Oд 18 до 24 ноември се одбележува Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week) и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day).
Целта на кампањата е да се подигне свеста за ризиците по здравјето на луѓето и на животни, но и на животната средина, предизвикани од отпорноста кон антимикробните средства, како и да се промовираат добри практики, со цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми низ целиот свет.
Како што информираат во Агенцијата за храна и ветеринарство, прекумерната или несоодветна употреба може да доведе до појава на отпорни микроорганизми кои не реагираат на антибиотскиот третман, појава која е се почеста последниве децении. Овој феномен, наречен антимикробна отпорност, кој претставува многу сериозна закана за контролата и сузбивањето на болестите ширум светот, е примарна грижа во однос на здравјето на луѓето и животните.
Темата за оваа година е „Дејствувајте сега: Заштитете ја нашата сегашност, обезбедете ја нашата иднина“ (Act Now: Protect Our Present, Secure Our Future).
„Оваа тема ја нагласува итната потреба од преземање смели, заеднички мерки за справување со антимикробната отпорност. Антимикробната отпорност веќе им штети на нашето здравје, прехранбените системи, животната средина и економиите. Таа не е предизвик за иднина. Се случува сега. Инфекциите отпорни на лекови се зголемуваат, но свеста, инвестициите и дејствувањето сè уште не се доволни“, се наведува во соопштението од АХВ.
Пред извесно време, Мета го интервјуираше д-р Дугаѓин Османи, националниот кординатор за антимикробна резистенција од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Тој предупреди дека пациентите не смеат да земаат антибиотик на своја рака.
„Пациентот едноставно заклучува дека е болен и дека треба да земе антибиотик, мислејќи дека така ќе си помогне. Но треба да појде на лекар, кој ќе направи проценка, дали се работи за инфекција врз основа на микробиолошка анализа, а потоа и проверка на чувствителност на таа бактерија на одреден антибиотик, па дури потоа истиот се користи. Треба да се најде вистинскиот антибиотик кој би се земал во одреден временски период и во точно дефинирана доза. Само ова е рационално користење на антибиотик. Сè друго спаѓа во злоупотреба“, рече тој.
Тој кажа дека немаме сеопфатен систем кој ги опфаќа потрошувачката и во болничка и во вонболничка средина.
„Немаме евиденција на антибиотиците кои се продаваат или препишуваат. Во светски рамки СЗО има дадено начин како се калкулра потрошувачката, а тоа се вика дневни дози за 100.000 жители. Според некои студии, потрошувачката на антибиотици во Македонија е на високо ниво споредено со ЕУ. Треба во болничките установи треба да има комитет сочинет од експерти – клинички доктор, фармаколог, микробиолог, кои би правеле таргет на антибиотици кои треба да се употребат при различни дијагнози. Треба да се изготват водичи за рационална употреба на антибиотици. СЗО има листа на класификација, според која би требало во примарна здравствена заштита да се употребуваат, на пример, пеницилини, кои имаат тесен спекар, но не даваат можност да се создаде антимикробна резистенција“, рече Османи.
