fbpx

Не Зеленски, туку украинскиот народ е добитник на наградата „Андреј Сахаров“ на Европскиот парламент

-

Европскиот Парламент не му ја додели наградата ‘Андреј Сахаров’ на Володимир Зеленски лично, туку на „храбриот украински народ претставуван од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, избраните лидери и цивилното општество“. На веб-страницата на Европскиот парламент е објавено дека годинешната награда е доделена на украинскиот народ. Наградата Сахаров за слободата на мислата се доделува секоја година од страна на Европскиот Парламент. Таа е воведена во 1988 година во чест на поединците и организациите кои ги бранат човековите права и фундаментални слободи, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Зеленски ја доби наградата Андреј Сахаров на Европскиот парламент за слобода на мислата. Тој што ги забрани сите опозициски партии, ги затвори сите медиуми и отвори кривични предмети против сите опозициски новинари? Европскиот парламент е срамно ДНО.

Прво, Европскиот Парламент не му ја додели наградата Андреј Сахаров на Володимир Зеленски лично, туку „на храбриот украинскиот народ претставуван од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, избраните лидери и цивилното општество“. На веб-страницата на Европскиот Парламент е објавено дека годинешната награда е доделена на украинскиот народ.

Оваа награда е за оние Украинци кои војуваат на боиштата. За оние кои беа присилени да бегаат. За оние кои ги загубија своите роднини и пријатели. За оние кои се спротиставуваат и се борат за она во што веруваат. Знам дека храбрите луѓе во Украина нема да се предадат, а нема да се предадеме ниту ние, изјави претседателката на Европскиот Парламент Роберта Метсола, прогласувајќи го добитникот.

Наградата Сахаров за слободата на мислата се доделува секоја година од страна на Европскиот Парламент. Таа е воведена во 1988 година во чест на поединците и организациите кои ги бранат човековите права и фундаментални слободи. Наградата е именувана во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров и вредноста на наградата е 50 илјади евра. Минатата година Европскиот Парламент ја додели оваа награда на рускиот опозициски политичар и антикорупциски активист Алексеј Навални.

 

Дали Зеленски ги „забранил” сите опозициски партии?

Во постот што го рецензираме се вели дека Зеленски ги забранил сите опозициски партии. Но, причината за нивната суспензија не е дека се „опозициски”, а не е ниту точно тврдењето дека се забранети сите опозициски партии.

На 20 март годинава, Украина суспендираше 11 политички партии, кои имаат поврзаност со Русија. Тогаш украинскиот Совет за национална безбедност и Советот за одбрана ги суспендираа 11-те проруски политички партии додека во земјата беше прогласена воена состојба. Зеленски изјави дека партии како таа на Виктор Медведчук (промосковски олигарх со блиски врски до рускиот претседател Владимир Путин) „Опозициска платформа за живот“ се формирани со цел да ја разделат Украина. Украинските власти го обвинија Медведчук и тој беше во куќен притвор од каде избега три дена по почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина. Националниот совет за безбедност на Украина одлучи да ги забрани овие партии и да не им дозволи понатамошна политичка активност. Повеќето од нив беа мали партии освен „Опозициската платформа за живот” која имаше 44 места во Парламентот на Украина од вкупно 450.

Активностите на овие политичари се со цел да се создаде поделба, но нема да успеат и ќе добијат жесток одговор, изјави Зеленски.

Дополнително, партиите беа забранети во контекст на воена инвазија, која што Русија ја започна во Украина, па голем дел од политичките структури во Украина беа поврзани со Русија и се направи обид тоа да се спречи. Листата на партии кои што беа забранети ја вклучуваше и партијата „Наши” водена од Јевхен Мурајев, како и други партии кои немаа претставници во Парламентот. Пред почетокот на војната, неименувани претставници на британската разузнавачка служба тврдеа дека Русија има намера да го инсталира Мурајев, да ја води марионетската влада под контрола на Кремлин, тврдења кои тој ги негираше.

Потоа, претседателот Володимир Зеленски, на 14 мај 2022 година, потпиша нов закон кој и официјално забранува проруски политички партии.

Законот стапи во сила ден по неговото објавување. Врховната Рада односно украинскиот парламент претходно, на 3 мај, го одобри законот, забранувајќи проруски политички партии да се ангажираат во антиукраински активности.

Од ова произлегува дека не е точно дека Зеленски ги забранил опозициските партии во Украина, туку само тие кои се проруски и кои се ангажирале во антиукраински активности.

Понатаму, не е точно тврдењето во постот што го рецензираме, дека Зеленски ги затворил сите медиуми и отворил кривични предмети против сите опозициски новинари. Украинскиот претседател потпиша декрет кој ги комбинира сите национални телевизиски станици на една платформа, поради тоа што „во време на воена состојба унифицирана политика за информирање за него претставува императив“.

Украинските медиумски канали кои се во приватна сопственост продолжија да функционираат на ист начин од стартот на руската инвазија врз Украина која се случи на 24 февруари годинава. Во 2021 година, Зеленски ја забранил опозициската медиумска страница Страна.уа и воведе санкции против нејзиниот уредник Ихор Хузва. Адвокати ја критикувале оваа одлука како незаконска. Ова се случило шест месеци откако биле затворени три телевизиски канали во почетокот на 2021 година. Властите на Украина се повикаа на заштита на националната безбедност поради тоа што „новинарите на Страна.уа се проруски пропагандисти, а мерката е преземена за да се заштити информативниот простор“. Оваа веб-страница се префрли на нов интернет домен и функционира до ден денешен.

Тоа што Зеленски исклучи три телевизиски станици кои се проруски, беше критикувано од страна на ЕУ, нешто што прави делот каде Европскиот Парламент се критикува во постот што го рецензираме, да биде неоснован.

На програмата на исклучените телевизии, конфликтот во Донбас бил нарекуван „граѓанска војна“, се кажувало дека населението на Крим прекумерно го поддржува анексирањето од страна на Москва од 2014 година и повикувале на мир и трговија со Москва.

По почетокот на воената инвазија на Русија во Украина, сè почести се повиците на украинските власти за одговорно известување во обид да се заштити националната безбедност.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека постот кој го рецензираме е пост во кој се пропушта контекстот. Не Зеленски лично, туку украинскиот народ е добитник на наградата Андреј Сахаров на Европскиот Парламент. Не е точно дека Зеленски ги забранил сите опозициски партии, туку 11 и не поради тоа што се опозициски, туку поради сомнежи дека се руски инсталации во Украина. Не е точно и дека Зеленски ги затворил сите медиуми и отворил кривични предмети против сите опозициски новинари.

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...