„Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци – Покриен газ никој не го плука“ – преку уметничка акција која утрово беше поставена на улица Македонија во Скопје, група уметници го привлекоа вниманието кон заштитата на лични податоци.
Гигантски гаќи и спружени алишта со испечатени лични документи имаа за цел да ги поттикнат граѓаните, а особено повозрасните генерации, сериозно да ги сфатат заканите и проблемите кои произлегуваат од недоволната и несоодветната заштита на личните податоци.
Акцијата е дел на групата Урбани уметнички акции – Урбана герила на Центарот за современи уметности, а е поставена на 28 јануари, Европскиот ден за заштита на личните податоци.
„Преку оваа акција, користејќи го едноставниот народен јазик и острата мисла на народниот творец раскажана во едноставната синтагма, сакаме да потсетиме дека еднакво како што ги криеме ‘срамните’ делови на нашето тело, треба да ги криеме и нашите лични податоци. На овој начин сакаме да влијаеме на јавноста и на граѓаните да ја развијат свеста и да ја разберат сериозноста на потребата за чување на сопствените лични податоци“, вели Никола Писарев од Центарот за современи уметности.
Од таму потсетуваат дека секојдневно сè повеќе граѓани се жртви на злоупотребата на нивните лични податоци.
„Во полесните случаи ефектите од злоупотребена односно кражбата на личните податоци се сведуваат на пренатрупаност преку е-маил, Вибер, СМС и слични пораки на електронските уреди, но во посериозните случаи граѓаните за жал остануваат со празни банкарски сметки исплаќаат разни претплати за кои никогаш не се согласиле, а во екстремни случаи поради злоупотреба на нивните податоци враќаат брзи кредити“, додава Писарев.
Денешниот ден, 28 јануари, ја одбележува годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на заштитата на личните податоците, што има за цел да ја подигне свеста и да ги промовира добрите практики за заштита на приватноста и заштита на личните податоци. Овој датум се одбележува секоја година од сите земји членки на Советот на Европа, како и од институциите на ЕУ.
Уметничката акција e поставена на улица Македонија во близина на Спомен куќата на Мајка Тереза, а е дел од проектот „Лажни вести – предупредувајќи ги сограѓаните“, поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.