Фото: Арбнора Мемети

Согласно неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 до 24 јануари, тестирани се вкупно 11.036 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,8 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.

Регистрирани сe 1.727 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 28 отсто во однос на минатата недела. Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 19 отсто, или во просек 14 отсто, што претставува намалување од 2 отсто во однос на минатата недела.

Извештајот покажува дека најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (49,3 отсто), со неделна инциденца – 137,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 190,5/100.000 е регистрирана во Кавадарци.

Во однос на возрасната група заболени лица, најзастапена е групата на лица на возраст над 60 (29,4 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (17,3 отсто), 50-59 (17,3 отсто), 30-39 16,6 отсто), и 20-29 (13,4 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,9 отсто) и 10-19 години (4,2 отсто).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.084 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 12,1 отсто помалку во споредба со минатата недела.
Во горенаведениот период, пријавени се 69 смртни случаи од 23 града, со намалување од 12,7 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лицa биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50-59 години, 2 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.