fbpx

Не остана кому да веруваме

-

Ако на Зоран Заев, лидерот на опозицијата, не можеме да му веруваме, кому, ако го примениме истиот принцип на соочување изјави, можеме да веруваме?

На Заев му се забележува дека не можеме да му веруваме затоа што на средбите што ги имал со премиерот Никола Груевски, му рекол дека симките од прислушуваните разговори му се од  странски служби, за потоа на прес-конференција да каже дека го излажал премиерот за да не им направи штета на луѓето кои му помогнале.

Вака се одвиваше разговорот меѓу Груевски и Заев на снимките направени во кабинетот на премиерот.

Груевски: Ти ми викаш, странци ти ги дале?
Заев: Странци де… странци.
Груевски: Странска служба?
Заев: Странска служба… што не е од соседството… нормално… подалечно… странска служба.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа зошто му кажал на Груевски дека материјалите се од странски служби, Заев рече:

„При сите четири средби во највисокото раководство, се држеше состанок овде, во партијата, и беше одлучено – одиме. Ама знаеме дека нè снима, секогаш. Оти ние знаеме што имаме во раце и до каде ќе оди овој човек. Да сте на мое место, ќе му ги кажете луѓето? Луѓето кои се охрабриле, одважиле во ваков режим, во вакво злосторство? На вакви луѓе – нелуѓе, тоа да им го кажеме?“

Груевски на втората прес-конференција за акцијата „Пуч“, која ја одржа во Владата на Република Македонија, неколкупати кажа дека автентичноста на снимките што Заев ги пушта во јавност ќе се докажува на суд. Спротивно на тоа, снимките ги нарекуваше монтирани.

На истиот настан, Груевски прво рече дека снимките што излегле во јавноста се снимени во неговиот кабинет како дел од посебни истражни мерки, но потоа одбегна да одоговори на прашањето кој ги пуштил во јавност и зошто никој не одговара за тоа.

На Заев, откако почна со објавувањето на „бомбите“ и по акцијата „Пуч“, му се префрла дека прво рекол дека не го познава Верушевски, па дека го познава, па дека се обидувал да му обезбеди работна виза.

На прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, тој рекол дека раководството на СДСМ нема блиски контакти со Зоран Верушевски, за потоа Заев, во интервју на „24 Вести“, да каже дека се познавал со поранешниот разузнавач и дека сакал да му извади виза за да побегне во странство.

Зоран Ставрески во приватните разговори, што ги објави Заев, вели дека економијата ни е катастрофа, а пред јавноста на прес-конференција изјавува како сме биле една од најдобрите економии во Европа. Потоа, ги озборува колегите и вели дека кога им зборува на Влада се чувствува како да зборува пред „идиоти или мали деца“, а истовремено, на јавна прес-конференција, вели дека нормално е министрите да имаат различни мислења.

Тој, на пример, како да има две различни лица: едно кога разговара со министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, a сосема друго кога ѝ се обраќа на јавноста. Во разговорите со Јанкулоска, Ставрески вели дека не е „магионичар“ и дека не може да обезбеди пари за секоја глупост, дека буџетот е празен и дека ќе треба или да се намали платата или, пак, да се избркаат луѓе од администрација кои не се потребни.

Ставрески на вонредна прес-конференција рече дека лани Македонија имала најдобар резултат во однос на економскиот пораст и дека државниот долг на земјата е помал од 35 отсто од БДП.

– Лани имавме втор најдобар резултат во однос на економскиот пораст. Државниот долг на Република Македонија денес е под 35 отсто од БДП, што е меѓу четирите најмалку задолжени европски држави. Реформите што ги спроведува оваа Влада веќе донесоа 30 нови странски компании, а годинава се очекуваат инвестиции на уште 25 компании. Успеавме невработеноста што ја наследивме од СДСМ од 37 проценти да ја намалиме на 27,9 отсто, што значи дека креирани се 125.000 нови работни места. Ова се резултатите на оваа Влада и на економскиот тим на оваа Влада – изјави Ставрески.

