Оригиналниот мировен договор од 1913 година не содржи тајна клаузула; не споменува независна Македонија по 100 години; не содржи никаква одредба поврзана со името „Македонија“ во иднина. Дополнително, самиот текст на фотографијата користи современ македонски стандарден јазик, кој не постоел во времето кога договорот бил потпишан, што претставува јасен анахронизам и силен доказ дека станува збор за современ фалсификат, пишува Вистиномер.

Анализираме објава на социјалната  мрежа Фејсбук која вели:

ШТО УБАВ ДОКУМЕНТ. И сега курвинска педерска Европа дали знае да чита

Објавата споделува фотографија од наводен документ со наслов „Договор од Букурешт за поделбата на Македонија“, датиран на 10/23 август 1913 година, во кој, покрај описот на поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција и Бугарија, се наоѓа и наводна „Дополнителна и тајна клаузула“.

Во неа се тврди дека доколку „по истекот на 100 години“ дел од Македонија стане независна држава и го задржи името „Македонија“, тогаш потписничките на договорот ќе се обврзат да работат на повторно воспоставување на територијалното единство или на компензација за изгубените територии.

Проверката покажува дека ваков документ не постои во историските архиви, а фотографијата претставува современ фалсификат.

Мировниот договор од Букурешт е потпишан на 10 август (28 јули според стариот календар) 1913 година, со што формално завршува Втората балканска војна. Потписници се Романија, Србија, Грција, Црна Гора и Бугарија.

Текстот на договорот е достапен во повеќе архивски и научни изданија. Во него се регулираат: воспоставувањето мир меѓу државите; новите државни граници; територијалните отстапки; финансиските и административните прашања; процедурата за ратификација.

Ниту еден член од оригиналниот договор не содржи „дополнителна“ или „тајна клаузула“ што се однесува на идна независна Македонија или на нејзиното име.

Оригинални примероци од договорот денес се чуваат во државни архиви и се дигитализирани.

На пример, бугарските државни архиви имаат објавени скенирани страници од оригиналниот договор; Државниот архив на Македонија има објавено Ројтерова телеграма со текстот на договорот од 1913 година

Телеграма на Ројтерс Фото: АнонименUnknown author, Public domain, https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Reuter_telegram_about_Treaty_of_Bucharest,_1913.pdf

Во ниту еден од овие архивски документи не постои текст што одговара на „член 21“ или наводната „Дополнителна и тајна клаузула“ што се гледа на фотографијата. Договорот завршува со потписите на делегациите и ратификациските одредби.

Најочигледниот показател дека станува збор за фалсификат изработка на документот е јазикот на кој е наводно истиот напишан.

Документот е напишан на современ стандарден македонски јазик, со денешен правопис и граматика.

Меѓутоа, во 1913 година не постоел кодифициран македонски литературен јазик; стандардизацијата на македонскиот јазик е извршена дури во 1945 година, по одлуките на АСНОМ. Затоа е историски невозможно официјален меѓудржавен договор од 1913 година да биде составен токму на современиот македонски литературен јазик.

Особено впечатлива е реченицата според која: „Ако по истекот на 100 години…“

Овој текст практично предвидува настан што би се случил околу 2013 година, односно цел век подоцна.

Во меѓународната дипломатска практика од почетокот на XX век вакви формулации не се користеле, уште помалку како „тајна клаузула“ која однапред предвидува создавање нова држава со конкретно име.

Историчарите и архивските извори не познаваат ваков документ, ниту пак ваква одредба се споменува во дипломатската преписка поврзана со Букурешкиот мировен договор.

Да постоела ваква клаузула, таа би оставила трага во националните архиви на земјите потписнички; дипломатските архиви на големите сили; историските монографии за Балканските војни; научната литература што детално го анализира Договорот од Букурешт.

Наместо тоа, единственото место каде што се појавува е како фотографија што кружи по социјалните мрежи, без архивски фонд, инвентарен број, оригинал или проверливо потекло.

Наводниот документ што се споделува како „Договор од Букурешт за поделбата на Македонија“ со „дополнителна и тајна клаузула“ не е автентичен историски документ.

Оригиналниот мировен договор од 1913 година не содржи тајна клаузула; не споменува независна Македонија по 100 години; не содржи никаква одредба поврзана со името „Македонија“ во иднина.

Дополнително, самиот текст на фотографијата користи современ македонски стандарден јазик, кој не постоел во времето кога договорот бил потпишан, што претставува јасен анахронизам и силен доказ дека станува збор за современ фалсификат.

Поради сето ова, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.