„Некогаш се чувствувам ко да не знам за друго“, вели хип-хоп артистот S.A.M. за процесот на создавање музика

Фото: Кирил Донев, користење со дозвола од лична архива на S.A.M.

„S.A.M.“ е уметничкото име на еден од артистите кои се обидуваат да ја раздвижат сè уште постоечката рап сцена во земјава, Никола Трпески. Низ разговор за процесот на создавање на своја музика, почетоците во рапот, снимената дискографија и предизвиците со кои се соочуваат денешните хип-хоп музичари, S.A.M. за Мета накратко го опишува своето 14-годишно присуство на рап сцената.

Своите почетоци ги бележи во тинејџерските години, настапувајќи со текст од тогаш постоечка тетовска рап група.

„Тогаш сè уште немав мој составен текст. Една година подоцна, за прв пат рецитирав нешто мое а имав и прилика да рецитирам фристајл во ‘Рок Кафе’, Тетово“, започнува Трпески.

„Ја имав можноста да учам и да сум околу тогашната тетовска рап сцена. Впивав доволно со самото тоа што присуствував на скоро сите настани и дружби во тоа време“, додава тој.

Во своите први песни на почетокот, Никола обработува теми присутни во тогашното свое секојдневие, момент кога, како што вели, сите се запознаваме со стигмите на општествениот живот. Тоа за него била голема инспирација за пишување стихови претопени во песни и нова музика.

„Суштински ја сум истиот и денес, оној кој ги пишуваше тие текстови тогаш иако многу нешта се променети кај мене од тој период на почетоците. Различно е искуството и различни се околностите“, вели S.A.M.

Неспорна е и промената на целата сцена и начинот на изразување од страна на изведувачите како нејзини претставници. Тој го опишува процесот на преобразба како вистински променет со оглед на сегашните начини на создавање музика.

„Со експанзијата на Интернетот и социјалните мрежи денес полесно се стигнува до нова музика, тука брзо стигнаа сите тековни музички трендови. Дополнително, денеска е многу полесно да направиш рап песна отколку што беше кога јас бев во моите рани тинејџерски години. Сите алатки се достапни благодарение на пиратеријата и туторијалите на интернет, стандардната опрема за снимање која не е прескапа и која со малку штедење станува достапна“, вели Никола.

Тој додава дека друштво на ентузијасти денес би можеле да си дозволат да поседуваат мини студио.

„Но, тоа не значи дека е лесно да направиш добра рап песна. Малку е чудно она кон што целат артистите сега. Денес повеќе фокусот е свртен кон тоа да се „брка“ бројка на гледаност на Јутјуб, да се зголеми бројката на следачи на Инстаграм, во принцип повеќето сакаат да се само интернет сензација и да имаат хит. Сум бил сведок на неколку ‘популарни’ Инстаграм рапери кои не можат да донесат ни публика од 100 души на концерт, дел од нив не ни знаат кој им е воопшто публика, додека некој ги слуша само поради тоа што и некој друг ги чул“, вели хип-хоп музичарот.

„Да не бидам сфатен погрешно, нема ништо лошо во тоа да имаш голем број на прегледи или да имаш голем број на следачи на социјалните мрежи, тоа и секако е добредојдено. Но, не по секоја цена. Тоа според мене не треба да е примарниот фокус туку треба да е само резултат на квалитетна музика“, истакнува S.A.M.

Фото: Драги Неделчевски, користење со дозвола, од лична архива на S.A.M.

На прашањата што го кочи создавањето нова музика, дали има пречка за развивање на хип-хоп сцената во Македонија и дали има надеж во неа, хип-хоп артистот раскажува за предизвиците со кои се соочуваат младите, но и постарите генерации на музички уметници во земјава.

„Мислам дека не постои една главна причина и нема нешто што важи подеднакво за сите. Влијаат повеќе фактори. Има многу млади кои се талентирани, но брзо се обесхрабруваат поради секојдневните притисоци, додека некои се отпорни и покрај сѐ не ни размислиле да се откажат. Исто така, секојдневните проблеми со кои се соочуваат луѓето во државава прават да не се става примарен фокус на уметноста, без разлика дали поддржуваш одредена сцена или си дел од неа. На многу луѓе не им е дојдено до уметност бидејќи има многу работи кои ги загрижуваат и им се примарни“, забележува хип-хоп артистот.

Никола констатира дека му е јасно незадоволството кај младите кои немаат соодветна платформа за да се бават со каква било креативна работа освен музика.

„Земете го Тетово како град што нема младински културен центар, тука секој се снаоѓа како знае и умее со условите кои ги поседува. Од креативен аспект, некои капацитети се навистина истрошени, одредени теми се повторуваат претерано слично кај многу музичари. Да, универзалните теми секогаш ќе бидат главна инспирација за творење но потребна е некоја свежина, ново играње со јазикот и музиката“, вели тој.

„Околу тоа дали има главна пречка, пречката не е нужна, но мислам дека треба да има повеќе комуникација помеѓу сите генерации на артисти, продуценти и промотери на настани“, раскажува S.A.M.

„Мора да споменам дека има многу млади дечки што навистина вложуваат сериозни напори и се исклучително талентирани, што е голем потенцијал за надеж на овдешната сцена. Постарата генерација е сè уште активна, плус, сега има широк спектар на македонски рап, има по нешто за сечиј вкус“, вели тој.

Со својата музика цели да остави нешто што вреди, впечаток и подарок кон македонската хип-хоп сцена.

„Целам да оставам белег за мене, за Тетово и македонскиот хип хоп. Целам да не се каам подоцна ако не сум пробал да се бавам со тоа што го сакам. Целам да сум еден од највиталните македонски хип-хоп артисти. Кога би живеел во друга средина, можеби не би се занимавал со рап музика. Секој е роден таму кај што е роден под сплет на околности и со причина“, заклучува хип-хоп креативецот.

