Ако надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) и Владата, не ги послушаат нашите барања за зголемување на платите на наставниците, со што би се вратило достоинството на професијата, во октомври ќе организираме генерален штрајк кој ќе трае со денови, се` до исполнување на барањата.

Ова за „Мета“ го изјави Јаким Неделков претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, на првиот ден од учебната година, кога во тек е предупредувачкиот штрајк на просветниците.

Денеска, училиштата односно наставниците работеа нормално, но некои од нив не прифаќаа деца поради штрајкот, а други организираа прием на првачиња.

– Одлуката на Советот е прифатена во сите училишта и во сите синдикални организации во државата. Имаме и приклучување на вработени кои не се наши членови. Има и наставници кои не се наши членови, но кои по сила на закон треба да работат, па ги прифатија децата кои имаа дојдено. Затоа се создава впечаток дека сите училишта работат. По однос на притисоци, нив ги немаше, или можеби некаде имаше, но многу малку. Очекуваме од овој наш протест МОН и Владата да имаат многу посериозен простап кон нашето барање и очекуваме во текот на септември да изнајдеме заемно прифатливо решение, со кое на просветните работници ќе им се подобри социјалниот статус. Нема овде да застанеме, ќе ги следиме економските состојби и постојано ќе бараме да не` слушнат – вели Неделков.

Според него, целта не била да се обезбеди масовност туку надлежните да го слушнат, како што вели, нивниот плач и врисок.

– Наставник во основно образование зема плата од 21.000 денари, што е премалку за работата и улогата која ја има во општеството. Ако ова не успее, во октомври планираме да организираме генерален штрајк, нема овде да застанеме. Ние ова не го правиме за рејтинг. Ќе бидеме моќни тогаш кога достоинството на професијата ќе го достигне нивото што го заслужува – додава Неделков.

Инаку денеска, во различни училишта, ситуацијата со прифаќање деца беше различна. Во некои се прифаќаа деца и свечено се примаа првачиња со организирани проредби, а во други, на родителите им беше кажано да не ги носат децата на настава, бидејќи нема да има.

Социјалните мрежи деновиве преплавени од различни коментари во врска со штрајкот на просветниците. Некои од родителите ги поддржаа наставниците во нивните намери, а други коментираа дека требало поинаку да се организираат, за да не им се крати радоста на децата, посебно на првачињата.

– Првачињата во основното училиште „Вера Јоциќ“ ги печекаа само директорот и две предметни наставнички. Тој се извини што не биле пречекани како претходните години, со приредба – вели мајка на првоодделенец.

Инаку министерот Арбер Адеми, кој повика родителите денеска да ги носат децата на училиште, беше во посета на две училишта. Претстедателот на државата Стево Пендаровски најавено е дека утре ќе присуствува на свечена приредба по повод прием на првачињата во основното училиште „Панајот Гиновски“ во општината Бутел.