fbpx

Не е вистина дека пред еден месец Македонец бил убиен во Бугарија

-

Медиумската објава што се споделува е стара еден месец, кога повеќе портали објавија непотврдена информација дека македонски спортист бил убиен во Бугарија. Но, оттогаш помина еден месец, а за тоа време се дозна и вистинската причина за смртта на момчето. Неговото семејство потврди дека тој не бил убиен, туку дека починал од срцев удар, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Преку објава на Фејсбук објава се тврди дека пред еден месец бил убиен Македонец во Бугарија и дека за тоа немало никаква реакција од надлежните институции. Оваа информација е неточна и тенденциозно се споделува во време кога македонско-бугарските односи се соочуваат со низа предизвици.

Пред месец дена, Македонец беше убиен во Бугарија.

Немаше никаква реакција ни од МНР, ни од МВР, ни од премиер, ни од ЕУ, ниту од вошката на водно.

На објавата која е предмет на оваа рецензија, се тврди дека Македонец бил убиен во Бугарија и притоа на самата објава прикачен е принт скрин од медиумска објава. Насловот на текстот гласи: „македонски спортист убиен во Бугарија“.

Но, она што треба да се знае е дека оваа медиумска објава е од 19 декември минатата година, кога повеќе портали објавија ваква непотврдена информација, како што и впрочем пишува во самиот текст.

Неговото тело е на обдукција и се уште не се знае причината за смртта, пишува во текстот.

Но, оттогаш помина еден месец, а за тоа време се дозна и вистинската причина за смртта на момчето. Неговото семејство потврди дека тој не бил убиен, туку дека починал од срцев удар.

Според документот што го добивме од Судска медицина, по направената аутопсија, утврдено е дека причината за смрт е срцев удар. Затоа се надеваме дека Бог ќе им даде ум на сите луѓе што не се свесни што пишуваат. Не осудуваме никого и не бараме ничија помош, нашите блиски се со нас. Единствен начин да се помогне е да се каже вистината, а вистината е таа што ја кажавме. А тоа што го кажавме, ни го потврдија и од нашата амбасада. Нам ни останува сами да тагуваме до крајот на нашите животи. Сите што лично го познаваа, знаеја каков човек и спортист беше. А тие што не го познаваат можат да мислат и да зборуваат што сакаат, изјавило семејството Спасовски за порталот ММС.

Медиумите шпекулираа со причините за смртта на младото момче, откако негов пријател објави статус на социјалната мрежа Фејсбук.

Но, подоцна беше објавена вистинската причина за смртта на момчето, оттогаш помина еден месец и повеќе нема основа да се споделуваат шпекулации.

Во објавата што е предмет на оваа рецензија се тврди и дека немало никаква реакција за случајот од МНР и од МВР, што е исто така неточно. Од Министерството за надворешни работи веднаш понудија асистенција за поблиското семејство на починатиот.

Известуваме дека министерството веднаш штом доби информација за починат наш државјанин С.С. во република Бугарија, преку Амбасадата на Северна Македонија во Софија, стапи во контакт со надлежните органи, од каде доби првични информации за случајот. Преку МВР веќе е стапено во контакт со семејството на починатиот во земјава и истите се соодветно информирани за случајот, информира МНР.

Особено е проблематичен фактот што вакви шпекулации се споделуваат тенденциозно, во сензитивен период за македонско-бугарските односи. Па така, објавата на Фејсбук што е предмет на оваа рецензија, која содржи стара и неточна информација, е објавена неколку денови откако беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.

Надлежните институции сé уште работат на истрагата за да се открие вистинската причина за овој инцидент во Охрид. Но, иако причината сé уште е непозната, случајот предизвика жестоки реакции од двете страни.

Ваквите невистинити информации, споделени на социјалните мрежи, кои имаат тенденциозна цел да предизвикаат тензија и нетрпеливост, можат само да ја влошат ситуацијата и да придонесат да се зголеми говорот на омраза.

Поради сите набројани факти, оценуваме дека оваа објава содржи невистинити информации. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...