Иако ситуацијата со коронавирусот во Северна Македонија од ден-на-ден се влошува, наставниците се принудени да бидат физички присутни на училиште за да ги спроведат завршните активности на учебната година. Одлуката, која останува критериум на Министерството за образование и наука, останува на сила и покрај вториот бран на пандемијата, а притоа воопшто не е земено предвид дека просечната возраст на наставниците е во критичната група на ризик од коронавирус, пишува Порталб.мк.
Директорите на училиштата велат дека се должни да ги следат упатствата на МОН, и покрај состојбата со пандемијата, за да го комплетираат и завршат успехот на учениците, кои ќе треба да се запишат во наредната година, како и за учениците од завршните години во гимназиите, на кои свидетелствата ќе им требаат за упис на факултет. Сепак, тешкотиите предизвикани од вирусот, кој циркулира низ целата земја, ги натера раководителите на училиштата и надлежните во образованието да преземат превентивни мерки за заштита на наставниците.
„Не се должни сите професори да одат на училиште, туку само оние професори кои имаат клас или се класни раководители, кои треба да го пополнат и класичниот дневник до 9 јули. Ден, што се совпаѓа со крајот на учебната година, а пак исто така, што се однесува до класните раководители, тие се должни онлајн да известат за успехот и пополнување на свидетелствата, како и истите да им ги издадат на учениците, за да тие се запишат во следната учебна 2020/2021 година, при што ние како институција имаме преземено мерки против пандемијата со ковид-19“, рече за Порталб, Рамадан Имери, директор на гимназијата „28 Ноември“, од Дебар.
И првиот човек на Секторот за образовни дејности, во Општина Тетово, Ахмед Ќазими, за Порталб вели дека училиштата постапиле според упатствата на МОН. Директорите на училиштата се должни да организираат присуство на предметните наставници во училиште, со цел да ги исполнат задачите и обврските околу педагошката евиденција и документација и за издавање на свидетелствата, во согласност со мерките и препораките за заштита од коронавирусот со ограничено присуство на лица во просториите и обезбедување на соодветна заштитна опрема.
Од Министерството за образование и наука велат дека одлуката за присуство на наставниците во училиште е донесена со цел наставниците да го пополнат истовремено и пишаниот и електронскиот дневник. Исто така, тие се должни да продолжат да работат во училишни установи со цел да ја пополнат евиденцијата, односно да ги пополнат свидетелствата на учениците и другите педагошки податоци.
„Одржувањето на педагошката евиденција и пополнувањето на дневникот, како пишаниот, така и тој во електронска форма, е задолжително, односно законска обврска за наставниците, од која зависи процесот на издавање свидетелства за учениците што се реализира во овој период. Покрај тоа, во моментот се одвива уписот во основните и средните училишта, па затоа, наставниците се присутни во училиштата, секако почитувајќи ги мерките за заштита од корона вирусот“, рекоа за Порталб, од Министерство за образование и наука.