Фото: Ковид-19 пациент на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби | Автор: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 8 до 14 февруари се тестирани вкупно 16.299 материјали во лабораториите за молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е за 13,2 отсто повеќе во однос на една недела претходно.

Според анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на вирисот, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на ковид-19 од странство, соопшти Министерството за здравство.

Во минатата недела се регистрирани 2.232 нови позитивни случаи од 33 градови, повеќе за 5,3 отсто во споредба со претходната недела, при што најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=953; 42,7 отсто), со неделна инциденца од 154,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 425,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.

Процентот на позитивност е од 6,8 до 16,6 отсто, во просек 12,9 отсто. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапена е групата на лица над 60 години (n=583, 26,1 отсто). Голем број заболени има и кај возрасните групи од 30 до 39 (n=416; 18,6 отсто), од 40 до 49 (n=408; 18,3 отсто), од 50 до 59 (n=379; 17 отсто) и од 20 до 29 години (n=276; 12,4 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (n=53; 2,4 отсто) и од 10 до 19 години (n=117; 5,2 отсто).

По два негативни теста за SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 24,2 отсто помалку во споредба со една недела претходно.

Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, што е помалку за 34,8 отсто, а во однос на возраста, 38 лицa биле над 60 години, 4 лица од 50 до 59 години и едно лице на возраст од 40 до 49 години.