Вистината е дека утрово непознат сторител се обидел да фрли бомба кашикара во штабот (клубот) на ПЦЕР, но не успеал. Бомбата не ни влегла внатре во просториите. Како што раскажа Самка Ибраимоски за Вистиномер, лицето го скршило прозорецот, но не знаело дека има двојно стакло. Ја фрлил бомбата, не знаејќи дека не го скршил второто стакло, па таа се одбила и воопшто не влегла во штабот, туку останала надвор. Сторителот повторно се обидел да ја активира, но не успеал и избегал, пишува Вистиномер.

 

Рецензираме објава на Фејсбук во која се тврди дека бомба експлодирала во штабот на партијата ПЦЕР во Тетово. Ова не е вистина.

Во насловот стои:

Бомба експлодираше во штабот на Самка Ибраимовски

Во текстот не се споменува експлозија, но се пишува за поголема материјална штета.

Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски објави дека денеска во нивниот партиски клуб на ул. „Иво Лола Рибар“ во Тетово била фрлена експлозивна направа, која предизвикала материјална штета. Засега нема информации за повредени луѓе.

Дел од медиумите ја пренесоа веста со слични наслови:

Бомба експлодираше пред штабот на Самка Ибраимовски во Тетово

БОМБА ЕКСПЛОДИРАШЕ ВО ШТАБОТ НА САМКА ИБРАИМОВСКИ ВО ТЕТОВО Сите прозорци се искршени

Бомба експлодираше во штабот на Самка Ибраимовски – (наслов на Република сменет подоцна).

Вистината е дека утрово непознат сторител се обидел да фрли бомба кашикара во  штабот (клубот), но не успеал. Бомбата не ни влегла внатре во просториите.

Во 04 23 минути сабајлево едно лице го скрши прозорецот од нашиот штаб, не знаејќи дека имаме двојно стакло термопан дупли. Кога го скршил со нога стаклото не знаел дека второто не го скршил ја фрлил бомбата, а таа се одбила не влегла воопшто во штабот туку останала надвор. Сторителот повторно се обидел да ја активира, но не успеал и избегал, раскажа Самка Ибраимоски за Вистиномер.

Уште поголема дезинформација е дека бомбата експлодирала.

Не е точно дека имало експлозија, тоа е бомба кашикара со големо разорно дејство. Доколку имаше експлозија ќе имаше голема штета не само во штабот и околината, вели Ибраимоски.

Во текот на денот од СВР Тетово испратија соопштение за настанот, во кое исто така се вели дека бомбата не експлодирала.

Утрово во околу 8 часот, сопственикот на угостителски објект, кој повремено се користи и како клуб на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), пријавил дека бил фрлен објект кој личел на експлозивна направа, но не експлодиралсоопшти СВР Тетово.

Оттаму посочуваат дека бил извршен увид и било констатирано дека се работи за рачна бомба Ф1 која била активирана, но не експлодирала. Нема повредени лица, а било скршено само стаклото од излогот на чајџилницата.

Поради горенаведените факти овие објави ги оценуваме како дезинформација.