fbpx

Неавтентични Фејсбук страници ја таргетираат Северна Македонија

-

Координирани и неавтентични подгрупи на Фејсбук страници шират содржина објавена од различни веб-страници за вести од Северна Македонија, се посочува во написот објавен од страна на Дигиталната истражувачка форензичка лабораторија на Атлантскиот совет – #DFRLab, кој во земјава прв го пренесе Вистиномер.мк во договор со DFRlab

 

DFRLab откри десетици Фејсбук страници поврзани со различни македонски веб-страници за вести, чии карактеристики упатуваат на координирана активност, како и речиси истовремено објавување на идентична содржина. Страниците, исто така, покажуваат знаци на неавтентичност, бидејќи биле креирани како профили за различни интереси, но на крајот промовирале содржина од веб-страници за вести со кои немале никаква поврзаност.

Вкупно, четири одделни мрежи на координирани средства ја споделуваат содржината објавена од 10 македонски веб-страници за вести. Се чини дека некои од Фејсбук страниците се поврзани со Адинамик Медиа, компанија што води веб-страници за вести кои ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, опозициска партија во Северна Македонија. Адинамик Медиа има врски со унгарската про-Фидес јавна телевизиска мрежа Magyar Televízió (MTV). Остатокот од дигиталните добра се поврзани со други веб-страници за вести во Северна Македонија, кои генерално нудат побалансирано известување главно за домашните случувања.

Македонската медиумска сцена се бори со недостиг на финансиска транспарентност, нејасни сопственички структури и длабока политичка поларизација. Политичката поларизација е очигледна од фактот што многу веб-страници за вести во земјата експлицитно ги прикажуваат своите провладини или про-опозициски уреднички ставови, предизвикувајќи загриженост поради недостигот на објективно и независно новинарско известување. Политичките реклами во локалните медиуми се финансираат од државниот буџет, а ваквите политики имаат за цел да ги ограничат парите што се одлеваат во политичкиот дискурс и да обезбедат одреден степен на транспарентност на платеното политичко рекламирање. Меѓутоа, политиките не го опфаќаат информатичкото опкружување надвор од локалните медиуми, со што социјалните медиуми и поголемите независни медиуми се поранливи на манипулации или влијанија.

Оваа динамика станува особено очигледна во поглед на неодамнешните политички случувања во земјата, кои упатуваат на изборите. На почетокот на март 2020 година, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, си даде оставка, откако лидерите на Европската унија не успеаја да се договорат за датум за започнување преговори за членство со Северна Македонија. Во земјата требаше да се одржат вонредни парламентарни избори на 12 април 2020 година, но тие беа одложени поради појавата на новиот коронавирус.

Повеќето дигитални добра се поделени на четири подгрупи, врз основа на вообичаените вести што ги споделуваат.

 

Подгрупа 1: Споделувачи на про-опозициски веб-страници за вести

 

Мрежна мапа со Фејсбук страници од Северна Македнија (бели квадрати) што споделувале про-опозициски домени (црни квадрати). (Извор:  @KaranKanishk/DFRLab)

 

Првата подгрупа се состои од седум Фејсбук страници наводно посветени на различни теми. Сите овие споделувале написи на четири македонски веб-страници за вести: Република Онлајн, Курир, Денешен и Вистина. Овие четири веб-страници за вести главно известуваат за политичките случувања, но нивната содржина е антивладина, бидејќи тие истакнуваат про-опозициски ставови. Четвртата страница за вести, Вистина, не покрива политички теми и се позиционира како таблоиден магазин. Сепак, сите четири страници за вести се во сопственост на истата медиумска компанија поврзана со MTV.

Според Проектот за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), Агнес Адамик, поранешен извршен директор во MTV, ја основа македонската компанија Адинамик Медиа во 2017 година. Фирмата тогаш го купува поголемиот дел од акциите во три македонски медиумски компании – Прва Република, ЕМ Медија и ЛД Прес Медиа. Од 2018 година, овие компании поседуваат седум веб-страници за вести кои ја поддржуваат партијата ВМРО-ДПМНЕ. Компанијата Прва Република ги поседува веб-страниците за вести Република Онлајн и Лидер (Лидер беше последователно префрлена од ЕМ Медиа во Прва Република). Втората компанија, ЕМ Медиа, ги води веб-страниците за вести Курир, Денешен, Економски и Вистина. Третата медиумска компанија, ЛД Прес Медиа, ја води конзервативната страница за вести Нетпрес. Според Mertek Media Center, овие аквизиции му помогнале на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, да го прошири влијанието на Унгарија на балканскиот регион и исто така да го поддржи неговиот сојузник Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија. Груевски е поранешен премиер на Северна Македонија, кој избега од земјата во 2018 година и доби азил во Унгарија.

