fbpx

Не стивнува бегалскиот бран, Аврамопулос предупредува за распад на шенген-зоната

-

Грчките патнички бродови ќе станат привремени прифатни центри за бегалците. Грчкиот министер за поморство, Теодорос Дрицас, најави план за привремено сместување на бегалците на траектите покрај островите како Хиос, Лезбос и Самос до недела.

Идејата е бродовите да останат закотвени на островите, бегалците да имаат покрив над глава неколку дена додека се најде соодветен простор околу Атина за да бидат пренесени на Пиреја, а потоа сместени на соодветен простор.

Министерството препорачува бродовите да не го користат целосниот капацитет, односно да пренесуваат луѓе до 50 отсто од она што може да го собере бродот, како и бродовите да се користат како привремено засолниште за бегалците. Во меѓувреме, владата бара соодветни места да се изградат прифатни центри или простори да се пренаменат во мигрантски центри. Министерот за одбрана, Панос Каменос, најави и изградба на нови прифатни центри околу границата.

Илјадницата бегалци сè уште се заглавени на пристаништето Пиреја, на плоштадот Викторија во Атина, на автопатите од Атина кон Солун, околу Солун, во сала во Кожани, а од вчера и на стариот западен аеродром кај Атина. Голем дел од оние кои се заглавени во близина на Солун, семејства, мајки со деца, сами малолетни деца, инсистираат пеш да одат кон Идомени за побргу да стигнат до македонската граница во очај да заминат од Грција.

Ситуацијата е драматична, голем дел од нив се заглавени во многу тешки услови, спијат во автобуси, на чекалните во пристаништата или покрај автопатиштат.

Според информациите во Грција, Обединентите нации се обратиле до грчката Асоцијација на хотелиери со барање хотели во близина на Атина и на Солун да бидат изнајмени за привремено сместување на бегалците.

На плоштадот Викторија вчера имаше и неколку инциденти предизвикани од фрустрацијата која владее кај бегалците од неможноста да се продолжи нивниот пат до Западна Европа. Во ситуацијата цути и црниот бизнис. Весникот „То вима“ пренесува коментари од граѓаните кои живеат околу плоштадот дека околината се претвора во гнездо на шверцери и на трговци на дрога, кои бараат од бегалците до 4.000 евра за да им продадат фалсификувани пасоши и да ги пренесат до Идомени.

За драматичноста на ситуацијата вчера се изјасни и европскиот комесар за миграција Димитрис Аврамопулос, кој предупреди дека Европската Унија има 10 дена рок да најде решение за бегалската криза, а, во спротивно, можно е да се урне шенген-зоната.

– Во следните 10 дена ни требаат директни и јасни резултати, во спротивно има опасност да се урне системот целосно – истакна Аврамопулос, кој првпат говори со олку предупредувачки тон.

Досега Аврамопулос уверено говореше дека Грција нема шанси да биде исклучена од шенген-зоната, како и дека зоната е сигурна. Аврамопулос бара да се забрза спроведувањето на европските решенија од Самитот за бегалската криза, а не да се настапува со сопствени иницијативи, додавајќи дека не треба да се заборави дека во прашање се човечки животи, а ЕУ веќе нема време за губење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...