Фото: Polina Tankilevitch from Pexels

По подолг временски период, неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 5 до 11 април регистрира намалување на бројот на новозаболени лица од ковид-19 во земјава, наспроти растот на бројот на починати лица и на оздравени пациенти во однос на претходниот седумдневен период.

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека тестирани се вкупно 27.329 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.867 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 13,4 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.857; 41,6 отсто), со неделна инциденца – 462,6/100.000. Највисока неделна инциденца од 525,2/100.000 е регистрирана во ПЕ Кавадарци.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 16,2 до 29,6 отсто, или во просек 24,3 отсто, со зголемување за 5,0 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=2.106, 30,7 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=1.245; 18,1 отсто), 40-49 (n=1.201; 17,5 отсто), 30-39 (n=1.176; 17,1 отсто) и 20-29 (n=711; 10,4 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=112; 1,6 отсто) и 10-19 години (n=316; 4,6 отсто).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 6.112 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 25,7 отсто во споредба со минатата недела.

Пријавени се 276 смртни случаи од 29 градови, 6,2 отсто повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 238 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 8 лица од возрасната група од 40-49 години и 3 лица од 30-39 години.

Заклучно со 11.04.2021 година, во земјава вкупно се вакцинирани 7.011 здравствени работници со прва доза (4.015 – Pfizer/Biontech и 2.996 – Sputnik V) и 5.857 (3.817-Pfizer/Biontech и 2.040- Sputnik V ) со втора доза на вакцина против ковид-19. Од 31.03.2021 започна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 11.04.2021 вакцинирани се 8.330 лица. Од 05.04.2021 се започна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде што покрај вакцинирани здравствени работници беа вакцинирани и лица од критичната популација, вкупно 12.093.