Влез во метро станицата „Сердика“ и статуата на Софија. Фото: Мета.мк

Според многумина „главната“ софиска улица „Витоша“, односно како што многу почесто ќе чуете од софијанци „Витошка“, во вечерта на денот кога официјално беше соопштено дека во Бугарија пристигнал особено опасниот „индиски“ сој на корона вирусот не оддаваше впечаток дека се случува нешто невоообичаено, а не пак дека во земјата стасала нова опасна закана.

Во четвртокот вечерта „Витошка“, која, ако сакате да споредуваме, може да ја илустрираме преку споредба со улицата „Македонија“ во Скопје – и двете се главните „оски“ на најстрогиот центар, двете се шеталишта, и двете отприлика се „нанишанети“ во јужен правец, кон своите планини, Витошка кон Витоша, Македонија кон Водно – имаше врвулица од луѓе и силен џагор во кафулињата, баровите, пицериите, рестораните за различни кујни од светот… Напросто кажано, како што велат во Бугарија, „заведенијата“.

А полните локали, полните маси, бројните намерници што врвеа крај баскерите, односно уличните забавувачи, и покрај по некој просјак, напросто заведуваа да помислите дека ништо невообичаено не се случува во градот, а не пак дека животот не само тој ден, туку и повеќе од една година наназад е загрозен од нешто опасно, што не само што го поремети секој аспект на секојдневниот живот, туку и убиваше како во тотална војна.

На Витошка, измиена од поројниот дожд што паѓаше неколку часа претходно и блескава од светлината на десетиците тераси на угостителски објекти и бројните излози и реклами на продавниците и уличното осветлување – врвулица! Стотици луѓе се рашетуваат во онаа или оваа насока, кон Националниот дворец на културата (НДК) или кон црквата Света Недела, повеќето полека, нога за нога, чиниш секундите на ова шеталиште течат многу побавно, неподмачкани од „маслото“ на парите, на трескавичното трчање по заработка.

Под крошните на дивите костени и јаворите и некои други дрвја што не можеш да ги идентификуваш кога ќе го кренеш погледот кон фасадите на зградите од двете страни на шеталиштето, тече река од народ. Најголемиот дел од луѓето не носат маски. Доминираат младите или „помладите“. Сепак, звучниот амбиент е повеќе тивок џагор испресечен со музиката од угостителски објекти, а не ноќ „распарана“ од извици и галамење. Живо, а сепак некако спокојно. Бугарскиот јазик, што најчесто се слуша, ќе го „пресече“ понекогаш конверзација на англиски, германски, кинески јазик од туристите или странците што живеат и работат во бугарскиот главен град. И, како што доликува на главно шеталиште, може да се направи брз увид во социјалната раслоеност на бугарското општество. Ќе сретнеш и луѓе, не само повозрасни, во излитена гардероба или само во фармерки и маица – од најевтините, што излегле да прошетаат и да подишат од воздухот прочистен од скорешниот дожд, а ќе те пресретнат и такви што на себе облекле гардероба и обувки од најмалку 200-300 па до неколку илјади евра.

А кога ќе решиш да го разгледаш окружувањето и повисоко, да ги видиш објектите што ја сочинуваат оваа стара улица, погледот го попречуваат и крошните и отсјаите на улицата и решаваш дека тоа е сепак работа што треба да ја оставиш за следниот ден.

Утринска „средба“ со софиското шеталиште

Враќање на „Витошка“ по 8-9 часа. Утро, забрзано и метежно, какво што би се очекувало од еден град со, како што проценува официјалната бугарска статистика, 1,25 милиони жители, а според неофицијални проценки, дури со 1,6 милиони жители и луѓе што во него работат или престојуваат на дневна основа. Брмчат автомобилите и фургоните, штракаат трамваите низ строгиот центар на Софија. За разлика од луѓето, постарите се погласни од помладите.

А луѓето, во раното утро забрзано итаат низ гиздавата Софија, некогашна царска престолнина, сега само „главен град“. Секој со својата нафака. Одат или чекаат на трамвајските и автобуските постојки.

„Витошка“ е некако попразна отколку претходната вечер. Сега многу побројни се вработените во продавниците и угостителските објекти, како и доставувачите, отколку минувачите. А тие, со смартфоните или со мекици или баница (бугарскиот „бурек“) в кеса или в рака, пеш или пак по некој на електричен тротинет, сѐ побројни… Пулсот на главниот град на Бугарија полека забрзува.

Витошка е ново шеталиште, со бекатон и со гранитни плочи и релативно нови клупи и канделабри. Во однос на онаа сива, еднолична, бездушна улица со коцка во социјализмот, „иста“ е само по должината и правецот на протегање. А зградите нанижани на неа, што не можеа убаво да се видат претходната вечер, се повеќето од периодот по Втората светска војна или нешто кратко пред неа. Нема премногу патина. Тоа доживување го создаваат и фирмите и излозите на голем број странски марки и трговци. Многу поразлично отколку во 20. век, во социјализмот и по падот на режимот, кога „Витоша“ беше и сообраќајница, но некако социјалистички сива, правлива. Сега визурата е сосема поинаква – блескаат и светлечките реклами и излозите, а долу е сè чисто – небаре си во Јапонија. Тоа многу зборува – и чистотата и боите говорат дека Бугарија, во голем дел и поради парите што стасаа и уште стасуваат во Брисел, има милијарди причини да биде благодарна што е во ЕУ.

