува и тие треба да бидат примерот за граѓаните.

„Убаво е да се слушаат тонови на смирување, тонови на позитивни ефекти, меѓутоа најважно е всушност да се каже вистината“, вели Кордалов, додавајќи дека темите оти ќе снемува струја, ќе биде скапа и ќе има проблем со енергенсите се отвараа во медиумите уште кон средината на минатата година, но тогаш институциите велеа „без гајле, нема ништо да биде“.

Фасадите на јавните објекти во центарот на Скопје делумно под мрак; Фото: Мета.мк

Комуникологот Кордалов додава дека јавна кампања за штедење на енергија е потребна, но само ако води кон подигање на свеста за да се знае секој од нас зошто штеди струја.

„Зошто сијалицата ја вклучуваме помалку од вообичаеното и многу важно, до кога се очекува ова да трае. Која е придобивката и за сопствениот буџет, меѓутоа и за буџетот на државата, односно за заедничкиот буџет?“, вели Кордалов во однос на работите коишто недостигаат при комуницирањето на институциите со јавноста.

Тој дополнува дека во држава како нашата, каде што се големи бројките на сиромаштија и неможноста да се платат дури и сметките и да се преживее, граѓаните многу штедат и не е во ред да се бара дополнително штедење во случај кога тоа веќе го прават индивидуите, туку самите институции мора да ги засукаат ракавите и да се каже како ќе се прави заштедата на енергија, но и на останатите трошоци од нивна страна.

„Мерки кога се носат во криза се нарекуваат национални мерки. Мора да разбереме дека тие се носат во интерес на целата држава, на секој од нас. Лошиот начин или не секогаш правилниот начин на комуникација во услови со криза всушност нѐ доведува до ова, би рекол, несогласување, недоверба, па дури и двоење помеѓу властите и граѓаните“, вели Кордалов.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) за Мета.мк велат дека подигањето на свесноста за неопходноста кон одговорно однесување кон енергијата добива на актуелност правопропорционално како стигнуваат информациите дека состојбата со енергенси во Европа станува деликатна.

„Во оваа насока потсетуваме дека еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 отсто“, велат од РКЕВУ.

Тие велат дека во секоја прилика ќе комуницираат со јавноста и медиумите за потребата од заштеда на електрична енергија и рационално користење на енергенсите како императив.

„Медиумски активности во форма на реклами не се планирани, согласно буџетот со кој што располага РКЕ, но остануваме отворени и транспарентни преку директна комуникација со медиумите и со јавноста за да ја објасниме сериозноста на енергетската мапа на ЕУ која не нè заобиколува и нас“, додаваат од Регулаторна.

Директен сигнал дека треба да се штеди струја, од Регулаторна комисија велат дека е реформата која ја воспоставија летово со воведувањето на блок тарифите.

„Со оглед дека истите се воведоа во летниот период и поминати се три месеци, ефектите од нивната примена ќе се увидат во месеците до крајот на годината“, објаснуваат од РКЕВУ.

Во однос на поефикасната комуникација на препораките за штедење енергија во претстојните месеци, од ЕВН Македонија за Мета.мк велат дека корисниците на струја се соочуваат со повеќе промени за кои треба да се информираат и едуцираат.

Поради новиот начин на пресметување и тарифирање на потрошувачката на струја што започна од 1 јули, комплетно се смени изгледот на месечните фактури за електрична енергија кои стигнуваат кај граѓаните.

„Во првата фаза неопходно беше корисниците да се информираат за новиот изглед на сметките и импликациите од промената на тарифниот систем“, велат од ЕВН Македонија и додаваат дека корисниците веќе имаат транспарентен увид во целосната структура на сметките за електрична енергија.

Во фактурата за електрична енергија одделно се прикажани пресметките за потрошена електрична енергија и надомест за користење на преносниот и дистрибутивниот систем, додека потрошената електрична енергија најпрво е поделена на висока тарифа и ниска тарифа. Во сметките кај домаќинствата, целата количина на електрична енергија потрошена во висока тарифа се дели на блокови на потрошувачка, а за секој блок има различна цена.