Неколку часа откако беа пуштени пред јавноста снимките од прислушуваните разговори, во кои Ставрески со погрдни зборови ги опишува и премиерот и колегите, на вонредна прес-конференција тој посочи дека е „нормално луѓето да имаат различни мислења“.

– Министрите имаат некогаш различни мислења. Ние сите тие мислења ги ставаме на маса, ги дебатираме, ги разменуваме аргументите, се сослушуваме, секој има своја позиција, секој ги изнесува своите аргументи. Некогаш таа дебата може да биде пожолчна, некогаш е помирна, некогаш трае со денови, некогаш трае со часови, но на крајот единствено и заедничко од сè е дека низ фаза на аргументи се избира најдоброто решение за граѓаните на Македонија. На таков начин, секогаш ги решававме работите во интерес на граѓаните и ги утврдувавме приоритетите на Владата – рече Ставрески.

Миле Јанакиески, исто, во приватни разговори со премиерот Никола Груевски вели едно, а во јавноста сосема друго.

Министерот за транспорт и врски во разговор (снимки што ги објави Зоран Заев) се договара со премиерот како и кога да го урнат објектот „Космос“ на Фијат Цаноски.

МЈ: Кацарска, судија некоја, се појави на градежници, уште некои документи да достави, ја испративме во општината, се слушнав и со Билјана, страв ми е да не ни дадат судски налог за забрана за рушење.
НГ: Аааа, значи ништо немаме. Одозгора надолу. Многу ситна штета е тоа.
МЈ: Ситна, ситна.
НГ: А?
МЈ: Еве, сега влегоа во објектот, мислам, сега почнаа да работат, дур ги приклучија машините на струја, на вода.
НГ: Сега?
МЈ: Не мислам сега, кај 10 саатот почнаа да работат овие со машиниве, ама се симнаа овие со сајливе, почнаа пред два саати.
НГ: Мхм, мхм.
МЈ: Зошто само три часа требаше да дојдат двајца професори да направат мини-проект да видиме за три четири дена ако можеше скроз да падни како оној Рудине што е објектот. Зошто не знаевме внатре како е, градба, многу има челик ставено, многу тешко се сечи.
НГ: Мхм.

Еден ден откако СДСМ ги објави снимките со овие разговори, министерот Јанакиески рече дека објектот „Космос“ бил „легално срушен“.

– Градежните инспектори утврдиле дека инвеститорот гради објект кој е повисок за еден и пол метар и со тоа отстапува од предвиденото во проектот. Двапати Министертвото за транспорт и врски му ги уважи жалбите на Цаноски за барањата за локациски услови и одобрението за градба. Со самиот факт дека Цаноски по утврдување на фактичката состојба дека изградениот објект не е во согласност со проектот побара да не му се урива, туку во текот на градбата да го смени проектот, за што и самиот тој изјави на медимуите, потврди дека изградил објект кој отстапува од првичниот проект… – рече министерот за транспорт и врски.

Во снимките од прислушуваните разговори што СДСМ ги пушти во понеделникот, Гордана Јанкулоска му зборува на Ставрески дека полицијата „крпи за бензин“ и дека опремата, односно креветите на кои спијат им се од времето на ЈНА.

ГЈ: Абе, јас вчера нели за ова за полицискава станица. Луѓево, значи, рипаат од радост, како мали деца се радуваат зошто имале плочки у купатило и прозорите зошто се затвараат. Значи до таму е дојдена работава. Они сами му кажаа, а спијат на железни кревети, на ќебињата пишува ЈНА.

На вчерашната прес-конференција прашањето дали полицајците сè уште спијат на ќебиња од ЈНА, Јанкулоска го оцени како „малициозно тврдење“ и не сакаше да го коментира, но за состојбите во полицијата рече дека „ниедна Влада толку не инвестирала во опрема и во средства за работа на полицијата“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...