Иако нефункционално, лизгалиштето кое беше поставено во центарот на Тетово веќе два месеци е на истото место. Објектот што не се користи стана пречка за граѓаните кои го користат центарот на градот за шетање и му дава лош изглед на централното градско подрачје, пишува „Порталб.мк“.

Од Агенцијата за млади и спорт велат дека нефункционалното лизгалиште ќе биде отстрането најдоцна до крајот на оваа недела.

– Не сме информирани зошто досега не е отстрането, ние ја контактиравме компанијата со која имаме договор и гарантираме дека лизгалиштето ќе биде отстрането најдоцна до крајот на оваа недела. Свесни сме за фактот дека тоа нефункционално лизгалиште претставува пречка за граѓаните на Тетово – ни рекоа од Агенцијата за млади и спорт.

Лизгалиштето беше поставено на плоштадот во Тетово на крајот од декември минатата година и истото беше предвидено да се стави во функција веднаш по Нова Година. Меѓутоа, до ова не дојде бидејќи за време на прославата на Нова Година, неколку граѓани, сѐ уште непознати за соодветните институции, го оштетиле, и тоа на неколку места, со што се оневозможи пуштање на лизгалиштето во функција во планираниот рок.

Одговорност за оштетувањето сѐ уште нема преземено никој. Во времето кога било оштетено, од Агенцијата за млади и спорт вината ја насочуваа кон Општина Тетово, бидејќи како што велеа тие, таа имала обврска да се погрижи за истото, а не постапила така. Од друга страна, од Општина Тетово рекоа дека не се надлежни да го чуваат лизгалиштето.

Агенцијата за млади и спорт потпиша договор со една австриска компанија за монтирање и демонтирање на рекреативни лизгалишта, во седум општини во државата. Проект којшто чинел 227.000 евра.