Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Закон за ААВМУ) ќе претрпи нова, осма по ред измена од неговото донесување во 2013 година. На денешната 131 седница, Собранието по скратена постапка ќе го усвојува Предлог – Законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на предлог на пратениците Костадин Ацевски, Артан Груби и Мирослав Јовановиќ. Самите подносители на законските измени во текстот нагласуваат дека тие мора да се усвојат поради фактот што националното собрание не го избрало новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Имајќи предвид дека оваа измена и дополнување определи рок за регистрација на програмски сервиси на домашни и странски радиодифузери кои ги реемитуваат операторите, кој беше определено дека ќе започне да тече од изборот на новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Постапката за избор на новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не е започната пред Комисијата за прашања на изборите и именувањата, се наметна потреба за поднесување на овој предлог закон“, се наведува како причина за донесување на законските измени.

Невладините организации и експертската фела во неколку наврати во изминативе месеци реагираат на блокираното работење на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која не може да го избере новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Заедно со неа, блокиран е и изборот на Програмскиот совет на Македонската радио – телевизија. 

Новите членови на Советот на ААВМУ треба да се изберат од националното собрание со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници, се вели во членот 3 од измените и дополнувањата на Законот за ААВМУ што беа усвоени во 2018 година. Ова практично би значело дека за идниот состав на Советот на ААВМУ треба да се постигне консензус меѓу власта и опозицијата.

Со осмите по ред предложени измени на Законот за ААВМУ всушност се менува членот 2 од измените на овој закон, кои биле усвоени од националното собрание на 4 февруари минатата година. Тие се однесуваат на членот 46 од Законот за ААВМУ, со кој се регулира начинот на постапување на операторите кои реемитуваат програмски сервиси на домашни и странски радиодифузери. Со предложените измени, пратениците ќе им овозможат на операторите да ги реемитуваат програмските сервиси на домашните и странските радиодифузери на начин и под услови утврдени во членот 143 од Законот за ААВМУ.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека парламентарното мнозиство досега не ги искористи деловничките можности за деблокирање на работата на Комисијата и да изврши избор на новите тела на МРТ и АВМУ. Таква опција има спикерот Талат Џафери, кој согласно деловникот за работа на Собранието може да го закаже продолжувањето на расправата во Комисијата на местото на актуелниот претседател, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Власта не се обиде ни да го смени составот на Комисијата, каде моментално мнозиство има опозицијата, ниту пак да обезбеди двотретинско мнозиство за избор на Советот на МРТ и на АВМУ со помош на осумината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги гласаа измените на Уставот со кои се промени името на земјата на Република Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.