Фото: Арбнора Мемети

Бројот на регистрирани позитивни случаи на ковид-19 минатата недела бележи намалување, во услови на зголемување на направените тестирања, со што е намален процентот на позитивни лица меѓу тестираните во земјава. Наспроти ова, расте бројката на оздравени пациенти. Сепак, податоците на Министерството за здравство покажуваат дека минатата недела имало и зголемување на бројот на починати лица заболени од ковид-19.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 11 до 10 јануари 2021 биле тестирани вкупно 14.111 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 2.397 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 3 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје.

Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување се движи од 11 до 19 отсто, просечно 16 отсто, што претставува намалување од 3 отсто во споредба со минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (18,6 отсто), 30-39 (17,6 отсто), 50-59 (16,8 отсто) и 20-29 (14,7 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,3 отсто) и 10-19 години (4,7 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.785 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29,7 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Во периодот на известување, пријавени се 79 смртни случаи од 23 града, со зголемување од 6,8 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.