fbpx

Неинтелигентно и дискриминаторски: Како се мери IQ на некој народ?

-

Српскиот портал „Курир“ неодамна објави вест под наслов „Ова истражување на Македоците нема да им се допадне – имаат најнизок коефициент на интелигенција во регионот“.

Во веста се наведуваат бројки според кои граѓаните на Македонија имаат просечен IQ од 82 и дека се на исто ниво со Албанците од Албанија, а на пониско од Србите кои имале 90, од Словенците кои имале 99 и од БиХ, каде народот бил со просечен 89 IQ.

Податоците, додава „Курир“, биле објавени во книга со наслов „Интелигенција на народите“, што била објавена во април годинава.

Веста од „Курир“ е всушност преземена од македонскиот портал „Лидер“ и тоа е коректно наведено каде што е потпишана и со „Лидер.мк“.

Но, и во двете информации недостасуваат елементи на веродостојност на изворот на веста. Имено, книга со наслов „Интелигенција на народите“ постои на интернет и нејзини автори се двајца универзитетски истражувачи од различни институти (Lynn, Richard & Becker, David. (2019). The Intelligence of Nations.). Но, можат да се најдат и многу други слични наслови. Самата книга не е достапна без плаќање, туку се достапни само цитати или кратката содржина за тоа како е мерена интелигенцијата на 128 нации во светот, а ниту „Лидер“, ниту „Курир“ објавиле линк до книгата, референци за неа или некој друг податок.

Книгата е објавена и на порталот на еден од авторите, Дејвид Бекер, кој пак е споменат исто така во април годинава во еден портал кој собира контроверзни и интересни текстови, највеќе од американските традиционални медиуми и кој на 10 април објавил текст со наслов Светскиот IQ e 82. Во текстот се зборува за унапредување на некоја метода која дотогаш ја користел Бекер за мерење на глобална интелигенција по земји и нации, а која е доста контроверзна поради резултатите што ги покажува и поради влезните елементи, во кој сега се исклучува тестот за IQ , а се земаат параметри како што се степен на образование, степен на здравствена заштита и слично. Од табелата може да се види дека РСМ е на средина на табелата и е во светскиот просек од 82 IQ.

Конечно, од еден од истите автори, Ричард Лин, на еден друг портал – „Земјите во светот“, е објавена табела од истражување кое опфаќа 113 земји и каде С.Македонија, под акронимот ФИРОМ, е означена како го дели 16. место со колективен скор од 91 IQ.

За крај уште некои коинциденции. Вести со ваква содржина се објавувале и порано на македонските и регионалните портали. На пример, во 2014 година хрватски „Индекс“ објавува вест со наслов „Оваа мапа ја прикажува просечната интелигенција на народите на Европа“. Веднаш потоа македонскиот сајт МКД го објавува текстот со наслов „Македонскиот народ меѓу најглупавите во Европа“.

Во 2015 година повеќе македонски портали објавуваат слични вести за тоа кој народ е најпаметен, а кој најглупав на Балканот и тоа може да се види преку агрегатрот ТАЈМ.мк, кој уредно ги групирал текстовите со овие содржини.

Ако се земат предвид повеќе елементи може да се констатира дека станува збор за непотврдени „научни“ содржини, чија основа потекнува сепак од еден труд објавен уште во 2002 година.

Уште повеќе дискутабилнен концептот на „интелигенција на народите“ кој се граничи со квазинаука, па дури во него има и дискиминаторски, расистички, па и нацистички елементи.

Со текот на годините овие содржини се трансформираат во вести што имаат тенденција да носат забавен карактер и не ретко со наслови и содржини со дискриминаторски карактер кои се засноваат врз полуинформации или дезинформации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од...