fbpx

Недостасуваат дефектолози во основните училишта во Тетово

-

Од вкупно 12 основни училишта во Општина Тетово, само две имаат вработено дипломирани дефектолози од оваа област. Eден од нив предава во дури четири училишта. Општина Тетово во соработка со УНДП испрати специјални едукатори за покривање на овој недостиг, но „Порталб.мк“ дознава дека не сите од нив се компетентни да ги третираат овие деца. Проектот меѓу УНДП и Општина Тетово, на кој едукаторите работат со деца со посебни потреби, трае веќе три години.

„Порталб.мк“ имаше пристап до дијагнозите на некои од овие деца, при што може да се увиди дека не сите испратени воспитувачи од Општина Тетово се компетентни да работат со овие деца.

Еден родител, кој има дете со посебни потреби, на новинарот на „Порталб.мк“ му го покажа документот во кој се наведува дека неговиот син треба да се третира од дефектолог, но не и од сегашната воспитувачка, која што по професија е психолог.

– Имам документ од професионален дефектолог во кој јасно е наведено дека мојот син треба да се третира од логопед и дефектолог, од соодветната болница ми рекоа дека училиштето, кое мојот син го посетува има обврска да обезбеди дефектолог. Син ми досега има сменето две училишта, и како последица на тоа има изгубено три години. Тој во моментот посетува редовен процес на образование, го третира психолог, таа е многу добра, но за жал не е компетентна да третира деца со дијагноза на син ми – вели родителот Ердоган Селмани за „Порталб.мк“.

Дополнително, новинарот на „Порталб.мк“ откри дека меѓу 20 – те специјални едукатори, ангажирани од Општина Тетово за третман на децата со посебни потреби, има и лица кои не се ниту дефектолози, ниту психолози, туку имаат завршено Педагошки факултет.

Од Центарот за третман на деца со посебни потреби “Аура“ ни рекоа дека е исклучително штетно што со овие деца работат несоодветни лица, а тоа може само да ја влоши нивната моментална состојба. Тие посочуваат дека недостигот на дефектолози има негативно влијание врз благосостојбата на учениците со посебни потреби и апелираат до Министерството за образование и наука да преземе итна акција.

– Недостигот на дефектолози негативно влијае на благосостојбата на учениците со посебни потреби, создава тешкотии во надминување на бариерите во воспитно – образовниот процес што доведува до дискриминација, булизам, злоупотреба, изолација и губење на самодовербата, што директно влијае на психичкиот развој на детето со посебни потреби – нагласува Арјета Лимани од Центарот за третман на деца со посебни потреби „Аура“.

Таа посочува дека недостатокот на дефектолог влијае и на тоа наставниците да не бидат информирани за видот на нарушување или дијагнозата на ученикот со посебни потреби и начинот на кој треба да им се помага и пристапот што би се ползувал за да бидат прифатени од другите ученици во класот.

– Апелираме надлежните органи во блиска иднина да преземат итни мерки за решавање на ова прашање, што претставува проблем низ целата држава, особено во градот Тетово, каде има значителен број на деца со посебни потреби. Со тоа што на оваа категорија деца не им се обезбедени неопходните услови потребни за образование, се кршат нивните основни права и не се почитува нивното целокупно вклучување во образовните институции во земјата – вели Арјета Лимани.

Арифи: Виновно е Министерството за образование

Тетовската градоначалничка Теута Арифи вината за ова ја насочи кон Министерството за образование и наука, додавајќи дека Општина Тетово испратила писмо до Министерството во кое бара лицата кои работат како лични асистенти да станат дел од образовниот процес. Што се однесува до неспособноста на некои лични асистенти да ги третираат овие деца, таа рече дека тие поминуваат низ посебен процес на обука.

– Според систематизацијата и предвидувањата направени од Министерството за образование, овие работни места се предвидени во училиштата и ние ги пополнивме. Свесни за тоа дека потребите се многу поголеми, затоа Општина Тетово ги надмина очекувањата на Министерството за образование и ги има покриено сите училишта со стручни асистенти, дел од нив се дефектолози, а некои се психолози. Овие луѓе поминуваат низ посебен процес на обука за да работат со овие деца. Ние упативме писмо до Министерството за образование и до Владата на РСМ во кое бараме лицата, кои во моментов работат како лични асистенти, да станат дел од образовниот процес – рече Теута Арифи за „Порталб.мк“.

МОН: Вината е кај училиштата

Од друга страна, од Министерството за образование и наука велат дека само две основни училишта во Тетово ги информирале дека имаат ученици со посебни образовни потреби и за истите се обезбедени дефектолози. Тие истакнуваат дека се преземени голем број чекори со цел да се подобри состојбата, како и да се создадат  подобри услови и можности за едукација на децата со посебни потреби.

– Од Општина Тетово ни имаат побарано 11 нови работни места за основните училишта: еден логопед (овој профил не е вклучен во Колективниот договор и такво работно место не е предвидено со Законот за основно образование), три психолози, еден социјален работник, еден библиотекар, еден помошник директор и четири дефектолози. Сепак, на општинско ниво, само две училишта пријавиле ученици со посебни образовни потреби (ОУ „Лирија“ и ОУ „Андреја Савевски Кикиш“) и за нив има шест дефектолози. Истовремено, во Тетово дефектолог има и во ОУ „Реџеп Вока“ и ОУ „Наим Фрашери“, како и социјален работник „Братство – Мигени“ – изјавија од Министерството за образование и наука за „Порталб.мк“.

Контрадикторни изјави

Сепак, изјавите на директорите на училиштата споменати од Министерството за образование и наука не се совпаѓа со она што го велат од ова министерство.

Од основното училиште „Лирија“ ни рекоа дека во паралелката во која се спроведува редовно образование нема вработени дефектолози, а пак во ОУ „Андреја Савевски Кикиш“ има вработено дефектолог, која што предава и во четири други училишта. Директорот на ОУ „Реџеп Вока“ изјави дека во неговото училиште нема вработени дефектолози, и покрај фактот што тие имаат деца со посебни потреби и неколку пати поднеле барање за вработување на специјален едукатор.

Инаку, на Универзитетот во Тетово, на Одделот за специјално образование и рехабилитација, дипломирани се вкупно 72 дефектолози, а дури 80 отсто од нив се невработени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...