Босанскиот портал „Блијесак инфо“ објави текст со погрешен наслов: „Претседателот на Северна Македонија добитник на наградата именувана по основачот на Сараево“ (Predsjednik Sj. Makedonije dobitnik nagrade nazvane po utemeljitelju Sarajeva). Со ваквиот наслов медиумот ја дезинформира јавноста, бидејќи споменатата награда не ја доби претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, туку премиерот, Зоран Заев.

Станува збор за меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“ која им се доделува на странски државници за промоција на мирот, толеранцијата и разбирањето, а која на премиерот Заев му беше врачена на 27 ноември во Народниот театар во Сараево. Наградата му е доделена поради неговите напори и иницијативи посебно во воспоставување пријателства и соработка на Балканот.

Во содржинскиот дел на текстот информацијата за наградата е коректно пренесена, а Заев е претставен „претседател на Владата на Република Северна Македонија“. Во пообмениот извештај од настанот се точно пренесени и делови од обраќањето на Заев. Меѓутоа, во насловот е направена грешка поради која на читателите им се пренесува неточна информација. Иако, превидот најверојатно е направен случајно и ненамерно, сепак, ваквиот наслов дезинформира дека претседателот на државата Пендаровски ја добил оваа меѓународна награда. Што во секој случај претставува пропуст.