Фото: Арбнора Мемети

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 25 до 31 јануари 2021, тестирани се вкупно 13.742 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 24,5 проценти во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.036 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 17,9 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 18 проценти, или во просек 14 проценти, идентично како минатата недела.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (26,5 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (18,1 отсто), 50-59 (17,9 отсто), 30-39 (18,4 отсто) и 20-29 (12,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (2 отсто) и 10-19 години (4,8 отсто). По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 2.977 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 41,4 проценти помалку во споредба со минатата недела,“ се вели во Извештајот.

Пријавени се 64 смртни случаи од 18 града, со намалување од 7,2 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лицa биле над 60 години, 6 лица на возраст од 50-59 години и 3 лица на возраст од 40-49 години.