fbpx

Некогаш хемичарите правеле врвни научни трудови, денеска немаат ни хемикалии за работа

-

Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет денеска на протест го изразија своето незадоволство од лошите услови за работа. Според нив, состојбата на овој Институт никогаш не била полоша бидејќи немаат елементарни услови за работа на оваа високообразовна институција.

– Сето ова е резултат на лошата поддршка и политики во високото образование во последните дваесетина години, а за науката во последните десетина години, и тоа особено во делот на грижата за човечкиот потенцијал и материјалните услови за настава и истражување. Заради реномето и развиената висока академска свест, вработените на Институтот со години наназад вложуваа големи напори за амортизација на континуираното влошување на состојбите истовремено укажувајќи на проблемите и правеа напори за нивно решавање. Беа упатувани барања до надлежните за добивање согласност за вработување на млади соработници, за вложувања во подобрување на материјалните услови и поддршка за научноистражувачката дејност, но одговор немаше – велат професорите.

Долгогодишниот професор на овој Институт, Виктор Стефов, вели дека пред десетина години, цела една третина од трудовите во Македонија кои беа објавувани во списанија со импакт-фактор, биле токму од Институтот за хемија, а денеска, професорите се доведени во ситуација да мораат да издвојуваат средства од свој џеб за да можат да купат најосновни хемикалии за да можат да работат со студентите.

Во соопштението стои дека Институтот се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научноистражувачка институција, што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања како што се публикување на научни публикации во ценети меѓународни списанија, реализација на научноистражувачки проекти и соработка со врвни истражувачки групи од светот.

„Oва континуирано влошување на условите за работа и студирање, без надеж за подобрување, дојде до степен кога е доведено во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност. Затоа, стручниот совет на Институтот за хемија на состанокот на 10 октомври одлучи дека е време и јавно да го изрази незадоволството од овој третман, а студентите, откако беа информирани, едногласно го поддржаа и се придружија на протестот“, стои во соопштението.

Професорите бараат итно да се одобрат барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира практичната настава, што во овој момент е неизводливо.

-Токму недостатокот на млади соработници – асистенти за практична настава и научноистражувачка работа се најакутниот проблем во последните години. Веќе осум години не е добиена согласност за вработување на асистент, а во меѓувреме се
случуваат редовни пензионирања на професорите и лаборантите, кои се неопходен дел од практичната настава. Проблемот низ бројки е многу јасно видлив: од вкупно 58 вработени во 2000 година (33 наставници, 11 асистенти и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (30 наставници, 4 асистенти и 10 лаборанти), а денес на Институтот работат 24 вработени, од кои 20 наставници (15 редовни професори), 4 лаборанти и ниту еден асистент. Во исто време, бројот на студенти во последните десетина години нема битни промени и дури е во благ пораст со просечно 50 нови студенти на прв циклус студии
секоја година и вкупно меѓу 250 и 300 студенти на сите три циклуси на студии бидејќи хемичарите стануваат барани на пазарот на трудот.

Тие бараат и да се одвојат пари од буџетот за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и пари за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години.

– Во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија и други потреби, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти) за да ги задржиме најдобрите дипломирани студенти со можност и услови за академска кариера тука. Состојбата со финансирање на научноистражувачката работа во нашата земја е очајна повеќе години наназад, конкурси за национални проекти не се објавени од 2009 година, а стипендии се доделуваат за магистерски и
докторски студии во странство, но не и за кај нас – реагираат професорите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...