Во обид во топлото утро да видиме некој постар објект, „од време царско“, кршнуваме во една од уличките што ја пресекуваат Витошка, па, ете, и во обид да стасаме до еден од најпознатите пунктови на централна Софија – кај „Попа“, односно плоштатката со статуата на патријархот Евтимиј, кој во втората половина на 14. век управувал со црквата во царска Бугарија, а ја основал и Трновската книжевна школа.

Упатувајќи се кон „Попа“, популарното место за чекање на софијанци, во Солунска улица веќе се гледа и по некоја постара зградичка… А кога ќе го спуштиш погледот долу, до тротоарите, повторно се враќаш во 21. век – со кафулиња, барови, најразлични продавници, аптеки, експозитури…

Полека се отклучуваат дуќаните. Фрекфенцијата на минувачи зачестува.

Некогашната мека на библиофилите сега е само плоштад

Доаѓаме и до плоштадот „Славејков“, некогашна мека на библиофилите, штедро покриен со тезгите на букинистите што продаваа и нови, но главно користени книги. Сега на „Славејков“ нема тезги, само клупи, канделабри и електрични тротинети. Книги има во трите книжарници долж неговите граници, од кои само едната продава и постари книги.

На улицата „Граф Игнатиев“, која тука е братски сплотена со плоштадот, сега од превоз врват само трамваи. Останатиот „сообраќај“ е пеш. Како што врвиме пополека во правец на југоисток, кон „Попа“, бројноста и фрекфентноста на трамваите растат, дуќаните сè почесто се со отворени врати, бројот на минувачи расте… Бројните електрични тротинети за изнајмување, што се оставени не само тука, туку на многу, многу места низ центарот на Софија, сепак, сѐ уште одмораат.

Минуваме крај црквата „Свети Седмочисленици“ и паркот што ја окружува, продолжувајќи по „Граф Игнатиев“ во правец југоисток, сè додека на крстосувањето на оваа улица со булеварите „Патријарх Евтимиј“ и „Васил Левски“ не стасавме до плоштатката со статуата на „Попа“. Човек научен на гигантските, или барем предимензионираните, скулптури во центарот на Скопје, не може да се начуди. Статуата на патријархот Евтимиј е едвај поголема од нормалните човечки размери. Толку голем човек за Бугарите, а толку мала статуа… Или, пак, не е мала, едноставно, скопската визура за спомениците е предимензионирана, снобовска, груба…

На двата булевара, бучавата полека се зголемува. Се завртуваме и се враќаме назад. Сега речиси сите дуќани, угостителски објекти, менувачници се отворени, бројот на минувачи малку зголемен. Забрзуваме назад, повторно преку „Славејков“ кон „Витошка“. Се загледуваме во фасадите. Тука веќе има малку повеќе патина… Има и двокатни објекти, за кои е јасно дека се градени во почетоците на 20. век или дури и малку претходно. Софија во своите почетоци на главен град на нова Бугарија – веќе 142 и кусур години е со тој епитет – била главно место на еднокатни, двокатни куќи и други објекти, а потоа полека почнува да „расте“, имитирајќи ги притоа европските престолнини и почнува да се извишува и во визурата да ги имитира.

Скопје може да научи многу од Софија

Гиздава Софија денес, сепак, не се предава – некои постари објекти во центарот изгледаат нови – оти фасадите им се обновени, но не поради тоа што им даваат целосно нова физиономија во однос на претходниот изглед, како што се правеше во Скопје. Така ѝ доликува на една стара дама – не пластична хирургија, туку само малку пудра на набрчканото лице.

Кога веќе се фаќаме за споредбите со македонскиот главен град, барем од виденото во центарот на Софија, јавниот превоз е главено електричен – трамваи и тролејбуси, со чат-пат некој автобус. Сите тие од релативно понов датум. Да не ги забораваме и големиот број електрични тротинети за изнајмување на тротоарите или на плоштадите. Сето тоа, и покрај густиот сообраќај од автомобили и доставни возила на сообраќајниците, секако помага воздухот да биде помалку загаден отколку што би бил без нив. Се разбира, ЕУ, односно парите од централната каса во Брисел, овозможија и овозможуваат не само да се направи навистина голема мрежа на метролинии за брз превоз, туку и овозможува да се тргнат од шините и од улиците старите возила на јавниот превоз што, ако ништо друго, да возат сега, би правеле многу поголема бучава.

Секако дека Скопје може дел од овие решенија да ги ископира од својата источна посестрима. Можеби не можеме да направиме метро, какво што има Софија, и во кое сега се превезуваат отприлика 50.000 патници на час, но барем јавниот превоз треба да го врземе „на кабел“.

Текст и фотографии: Сашо Спасоски