fbpx

Недостатокот на владеење на правото во рамките на ЕУ го кочи нејзиното проширување со земјите кандидати

-

Во Вториот извештај на Европската Комисија за владеење на правото во ЕУ, објавен пред повеќе од една недела, беа упатени бројни критики во врска со владеењето на правото во некои од нејзините членки. Од оваа гледна точка, експертите кои говореа за Порталб.мк, се поделени дали ваквите вознемирувачки извештаи може да влијаат на проширувањето на ЕУ, и со оглед на критиките на земјите – членки, што можеме во иднина да очекуваме за Северна Македонија, која е земја кандидат за членство.

Според Малинка Ристевска Јорданова, моменталната ситуација во Македонија не дава основа за повлекување паралела со најкритикуваните земји споменати во Извештајот. Меѓутоа, ако се вратиме само неколку години наназад, вели таа, имавме ситуација која се карактеризираше со многу по негативни примери и практики отколку извештаите за владеење на правото во ЕУ. Дополнително, позиционирањето на политичките партии во земјата во поширокиот европски политички спектар и особено партнерствата со владејачките партии во споменатите земји го креваат прагот на будност.

„Воздржаноста на некои земји – членки на ЕУ во однос на проширувањето секако е поврзан со пречките во демократскиот процес што се одвиваат во некои нови земји -членки на ЕУ – особено Полска и Унгарија, кои беа жестоко критикувани во извештаите за владеење на правото и што уште попроблематично – не реагираат на критиките од институциите на ЕУ. Меѓутоа, толкувањето на скептицизмот за проширување би било многу поедноставено доколку се базира само на овие примери. Овие две земји беа меѓу „фаворитите“ во последниот процес на проширување, така што никој не предвидуваше дека тие ќе станат „проблем“. Од друга страна, самиот Извештај на ЕУ покажува дека и покрај високите стандарди на ЕУ во оваа област, истите не треба да се земат здраво за готово – дека овој превентивен инструмент е токму затоа и создаден, и ги вклучува сите земји-членки“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики.

Сепак, вели таа, процесот на пристапување сигурно ќе биде долг и сложен, така што отпорот кон пречките за демократијата и владеењето на правото и, од друга страна – оддржливоста на позитивните промени ќе биде постојано тестирани.

Од друга страна, Димитар Николовски од Евротинк оценува дека заклучоците во извештајот не откриваат нови појави во ЕУ. Предизвиците со кои се соочува Брисел во однос на судството, корупцијата и слободата на медиумите во некои земји – членки покажуваат само противречности и институционална немоќ за преземање конкретни активности.

„Проблемите во рамки на ЕУ ќе се рефлектираат во самото проширување. Неможноста за дејствување против земјите – членки значи заострување на критериумите за оние по кои може да се дејствува, а тоа се земјите кандидати. Нашиот проблем со Бугарија ги стави реформите и општата ситуација со демократијата во втор план, но дебатите во ЕУ ќе ни се вратат како кандидати. Очекувам дека доцнењата во нашиот процес на прием ќе се совпаднат со воведувањето построги критериуми за нас“, вели Николовски.

Инаку, вториот извештај ја задржа методологијата на првиот извештај и ги опфаќа областите на правосудниот систем, рамката за борба против корупцијата, плурализмот и слободата на медиумите, како и други институционални прашања поврзани со механизмите за контрола и рамнотежа. Како и минатата година, покрај целокупниот извештај за целата Европска унија, беа објавени одделни извештаи за секоја од 27 земји – членки.

Унгарија и Полска, за кои веќе се започнати постапки, според член 7 став 1 од Договорот за ЕУ, таканаречениот превентивен механизам за владеење на правото – упорно ги игнорираат и критиките и препораките од Извештајот. Полска не ги спроведува  ниту привремените мерки на Судот на правдата на ЕУ во врска со независноста на судиите. Критиката на ЕК исто така се однесува и на влошувањето на положбата на новинарите и генерално се заклучува дека системот за рамнотежа и контрола е под „сериозен притисок“. И унгарските власти не реагираат на критиките на ЕК, особено за понатамошната закана за независност на судството, за медиумска независност и плурализам, како и за притисокот врз невладините организации кои се критички настроени кон Владата.

Загрижувачки се сериозните критики кон државата, која беше лидер во регионот на Југоисточна Европа и актуелен претседавач со ЕУ – Словенија во Извештајот влошување на состојбата со медиумската независност и плурализам, и заплашување новинари.

Што се однесува до Бугарија, и покрај фактот што има усвоено Акциски план во врска со Извештајот за владеење на правото на ЕУ, наодите од извештајот практично покажуваат дека реформите во правдата стагнираат, додека антикорупциските политики не резултираат со решавање на случаи на корупција од висок профил.

Некои земји, пак, реагираа на клучните критики за минатогодишниот извештај на ЕУ. Тие вклучуваат, прво, Словачка и Малта, кои презедоа мерки, особено за зајакнување на независноста на судството.

Ваквите ефекти од Извештајот на ЕК за владеење на правото им даваат право на критичарите и поддржувачите на овој механизам. Критичарите ги земаат како пример земјите кои остануваат глуви на критиките од ЕК и посочуваат дека практично нема санкции за „непослушните“, дека тие се премногу бавни или ЕУ не ги користи дури и санкциите со кои располага. Оваа дебата не е само теоретска, бидејќи вистински тест ќе биде спроведувањето на владеењето на правото при користење на фондовите на ЕУ. Изјавите на Вара Јурова, потпретседателка на Комисијата за вредности и транспарентност и комесарот за правда Дидие Рејндерс, јасно покажуваат дека акцентот ќе биде ставен и на санкциите, не само на превенцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...