Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против лажните вести „Ellinika Hoaxes“ направи проверка на тврдење изнесено во некои грчки блогови и онлајн-медиуми дека израелски функционер се заканил дека „ќе ја наполнат Европа со мигранти“ и утврдил дека станува збор за измислица.

Според истраженото од „Ellinika Hoaxes“, извор на оваа лажна вест е Јоанис Кудурис, „самопрогласен истражувачки новинар“, кој многу често пишува за теории на заговор но и продуцира ксенофобни содржини.

Потеклото на тврдењето дека Израел ќе ја наполни Европа со мигранти „Ellinika Hoaxes“ го лоцирал во погрешно интерпретирана изјава на Јисраел Хасон, кој до 2014 година бил заменик-директор на Генералната безбедносна служба на Израел, позната како „Шин Бет“, која се грижи за внатрешната безбедност во земјата.

Тој во јули 2014 година, по серија антисемитски инциденти во Европа, на итна седница на Комсијата за имиграција, натурализација и дијаспора на Кнесетот (израелскиот парламент), на која присуствувале и некои амбасадори на ЕУ, на амбасадорите им го кажал следното: ,Ако европските земји не ги заштитат Евреите (што живеат во нив), тоа ќе го стори државата Израел“. Потоа продолжил и предупредил дека „ако не застанете на наша страна, бргу ќе дојде денот кога исламистичкиот терор ќе дојде во вашите домови, вашите кревети и вашите детски градинки“.

„…притоа зборувајќи генерално за борбата против екстремистичките исламистички елементи, а посебно за Палестинците погодени од израелските операции во Појасот Газа. Во ниту еден момент во изјавата на Хасон не може да се најде закана дека Израел ќе ја наполни Европа со имигранти. Поради тоа, тврдењето дека Јисраел Хасон рекол „Ќе ја наполниме цела Европа со имигранти ако Европа не не поддржи“ е неточно“, пишува „Ellinika Hoaxes“