Прозападната претседателка на Молдавија, Маја Санду, вчеравечер обвини за „напад без преседан врз слободата и демократијата на земјата“ од страна на „странски сили“, по клучниот референдум за членство во ЕУ, чии резултати сè уште се неизвесни.

Молдавците вчера гласаа на претседателски избори и на референдум за Европската унија. Со преброени 97,66 отсто од гласовите, 50 отсто од Молдавците гласале „за“, според резултатите презентирани на интернет-страницата на изборната комисија на Молдавија, пренесува Гардијан.

Резултатите, сепак, би можеле да се променат, бидејќи гласовите сè уште се бројат меѓу големата молдавска дијаспора, за која се смета дека во голема мера го поддржува членството во ЕУ.

На претседателските избори, пак, актуелната претседателка Санду беше на врвот во првиот круг од гласањето со околу 38 отсто од гласовите, а во вториот круг ќе се соочи со својот најголем ривал – Александр Стојаногло, поранешен обвинител поддржан од проруските социјалисти.

Двојното гласање во една од најсиромашните земји во Европа се сметаше за клучен тест за проевропската агенда на Санду. Таа ги повика Молдавците да гласаат „за“ на референдумот за пристапот кон ЕУ да се потврди како уставна цел на земјата.

Од распадот на Советскиот Сојуз, Молдавија гравитира меѓу прозападните и проруските курсеви, но под претседателството на Санду, земјата ги забрза обидите да избега од орбитата на Москва, особено откако Русија ја започна својата војна во соседна Украина.

Изборите ги одбележаа тврдењата на молдавските власти дека Москва и нејзините полномошци организирале интензивна кампања за хибридна војна за да ја дестабилизираат земјата и да го попречат нејзиниот пат кон ЕУ.

Обвиненијата против Русија вклучуваа финансирање на проруски опозициски групи, ширење дезинформации, мешање во локалните избори и голема шема за купување гласови. Официјални лица го обвинија пребеганиот проруски бизнисмен Илан Шор, гласен противник на членството во ЕУ, дека води дестабилизирачка кампања од Москва.

Тој е обвинет за воспоставување комплексна шема за купување гласачи во „мафијашки стил“ и поткуп на 130.000 Молдавци за да гласаат против референдумот, како и за претседателските кандидати кои се пријателски настроени кон Русија.

Минатата недела молдавските власти соопштија и дека откриле програма во која стотици лица биле однесени во Русија за да поминат обука за организирање граѓански немири.