Израелската војска денес издаде наредба за евакуација на неколку згради, вклучително и две училишта, во јужните предградија на Бејрут додека се очекува израелскиот безбедносен совет денес да се состане со цел постигнување некаков договор за примирје меѓу Израел и Хезболах, пренесуваат Би-би-си и Гардијан.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) апелираат цивилите во близина на споменатите згради во главниот град на Либан, како и оние во непосредна близина до нив, да се евакуираат пред нападите, за кои велат дека ќе бидат насочени кон „објектите на Хезболах“. Нападите на Израел во Бејрут се интензивираа во последните месеци.

Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел вели дека нема причина да не се спроведе предложениот договор за прекин на огнот во Либан. Според него, договорот, направен во посредство на САД и Франција, ги има сите безбедносни гаранции кои Израел ги бара. Претставници од САД и Франција изјавија дека преговорите за примирје меѓу Израел и Либан добро напредуваат.

„Нема повеќе изговори. Нема повеќе простор за дополнителни барања. Престанете со оваа војна. Престанете со убивање луѓе“, изјави Борел.

Но, крајнодесничарскиот министер за национална безбедност на Израел Итамар Бен-Гвир изјави дека смета оти не треба да продолжат приговорите за примирје.

„Имаме историска прилика да дејствуваме решително во Газа и во Либан. Ќе биде историска пропуштена шанса ако се запреме и се вратиме назад“, изјави Бен-Гвир.

Бен-Гвир дополни дека е „можно некој да не сака да ги чуе моите ставови“, алудирајќи на тоа дека Нетанјаху е наводно подготвен да прифати договор за примирје.

Дополнително, Борел ги коментираше налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поранешниот министер за одбрана Јоав Галант и лидерот на военото крило на Хамас Мохамед Деиф, издадени од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Неколку земји, меѓу кои и Германија, изјавија дека не би го уапсиле Нетанјаху доколку тој стапне во нивната територија. Борел изјави дека се надева дека европските земји ќе го почитуваат меѓународното право. Тој вели дека европските земји не можат да ги почитуваат одлуките на судот кога станува збор кривичното гонење на Владимир Путин, а да се противат на неговите одлуки кога станува збор за Нетанјаху.