fbpx

Не е вистина дека бебињата на вакцинирани мајки развиваат ВАИДС

-

Од почетокот на вакциналната кампања до денес се шират дезинформации дека вакцините се штетни за мајките и нивните бебиња, сепак тие не се фактички поткрепени. Пребарувањето во легитимната биомедицинска литература не пронаоѓа термин „вакцинален имунодефицитарен синдром”. Тврдењето во постот дека вакцините предизвикуваат ВАИДС кај бебињата – намалена функција на имунолошкиот систем, затоа што нивните мајки се вакцинирани,  е дезинформација. Во реалноста, не постои такво нешто како ВАИДС, а истражувањата покажуваат дека достапните вакцини против ковид-19 им обезбедуваат на примателите зголемена заштита од коронавирусот, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео со следниот опис:

Вo светот, вклучен аларм во болниците.

(Додека во светот се крева аларм, кај нас се молчи, а сè е бележано и се знае.)

Доктор Џејмс Торп: Мојата главна грижа за бебињата е ВАИДС. Овие бебиња немаат нормален имунолошки систем,

Доктор Џејмс: „Тоа е крвава катастрофа“. Постои огромна разлика меѓу бебињата родени од „вакцинирани“ мајки и „невакцинирани“ мајки.

Овие бебиња се изложени на ризик да умрат од автоимуни болести, од згрутчување на крвта, од срцева аритмија, рак и од опортунистичка инфекција.

Вистиномер пишуваше за тоа дека вакцините против ковид-19 немаат штетни последици врз мајките и врз нивните бебиња дека не се најдени податоци за штетни состојки во вакцината кои можат да ѝ наштетат на трудницата и на развојот на нејзиниот плод, ниту пак, можат да предизвикаат акутна ковид инфекција.

 

Здравствените експерти препорачуваат вакцинација за бремените жени

Од Клиниката за гинекологија и акушерство за Вистиномер велат:

Несаканите ефекти од вакцинацијата против ковид-19 во бременоста се благи, не траат долго и се слични со оние како кај останатото вакцинирано население. Тука се вклучуваат појавата на болка и осетливост во пределот на раката, главоболка, замор, некогаш симптоми слични на грип или покачена температура, во кои случаи препорачуваме одмор, внес на течности и „парацетамол“ кој е безбеден во бременоста.

И Комисијата за заштита на населението од заразни болести препорача бремените жени да се вакцинираат и да се вратат на работните места.

Институтот за јавно здравје на својата веб-страница официјално препорача да се вакцинираат бремените жени.

Податоците од системите за  следење на безбедност не откриваат никакви грижи и сомнежи за жени кои примиле mRNA вакцина против ковид-19 доцна во бременоста или сомнежи во однос на здравјето на нивните бебиња.

Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Скопје (ГАК), Комитетот за безбедно мајчинство на РСМ и Здружението на перинатолози на РСМ издаде препораки во врска со вакцинацијата против ковид-19 за време на бременост. Овие препораки се базирани врз студии од светски релевантни медицински институти што се темелат на истражувања во кои се опфатени сериозен број испитаници од оваа категорија на женската популација.

Според овие препораки, вакцинацијата против ковид-19 се препорачува во бременоста, исто како и кај останатиот дел од популацијата. Вакцинацијата е најдобар начин на заштита од штетните ефекти на ковид-19 во бременоста, како за мајката така и за нејзиното бебе, вклучувајќи го предвременото породување и престојот во единицата за интензивна нега на новороденчето.

Придобивка од вакцинацијата против ковид-19 во бременоста, според овие препораки, е намалување на ризикот од тешка форма на болеста кај мајката, намалување на ризикот од спонтан абортус и предвремено породување, како и намалување на ризикот од трансмисија на вирусот кај членовите од семејството и околината.

Досегашните достапни податоци на преку 140 илјади вакцинирани бремени жени, укажуваат дека трудниците кои се вакцинирани против ковид-19 немаат зголемен ризик од лош исход од бременоста, спонтан абортус, предвремено породување, мртов плод, недоволно растење на плодот или пак вродени аномалии, што е една од причините која ни дава за право да препорачаме вакцинација против ковид-19 кај бремените жени, велат од ГАК за „Вистиномер“. 

Доколку пациентката прими прва доза на вакцина без да знае дека е бремена, од ГАК препорачуват втората доза да биде примена по 8 недели, без разлика на конкретната гестациска недела, затоа што релевантни медицински сознанија укажуваат на тоа дека вакцината е безбедна и ефикасна во било која фаза од бременоста и не постои причина за пролонгирање на примањето на втората доза.

Од ГАК препорачуваат вакцинација за бремените жени и за доилките со мРНК вакцина, а не со вакцина базирана на жив вирус.