На Фејсбук страниците во оваа подгрупа, истовремено и со иста зачестеност, се објавуваат претежно идентични написи објавени од веб-страници за вести во сопственост на Адинамик Медија.

 

Различни страници ја споделиле истата содржина во исто време од истите медиуми. Црвените квадрати ги истакнуваат објавите од официјалните Фејсбук страници на Вистина и Република каде може да се забележи истовремено објавување од официјалните страници. (Извор:  @KaranKanishk/DFRLab via CrowdTangle)

 

Вкупниот број на следбеници на седумте страници во оваа подгрупа изнесува над 690.000 корисници, додека официјалните Фејсбук страници на Курир, Република онлајн, Денешен и Вистина имаат малку помалку од 300.000 следбеници. Ова може да укаже на фактот дека, бидејќи овие официјални Фејсбук страници не биле успешни во собирањето публика, тие решиле да создадат координирани мрежи за да ја засилат својата содржина. Засилувачките средства биле создадени во различен временски период помеѓу 2009 и 2013 година и биле управувани од Северна Македонија. Во описите на седумте засилувачки Фејсбук профили немало никакви индикации дека тие се поврзани со веб-страниците за вести што ги промовираат.

Една од официјалните страници на Фејсбук – Економски, за интернет-страницата за вести Ekonomski.mk– не објавува содржина од сопствената страница и наместо тоа, ексклузивно ја споделува содржината на Курир. Со оглед на тоа што обете веб-страници за вести припаѓаат на ЕМ Медија, се чини дека тие ги користат меѓусебните средствата на социјалните медиуми за да ја промовираат својата содржина.

Сите овие страници беа управувани од Северна Македонија, а најголем дел од нивните имиња го содржат зборот „Македонија“. На профилната слика на поголемиот дел од овие профили е поставено знамето на Северна Македонија.

Двете Фејсбук страници „Република Македонија“ и „Ова е Македонија“ имаат слични електронски адреси ([email protected] и [email protected]) како информации за контакт во делот „About“. Страниците „Јас ❤ Македонија“ и „Смеење до солзи“, исто така, имаат поврзани профили на Твитер, а вториот има канал на ЈуТјуб. Овој специфичен канал на Јутјуб има исто име и слика на профилот како една од страниците на Фејсбук – „Насмеј се“ од следната подгрупа, што укажува на поврзаност помеѓу средствата во подгрупите 1 и 2, иако тие промовираат содржини објавени од различни веб-страници.

 

Подгрупа 2: Споделувачи на Маркукуле, News 24 и Сигнал

 

Страници што споделуваат содржина од Маркукуле, NEWS24 и Сигнал. (Извор:  @KaranKanishk/DFRLab)

 

17-те страници на Фејсбук што се наоѓаат во втората подгрупа, споделуваат содржина од три веб-страници за вести: Маркукуле,  News24 и Сигнал. Додека овие страници, исто така, известуваат за политичките случувања, нивната содржина не е толку експлицитно антивладина како содржината објавена од страниците во претходниот подгрупа. Овие веб-страници за вести не содржат информации за компанијата на нивните веб-страници и објавуваат написи без автор. Маркукуле и News24 често објавуваат написи за рускиот претседател Владимир Путин, прикажувајќи го како влијателен лидер кој ги почитува традиционалните вредности и никогаш не ги заборава своите пријатели во неволја. News24 исто така, понекогаш ги споделува видеата на RT и Sputnik.

 

Маркукуле и News24 го претставуваат Владимир Путин како добар лидер и чувствителна личност која доживеала лични трагедии. (Извори:  News 24/архива (лево) и Markukule/архива (десно))

 

Слично како претходната подгрупа, страниците на Фејсбук во оваа подгрупа објавуваат написи во исто време и со иста зачестеност. DFRLab забележа дека 14 од 17-те страници на Фејсбук во оваа подгрупа ги споделувале само написите од Маркукуле и News 24, додека две страници исто така ја споделиле содржината на Сигнал. Една страница ја споделувала само содржината на Маркукуле.