„Со наближување на грејната сезона, предизвиците се зголемуваат, и во план е да се зајакне едукацијата на корисниците за штедење на енергија. Досега, ЕВН има спроведено низа кампањи за едукација на корисниците за штедење на енергија, индивидуално и во соработка со институциите“, појаснуваат од ЕВН Македонија.

Тие тврдат дека е реализиран 10-годишен проект за едукација на најмладите за штедење на енергија, со кој биле опфатени над 35.000 деца од сите училишта во државата. Преку проектот „Енергетска математика“, во моментов преку посебна страница на Фејсбук граѓаните може да ги гледаат новоразвиените совети за штедење, а дел од епизодите се емитуваат и во масовните медиуми.

Од ЕВН Македонија најавуваат објавување на нови едукативни содржини за штедење на енергија, кои ќе бидат наменети за широката јавност и со неа ќе се опфатат сите медиуми преку кои може да се допре до корисниците – и дигитални и традиционални.

Мета.мк испрати прашања и до Министерството за економија и до АД Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) за тоа дали и каква кампања и активности за подобро комуницирање со јавноста планираат да преземат во насока за штедење на струја, односно за потребата да се допре до свеста на граѓаните и до компаниите на оваа тема. И покрај испратените прашања во три наврати во изминативе две недели, одговори не добивме од нивна страна.

Министерот за економија Крешник Бектеши завчера информираше дека државните институции заштедиле вкупно 20 отсто електрична енергија во текот на септември годинава во однос на истиот месец лани. Податоците што ги објави министерот за економија Крешник Бектеши се за потрошувачката на електрична енергија во септември 2022 година кај министерствата, со сите подрачни единици, Владата, судовите, Собранието, како и Кабинетот на претседателот на државата, вклучително и ЕЛЕМ и МЕПСО, општините и државните претпријатија.

Сепак, Министерството за локална самоуправа имало потрошувачка поголема за дури 79 отсто во септември 2022 година во споредба со истиот месец од минатата година. Задолжението за штедење енергија од барем 15 отсто во текот на септември 2022 година не го исполнило ниту Министерството за одбрана кое заштедило само 6 отсто, Министерството за надворешни работи заштедило само 8 отсто, Министерството за здравство 9 отсто, МЕПСО и Министерството за внатрешни работи 10 отсто, Министерството за образование и наука 11 отсто, а кај Министерството за правда заштедата е 12 отсто.

Заштедата кај 17 претпријатија во државна сопственост изнесувала 8 отсто, а во септември 2022 година 25 општини не ја постигнале заштедата на потрошувачка од 15 отсто. Најмногу отстапуваат Општина Арачиново, Општина Гостивар и Општина Свети Николе, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.

„Сакам да апелирам до сите дека состојбата во енергетскиот сектор не само во Македонија, туку и во цела Европа не е шега“, порача завчера министерот за економија Бектеши.

Дел од скопските општини го редуцираа уличното осветлување; Фото: Мета.мк

Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски на 16 август годинава ги обелоденија препораките и мерките за заштеда на енергија од домаќинствата и компаниите, но и задолженијата за заштеда на електрична и топлинска енергија кои беа усвоени на владина седница. Уште тогаш, од Владата беше посочено дека годинава ќе ја преживееме една од најтешките зими на енергетски план.

Според комуникологот Бојан Кордалов, Владата, Собранието и сите други институции на државно и локално ниво треба да покажат пример и со сметките за електрична енергија да објаснат колку струја помалку потрошиле споредбено со минатата година.

„И тоа е начинот преку кој секој од нас ќе си каже: „аха, од врвот, односно од онаму каде што се оперираат моите пари, почнала промената и се дава првиот импулс. Тоа е знак дека сме сојузници во овој процес во кој сите треба да штедиме“. Тоа се работите коишто треба да ги направиме за „Фејсбук“ и „Твитер“ да не нѝ бидат онаа последица која што во моментов нѝ се случува“, вели Кордалов.