„Гарантирам дека не само што нето нема да се задолжиме, туку и ќе го намалиме долгот кога овие проекти ќе се реализираат“ – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на прашање поврзано со договорот за партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, кој отвора можност за заеми од пет милијарди фунти за изградба на инфраструктурни проекти.
Мицкоски го оцени договорот како историски момент не само за државата, туку и за регионот, поради, како што рече, силното присуство на еден од водечките светски политички и економски чинители.
Тој ги наведе долгогодишните инфраструктурни и енергетски проекти како што се модернизацијата на пругата на Коридорот 10, изградбата на болници, студентски домови и енергетските капацитети Чебрен и Галиште, како примери што конечно добиваат реална можност за имплементација.
Во одговор на критиките од опозицијата за нетранспарентност, Мицкоски појасни дека не е потпишан финансиски договор, туку следи конкурентен дијалог меѓу Министерството за финансии и неколку светски финансиски институции. Според него, финансиите ќе се обезбедуваат по проект, врз основа на барања од ресорните институции.
„Не значи дека ќе ја прифатиме понудата на финансиската институција со која досега сме разговарале. Ако добиеме подобра финансиска понуда од ЕБОР, или од ЕБРД, или од ЕИБ или кои било банки тие ќе ги прифатиме“, објасни премиерот.
Тој нагласи дека камата ќе биде минимална бидејќи Велика Британија ќе ја преземе улогата на гарант, користејќи го нејзиниот кредитен рејтинг. Но, се чини дека слично како на вчерашната прес-конференција повторно го погреши кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство кој по Брегзит беше намален од ААА на АА.
„.. доколку ние сами излеземе на пазарот со кредитниот рејтинг којшто ние го имаме како држава, тој ЕУРИБОР ќе биде надграден со 3,5 – 4% затоа што нашиот кредитен рејтинг е тој, ББ минус. Но, ако го користиме кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, којшто е ААА, тогаш ние ќе добиеме најниска можна каматна стапка којшто некоја држава може да ја добие“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека целокупниот процес ќе биде потполно транспарентен и јавно достапен. Во однос на компаниите кои ги добијат договорите, рече дека ќе бидат три до пет компании.
„Нема да го класифицираме, нема шверцерски да го минеме со европско знаме, нема ништо од тоа. Повторно ќе влезе во Парламент Договорот за реализација на проектите. И тука нема да дојде во Собрание компанија регистрирана или близу до седиштето на една политичка партија, да биде подизведувач или изведувач како што тоа беше и се случуваше во минатото. Туку ќе биде компанија која реализирала, компанија со портфолио. И нема да биде една, туку ќе бидат од три до пет, а можеби и повеќе коишто ќе пројават интерес. Нема да криеме ништо, секоја завртка и навртка ќе имаат цена и ќе биде по принципот „Опен Бук“. За тие што не знаат тоа е дефинирани цени и маргина во проценти“, рече Мицкоски.