 

Истовремено споделување на содржината на Маркукуле, News24 и Сигнал на Фејсбук профили. (Извор: @KaranKanishk /DFRLab via CrowdTangle )

 

Вкупниот број следбеници на 17-те неавтентични страници на Фејсбук во оваа подгрупа изнесува над 900.000, т.е. приближно девет пати повеќе од официјалните страници на Фејсбук на News24 и Маркукуле.

Официјалната страница на Фејсбук на News24 го смени името од „Слобода за дедо Љубе“ во „News24.mk за Македонија“ во 2016 година. „Слобода на дедо Љубе“ беше движење во Северна Македонија создадено со цел да го поддржи Љубомир Митев, 79 -годишен Македонец, кој смртно застрелал еден од неколкуте разбојници кои ги нападнаa него и неговата сопруга во нивниот дом во 2013 година. Митев беше обвинет за убиство во 2015 година, но граѓаните ја покренаа иницијативата „Слобода на дедо Љубе“ за да го ослободат од гонење. Иако нивните обиди беа неуспешни, Митев, во 2019 година беше прогласен за невин. Останува нејасно како страната на Фејсбук, од страницата за поддршка на Митев, се претвори во официјалната Фејсбук страница на News 24.

 

Информациите за транспарентност на Фејсбук страницата открија дека официјалната Фејсбук страница на „News 24“,  имала различно име во минатото. (Извор:  News24.mk за Македонија/архива)

 

Слично на ова, другите страници во подгрупата, исто така, претходно имале различни имиња кои не се поврзани со нивните постојни имиња. Ова укажува на фактот дека страниците можеби ја искористиле постојната публика за да го зголемат својот опсег.

 

Информациите за транспарентност на Фејсбук страницата откриваат дека имињата на страниците биле менувани повеќепати. (Извор: Пелагонија — Pelagonija.mk/архива, горе лево;  Страница на среќата — Stranica na srekjata/архива, горе десно,  Македонци/архива, долу лево;  Најдобри Твитови/архива, долу десно)

 

Подгрупа 3: Споделувачи на Пулс 24 и Булевар

 

Страници што ја споделуваат содржината на Пулс 24 и Булевар (Извор: KaranKanishk/DFRLab)

 

Страниците на Фејсбук во оваа подгрупа ја споделуваат содржината од две веб-страници за вести: Пулс 24 и Булевар. Според информациите на веб-страницата Пулс 24, таа припаѓа на New Media Enterprise, компанија регистрирана во Скопје, Северна Македонија. На веб-страницата се дадени и информации за контакт на главниот уредник. На веб-страницата Булевар е објавен македонски телефонски број, е-пошта и името на компанијата на која припаѓа веб-страницата, односно Stratton Media.

DFRLab откри дека Фејсбук страниците во оваа подгрупа може да се поврзат со Филип Петровски, десничарски претседателски кандидат на претседателските избори во Северна Македонија во 2019 година и поранешен член на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Петровски се спротивстави на промената на името на земјата, од Македонија во Северна Македонија, чекор преземен како средство за отстранување на блокадата на Грција за пристапните преговори кон НАТО. Петровски се залагаше и за поништување на Преспанскиот Договор, со кој се предвидува промена на името, потпишан од Грција и Северна Македонија во 2018 година. Петровски често ги споделува написите на „News 24“ на неговиот личен профил на Фејсбук; објавите што содржат линкови до статии на „News 24“ на неговиот личен профил подоцна се појавуваат и на засилувачките страници со идентичен придружен текст.

Линковите до Пулс24, објавени на личниот профил на Филип Петровски, подоцна беа истовремено споделени од некои од страниците со идентичен придружен текст. (Извор: Filip Petrovski/архива, лево;  Македонија Вечна/архива, централно; Александар Македонски/архива, десно)

 

Покрај тоа, на две страници во оваа подгрупа имаше имиња поврзани со Петровски. Како профилна фотографија на страниците „Филип ЗА Македонија“ и „ФИЛИП ПЕТРОВСКИ“ е поставена фотографија од Петровски. Покрај тоа, во деловите „About“, обете страни содржат детали од неговата биографија и неговите политичките погледи. DFRLab не може да потврди дали самиот Петровски управува со овие страници, меѓутоа, на овие страници се објавувани и написи од Пулс 24 со ист текст како што објавите на неговиот личен Фејсбук профил.