Според него, за успешност во рап музиката најважна е истрајноста.

Успешен рапер мислам дека е оној кој е доследен на тоа што го прави и успева да ја зачува автентичноста. Сè друго што се смета за успех е само плус. Труд, искрена желба, и многу трпение. Кога некој одлучува да биде свој, нема што да изгуби. Ако тежнееш да звучиш и бидеш како другите, ќе си го изгубиш само гласот.

Фото: Драги Неделчевски, користење со дозвола, од лична архива на S.A.M.

Во најновиот проект „Пркос“ тој посветува внимание на „занаетот“ и се прашува дали вреди. На прашањето што го тера повторно да го земе пенкалото во рака за нов текст и го враќа зад микрофон во студио, Трпески вели дека тоа е конфликт кој често се појавува.

„Знам дека не проаѓам само јас низ истото, но тоа што ме враќа назад да пишувам и снимам е најверојатно тоа што знам дека ова ме одбра и ме има изградено во личноста која што сум денес. А некогаш се чувствувам ко да не знам за друго“, посочува тој.

Покрај со хип-хоп жанрот, S.A.M. вообичаено се дружи и со музика од други жанрови.

Фото: Моника Попоска, користење со дозвола од лична архива на S.A.M.

„Кога станува збор за слушање, нема лимит најискрено. Да, најмногу можеби хип-хоп, но уште од мал сум фан на хард-рок. Истовремено, последниве години ми се пројави интерес и за одредени електронски жанрови, а знам и по нешто народно“, вели тој.

Освен хип-хоп изведувач со албум, EP проект и сингл песни објавувани одделно, S.A.M. се јавува како продуцент на поголемиот дел од своите песни, но целосна продукција и на песни од други изведувачи.

„Сè зависи од расположението, иако во поголем дел од времето важно ми е да направам солидна музичка подлога над која подоцна би пишувал песна. Кога креирам, се обидувам да не дозволам артистите што ги слушам да влијаат многу врз мене, претпочитам да ги слушам само поради тоа што ми се допаѓа нивната музика. Сакам да уживам како слушател на нивната музика, без претерано да ги анализирам или да им ги ‘позајмувам’ техниките или идеите. Во сите свои песни внимавам да претставам верзија од себе. Останатото го препуштам на слушателот, тоа што ќе успее да го улови, тоа сум јас“, споделува тој.

„Продуцирав една песна за деби албумот на Лукс Кмала, за вториот сајфер на Dope Kukjata, Мартикс, Валид од Детроит, Максимус Вандал, OX Cypher. Имам настапувано и соработувано со повеќе артисти со кои имам долгодишна комуникација“, ни открива S.A.M.

„Од Тетово имам работено со повеќето рап артисти, кои денес не се или се минимално активни, се разбира, моите долгодишни пријатели Тоше и Енис се целосно вклучени во техничкиот дел на сите мои песни, DJ Oky Doky ми гостува на мојот деби албум ‘Огледало’ (2018), Rootsman I од ‘Conquering Lion’, гостувам и јас на деби албумот на ‘Conquering Lion’, Гоце Симоновски ми гостува како продуцент на ‘Никола Блуз’. Од скопската хип-хоп сцена досега имав прилика да работам со Druggy, Маро (Длабока Трага), Лукс Кмала, Рап Позитив, DJ Drazi Drags, Sexy Marsa, 5Р. Исто така да не го заборавам Ади Имери, кој се потпишува како композитор на една песна од мојот деби-албум“, набројува понатаму Никола.

S.A.M. додава дека веројатно како најдрага соработка би ја издвоил таа со Виклер Скај, бидејќи го смета за еден од неговите најголеми музички влијанија и воедно еден од најдобрите балкански хип-хоп артисти. Во соработката со српскиот рапер S.A.M., ја имал честа да добие строфа од Виклер на негова музичка подлога и со мала насока да му препушти целосна доверба и креативна слобода при аранжманот на истата.

Неговиот следен настап е во сабота, на 6ноември во ‘Рок-кафе’, Тетово, за кое како што вели, е местото кое го изградило како рапер и местото каде ги има слушано своите омилени македонски хип-хоп артисти. Во сабота придружен вокал ќе биде, Ангела Маринковска од бендот „Stoned Hedge“, а за музичката селекција ќе се погрижи Papak Bass, од македонската реге група, „Conquering Lion“.

Фото: Кирил Донев, користење со дозвола од лична архива на S.A.M.

S.A.M. досега има настапувано на сцените на Д-Фестивал во Дојран, „Земјотрес Фестивал“, „Трап Да Фак Ап“, и „Рап Скилз“ во МКЦ, (Скопје), настан организиран од „Funky Fresh“ колективот во Бифе Фросина МКЦ, изведба со со „Dope Kukjata“ на настан организиран од нивна страна, „Синестетика Фестивал – Ледина Шамак“, (Скопје), во Кочани, во своите денови како drum&bass MC во „Дом на Млади“, Штип и во неколку наврати во Тетово.

Моментално работи на нов проект во соработка со Бојан Филиповски – Gloomie насловен „Втора Слобода“, кој ќе биде објавен најверојатно пред крајот на годинава, планира гостувања кај некои македонски рап артисти и гостувања надвор од хип хопот.

Никола студира Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот Факултет при УКИМ, работи како пишувач на содржини, а во неговото секојдневие постојано е вклучен во музиката преку редовно пишување нови текстови за кои компонира и инструментали. Цел му е да издава што поголем број на синглови на годишно ниво.