fbpx

Неделата на проверката на факти во 2023 во знак на борбата против дезинформации на различни фронтови

-

Фондацијата Метаморфозис и оваа година се приклучува кон одбележувањето на 2 април – Денот на проверката на факти, при што во текот на целата оваа недела ќе се одржат редица настани за проверката на факти и во земјава и на меѓународно ниво.

 

ПРЕГЛЕД

Овогодишниот Ден за проверка на факти поминува во период на засилен притисок од напливот на дезинформации и потребата од справувањето од нив и сѐ поголема ангажираност на оние кои таквите дезинформации ги шират низ сите современи канали за комуникација во јавниот дискурс.

Ако минатата година во ова време сѐ уште се справувавме со вообичаените невистини за ковид-19 и особено за анти-ковид вакцините, како и со првичниот наплив на дезинформации поврзани со руската агресија врз Украина, годинава ковид дезинформациите се видоизменуваат и се аплицираат врз најразлични сегменти од јавното здравство какви што се повиците за неупотреба на другите корисни вакцини, дезинформации поврзани со бременоста, дезинформации за лекови наменети за справување со најразлични болести, при што им се придаваат неточни наводно штетни карактеристики кои никаде не се забележани.

Кога станува, пак, збор за дезинформациите поврзани со руската агресија врз Украина, продолжува трендот на нивно увезување од странство, при што таквите дезинформации речиси без исклучок служат за понатамошно наметнување и засилување на познатите наративи на Кремљ, чија цел е да се оправда неправедната и со ништо непредизвикана агресија врз Украина, како и да се оправдаат неуспесите на руските оружени сили на бојното поле. Последен тренд на оваа тема, кој го поттикнуваат локалните поддржувачи на Кремљ во земјава, е реинтерпретирање на увезените дезинформации и нивно внесување во локален контекст со цел да се поткопа про-западната ориентација на мејнстрим политичките сили во земјата.

Исто така, се забележува и тренд истите оние ширители на дезинформации, кои до лани ширеа дезинформации за ковид пандемијата, денес истото тоа да го прават на тема војната во Украина. Ова го потврдува наодот за постоење на конспиративен, заговорнички поглед на светот кај не така мал сегмент од националните популации ширум светот, кој голем број од актуелните вести и настани ги гледа низ призмата на постоење глобален заговор креиран од мал број моќници, за кои се смета дека контролираат сè што се случува и се виновни за сѐ она што е негативно околу нас.

Засилен е бројот и на дезинформации за прашања поврзани со начинот на живот на граѓаните и нивните животни избори или лични караткеристики. Ваквите дезинформации се поврзуваат со тнр. „војна за културата на живеење“ (culture wars), како, на пример, прашања од областа на сексуалното образование, прекинувањето на бременоста, прашања поврзани со ЛГБТ популацијата и тоа особено трансродовите лица и друго, при што ваквите дезинформации се користат за одржување на постоечките стигми и предрасуди, како и за засилување на омразата врз овие ранливи групи. Во последно време, дезинформациите на овие и други теми сѐ почесто се користат и за напади врз Европската унија и нејзините институции, пред сѐ со цел да се разниша про-европската определеност на огромното мнозинство од граѓаните на С. Маедонија.

Особено загрижува новата појава на лажни наградни игри на социјалните мрежи, кои злоупотребуваат познати македонски и странски брендови да креираат лажни страници и да нудат големи количества на атрактивни, но непостоечки награди, а се со цел да ги добијат личните податоци на граѓаните. Според проценките на Фондацијата Метаморфозис, веќе на десетици илјади граѓани на ваков начин им се украдени личните податоци, а не треба да се занемари и потенцијалната опасност овие податоци да се злоупотребат и во политички цели и тоа и во домашните политичките битки, но и од страна на странски актери за ширење на штетни и недемократски влијанија.

Изданијата на Фондацијата Метаморфозис – Вистиномер, Мета и Порталб и во иднина ќе продолжат со битката против дезинформациите, и тоа и против штетните странски недемократски влијанија со користење дезинформации како дел од хибридната војна, дезинформациите на политичко ниво со проверката на вистинитоста на изјавите на политичарите и злоупотребата на вистината за креирање манипулации и користење политички спинови, проверката на исполнителност на предизборните ветувања на политичките партии, како и против дезинформациите во медиумите и на социјалните мрежи.

 

НАСТАНИ И АКТИВНОСТИ

Меѓу редицата активности по повод 2 април, ќе биде спроведена Неделата на проверка на факти со серија активности наменети за промоција на проверката на факти.

Денеска (понеделник – 3 април 2023 година) на телевизијата ТВ21 на албански јазик ќе се одржи дебата на тема „Дезинформациите како закана за сајбер безбедноста“ на која ќе учествуваат Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Шкељзен Османи, основачот на Hybrid.info од Косово и Клодиана Капо, извршниот директор на Faktoje.al.

Фондацијата Метаморфозис на 4-5 април организира меѓународна конференција на тема Дигитална трансформација за граѓаните која ќе се одржи во хотел „Мериот“ (Скопје) и ќе може да се проследи и онлајн.

Во среда на 5 април со почеток во 10:00 часот во рамките на конференцијата ќе се одржи панел со наслов „Како да се изгради отпорност на хибридна војна?“ на која ќе се говори за тоа како сајбер нападите ја саботираат владината ИКТ-структура, како кампањите со дезинформации ги експлоатираат и продлабочуваат постојните поделби и сеат страв кај граѓаните, влевајќи недоверба во демократските институции и др. Говорници на панелот ќе бидат Илија Жупаноски, соработник за дигитални комуникации, Канцеларија на Претседателот на Владата на РС Македонија, Александар Ацев, раководител, Национален центар за одговор на компјутерски инциденти – MKD CIRT, Агенција за електронски комуникации и Мерл Маигре, директорка на програмата за компјутерска безбедност, Академија за е-владеење (Естонија).

На 6 април во Тирана, Faktoje Center организира регионална конференција како дел од Неделата на проверката за факти на Западниот Балкан. На конференцијата ќе учествува амбасадорот на Кралството Холандија во Албанија, Reinot Vos, како и претставници на невладиниот сектор, медиумите и академијата. Конференцијата е организирана во соработка со проектот Western Balkans Anti Disinformation Hub, кој Фондацијата Метаморфозис го организира во партнерство со Faktoje (Албанија), Центарот за меѓународни и безбедносни прашања – ISAC (Србија), Центарот за демократска транзиција – CDT (Црна Гора), Sbunker (Косово) и UGD Zašto ne/Why Not (Босна и Херцеговина) со поддршка на Кралството Холандија.

На пошироко меѓународно ниво, пак, Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) организира он-лајн два панели во понеделник (3 април) на тема Правните предизвици и меѓународната легислатива за проверката на факти и во вторник (4 април) на тема „Проверката на факти во период на криза“. Повеќе информации и формулар за пријавување за учество можете да најдете овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...