 

Буквален текст објавен со иста приказна на различни страници, сите објавени во исто време и датум. (Извор: Македонија Вечна/архива, лево;  Филип ЗА Македонија/архива, средина; Бев Сум и Секогаш ке бидам горд МАКЕДОНЕЦ/архива, десно)

 

Седумте страници во оваа подгрупа заедно имаат над 335.000 следбеници, додека официјалните страници Пулс 24 и Булевар имаат малку повеќе од 275.000 следбеници. Засилувачките страници биле создадени во различни периоди помеѓу 2009 и 2019 година, а нивните имиња не се поврзани со веб-страниците што ги споделуваат. Овие страници се управувани од Северна Македонија, а повеќето од нив никогаш не го смениле името.

 

Слични начини на споделување на страниците. (Извор: @KaranKanishk/DFRLab via CrowdTangle)

 

Подгрупа 4: Споделувачи на Net Medical Diet и Галама Клуб

 

Страници што ги споделуваат содржините на Net Medical Diet и Галама Клуб (Извор: Karan Kanishk)

 

Четврта координирана мрежа на средства на Фејсбук ја засилува содржината на две други веб-страници за вести – Net Medical Diet, страница за вести поврзани со здравјето и Галама.

Net Medical Diet е сопственост на компанијата DPTU Diapason регистрирана во Скопје, Северна Македонија.

Галама не открива информации за сопствеништвото или за уредничкиот одбор, но двете веб-страници за вести изгледа се поврзани затоа што нивните официјални Фејсбук страници споделуваат содржина и од двете.

 

Истите начини на споделување содржина забележани кај различни страници од оваа подгрупа. (Извор: @KaranKanishk/DFRLab via CrowdTangle)

 

Осумте страници од оваа подгрупа заедно имаат над 770.000 корисници. На официјалните Фејсбук страни на Net Medical Diet и Галама Клуб има малку повеќе од 175.000 следбеници. Страниците се создадени помеѓу 2010 и 2018 година, а нивните имиња не се однесуваат на веб-страниците од кои тие споделуваат содржини. Овие страници се управувани од Северна Македонија и Соединетите Држави, а некои од нив го смениле името во различни временски периоди.

 

Делот за транспарентност на страниците во оваа подгрупа упати на сличен број администратори, како и на соодветните локации во земјата. (Извор: Убави пораки/архива, горе лево; Balkan move/архива горе десно;  TheMen.mk/архива, долу лево; ZabavaX Македонија / архива, долу десно)

 

DFRLab, исто така, откри пет страници на Фејсбук кои ја споделуваат содржината на веб-страници за вести во сопственост на ЕМ Медија. Иако DFRLab не беше во можност да идентификува поврзаност меѓу нив, постои веројатност ЕМ Медиа да ги користи овие средства за промоција на својата содржина.

 

Заклучок

Анализата на DFRLab покажа дека подгрупите на Фејсбук страници ја засилуваат политичката, но и не-политичката содржина објавена од најмалку 10 медиуми во Северна Македонија. Додека некои од профилите ја потврдуваат својата поврзаност со веб-страниците чии содржини ги споделуваат, други не се автентични, затоа што првично се создадени како неповрзани страници со посебни интереси. Сепак, на крајот послужиле за споделување на содржините на веб-страниците за вести. Оваа стратегија се чини ефикасна, бидејќи профилите во секоја подгрупа имаат многу повеќе следбеници од официјалните Фејсбук страници на веб-страниците за вести, а тоа е така најверојатно затоа што неофицијалните страници на Фејсбук ја искористуваат публиката што веќе ја имаат стекнато.

Иако постои координација во рамки на подгрупите, нема индикации за координација помеѓу нив. Покрај тоа, нема никаков знак дека самите веб-страници за вести управуваат со неовластените мрежи.

Присуството на овие онлајн средства и нивниот успех во култивирање на следбеници, поттикнуваат политичка поларизација во македонската јавност пред изборите. Предвремените парламентарни избори беа планирани да се одржат на 12 април 2020 година, меѓутоа, владата ги одложи заради коронавирусот. Според последното истражување на Меѓународниот републикански институт, владејачката партија и десничарската опозициска партија ВМРО ДПМНЕ се речиси изедначени пред изборите. Употребата на неовластена мрежа на социјалните медиуми може да им овозможи на политичките сили да ги доведат во заблуда луѓето и да шират манипулативна содржина за да обезбедат поддршка од гласачите, предизвикувајќи загриженост за интегритетот на изборниот процес во земјата.

Givi Gigitashvili е асистент за дигитално форензичко истражување, Кавказ во DFRLab.

Kanishk Karan е соработник за дигитално форензичко истражување при DFRLab.

Преземено од „Вистиномер.мк“. Оригиналниот текст може да се најде овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...