Толку многу ветуваниот и многу дискутиран булевар „Благоја Тоска“ во Тетово, никако да се доврши и да се растовари сообраќајниот хаос. Иако беше ветено дека булеварот ќе биде готов во текот на есента, работите таму се изведуваат со слаб интензитет, тврдат граѓаните коишто ја користат оваа сообраќајница. Од општината молчат за тоа кога ќе завршат градежните работи, пишува Порталб.мк.
Се ближи есента а со тоа и рокот за завршување на работите и пуштање во употреба на оваа сообраќајница. За да види до каде се работите, Порталб.мк излезе на терен. Таму може да се види само еден багер и четворица работници. Работите се одвиваат многу бавно.
Жителите од околината велат дека таму некогаш се работи, а некогаш не, и тоа многу бавно. Од Општина Тетово, иако рекоа дека ќе одговорат на новинарските прашања за тоа дали има проблеми во реализацијата на работите и кога ќе завршат, сепак не одговорија.
Потсетуваме дека првиот човек на општината пред два месеца изјави дека при работата за продолжување на булеварот се појавиле многу непредвидени работи, но дека очекува истите во иднина да се санираат.
Сега веќе поранешните општински советници од ДУИ и новоизбраните советници, ја критикуваат општината дека ги присвојува заслугите за овој проект што е добиен од претходното раководство.
Работите за продолжување на булеварот започнаа на 16 мај од Текстилното училиште „Гоце Стојчевски“, за да завршат таму каде што лани во август започна претходното раководство, кај мостот под Градската болница, па и беше оставен на половина.
Според предвидената динамика се очекува работите да завршат во овој месец или во октомври.
Инвеститор на проектот е Владата на РСМ, а финансиран е од ТАВ. Работите на булеварот ги изведува фирмата НБ, а општина Тетово е надзорно тело.
Фисник Џелили