Употребата на камени алатки не е способност својствена само за луѓето и нашите изумрени предци. Некои мајмуни исто така избираат соодветни камења и ги користат за да дојдат до храна што не можат лесно да ја отворат со забите или рацете.
Меѓу нив се брадестите капуцинери (Sapajus libidinosus), јужноамерикански мајмуни кои ставаат јаткаст плод врз рамен камен што служи како наковална, а потоа удираат со друг камен како со чекан за да ја скршат неговата тврда лушпа.
Ново истражување покажува дека тие не избираат камења случајно. Како што се наведува во соопштението на Институтот „Макс Планк“ за еволутивна антропологија, мајмуните ги препознаваат физичките својства на различните камења, но особено ги привлекуваат оние што веќе носат траги од успешна употреба.
Истражувањето го спровеле научници од Институтот „Макс Планк“ за еволутивна антропологија во Лајпциг и Универзитетот во Сао Паоло. Тие проучувале две популации во Бразил: дива група во Националниот парк Сера да Капивара, во сојузната држава Пјауи, и група што живее полуслободно во Еколошкиот парк Тиете во Сао Паоло.
На животните им биле понудени стандардизирани камења со различна цврстина. Кога сите камења биле нови и без траги од употреба, капуцинерите почесто ги избирале помеките камења како наковални, а поцврстите како чекани. Тоа покажува дека можат да поврзат одредено својство на материјалот со задачата за која каменот треба да се употреби.
„Изборот на камењата не е само навика“, вели првата авторка на студијата Јохана Хенке-фон дер Малсбург, која за време на истражувањето работела во Институтот „Макс Планк“, а сега е истражувачка во германскиот Институт за биологија на домашните животни во Думерсторф.
Во следните експерименти, мајмуните можеле да избираат меѓу ново место за кршење јатки и место на кое веќе имало оштетени камења и искршени лушпи. Тие јасно го претпочитале претходно користеното место.
Кога научниците директно им понудиле нови и веќе употребувани камења, трагите од претходната употреба понекогаш биле поважни дури и од цврстината. Особено при изборот на наковална, мајмуните избирале камен со вдлабнатини и оштетувања, иако друг камен можел да биде механички посоодветен.

Според Лидија Лунц, раководителка на истражувачката група „Технолошки примати“ во Институтот „Макс Планк“ и главна авторка на истражувањето, мајмуните не морале да гледаат како друг член на групата крши јатки. „Трагите оставени на каменот биле доволни за да ја насочат нивната одлука“, објаснува таа.
Научниците ова го опишуваат како посредно социјално учење. Животното не учи преку директно набљудување или подучување, туку преку промените што другите ги оставиле во околината. Изабен камен, вдлабнатина во наковалната или насобрани искршени лушпи можат да покажат дека на тоа место и со таа алатка претходно успешно се доаѓало до храна.
Резултатите се објавени на 5 август 2026 година во рецензираното научно списание Proceedings of the Royal Society B, во трудот „Social cues on stone tools outweigh raw material properties in wild primates“. Меѓу авторите се Хенке-фон дер Малсбург, Лунц и истражувачи од Германија и Бразил.
Откритието може да им помогне и на археолозите кои ги проучуваат камените алатки на раните човечки предци. Насобраните користени камења можеби не биле само отпад од претходни активности, туку служеле и како своевидно „надворешно сеќавање“ што ги привлекувало следните единки повторно да го посетат истото место и да ги користат оставените алатки.