Оттаму додаваат дека во врска со можните штетни ефекти од вакцинацијата, не се најдени податоци за штетни состојки во вакцината кои можат да ѝ наштетат на трудницата и на развојот на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат акутна ковид инфекција.

Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина против mRNA ковид-19 непоосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста).

Во врска со штетните ефекти од вакцинацијата сакаме да потенцираме дека досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да ѝ наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат ковид-19 акутни инфекции, пишува во препораката на Институтот за јавно здравје. 

Во интервју за Порталб.мк гинекологот Пајтим Асани објаснува зошто е важно трудниците што поскоро да се вакцинираат против ковид-19.

Вакцинирањето против ковид-19 е исклучително важно за нашето здравје бидејќи стапката на морбидитет и морталитет е голема посебно кај бремените жени, и за мајката и за фетусот, за разлика од другата популација. Компликациите кои им се закануваат на трудниците како последица од Ковид-19 се: пневмонија, нарушување на работата на срцето, тромбоемболични компликации, акутна бубрежна инсуфициенција, невролошка болест, заболување на црниот дроб и дигестивниот систем. Затоа, вакцинацијата е единствениот и најдобар начин, посебно за трудниците, за минимизирање или превенција на горенаведените компликации, објаснува Асани.

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува вакцинација на бремените жени, но секогаш во консултација со матичниот гинеколог.

Да, бремените жени можат да се вакцинираат против Ковид-19, во консултација со нивниот лекар. Во моментов податоците кои овозможуваат оценување на безбедноста на вакцините против Ковид-19 во бременоста се доста ограничени. Но, врз основа на она што го знаеме за вакцините кои се употребуваат, нема конкретна причина за загриженост. Ниту една од досега одобрените вакцини против Ковид-19 не користи живи вируси, кои имаат поголема веројатност да претставуваат ризици за време на бременоста. Придобивките може да бидат поголеми за бремените жени кои се по загрозени од Ковид-19, како што се здравствените работници, луѓето кои живеат во области со висока трансмисија и оние со здравствени состојби како висок крвен притисок (хипертензија) и дијабетес кои го зголемуваат ризикот од тешка слика на болеста, велат од СЗО.

 

Непоткрепени обвинувања

Иако од почетокот на вакциналната кампања до денес се шират дезинформации дека вакцините се штетни за мајките и нивните бебиња, сепак тие не се фактички поткрепени.

Во врска со тврдењето во постот што го рецензираме дека вакцините предизвикуваат ВАИДС кај бебињата (затоа што нивните мајки се вакцинирани), што е намалена функција на имунолошкиот систем, ова е исто така дезинформација. Во реалноста, не постои такво нешто како ВАИДС, а истражувањата покажуваат дека достапните вакцини против ковид-19 им обезбедуваат на примателите зголемена заштита од коронавирусот, пишува сервисот за проверка на факти на Асошиејтед прес (АП).

Пребарувањето во легитимната биомедицинска литература не пронаоѓа термин „вакцинален имунодефицитарен синдром”

Портпаролот на британската агенција за јавно здравје за Политифакт го демантираше тврдењето дека вакцините го намалуваат имунитетот кај луѓето и дека тие добиваат СИДА.

Лекарот Питер Нордсторм од одделот за општествена медицина во Шведска, тврди дека е дезинформација оти вакцината против ковид-19 значително го ослабува имунитетот кај која било возрасна група.

Исто така, лажно е кој било да тврди дека вакцинацијата резултира во ерозија на имунитетот или стекната имунодефициенција, ако воопшто нешто такво и постои, вели Питер Нордсторм.

Пабло Пеналоза МакМастер, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Нортвестерн се согласува со ова.

Вакцините против ковид-19 не предизвикуваат имуносупресија. Ова е дезинформација слична на тоа дека земјата е рамна плоча. Овие вакцини веќе се администрирани на милиони луѓе во светот и податоците покажуваат дека се екстремно ефективни и безбедни дури и кај луѓе со претходни состојби на ослабен имунолошки систем, вели професорот Пабло Пеналоза МакМастер.

Истражувањето од Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) покажува дека вакцините против ковид-19 го засилуваат имуниот одговор. мРНК вакцините работат на тој начин што го тренираат имунолошкиот систем да го препознае спајк протеинот на површината на вирусот што предизвикува ковид-19, овозможувајќи му да генерира имунолошки одговор, велат експертите.

Во 40 секунда од видеото во постот што го рецензираме се вели, дека има зголемување на бројот на спонтани абортуси откако почнала вакцинацијата. Не се наведува извор на ова тврдење.

Тврдењето дека ковид вакцините предизвикуваат абортус не се докажани и тие се дел од теориите на заговор кои ги шират антиваксерите. Како што „Вистиномер“ има веќе пишувано, во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат со спонтан абортус.

Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, бидејќи многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, дури и пред да знаете дека сте бремена, пишува на веб страницата на „Мајо“ клиниката.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, Американскиот колеџ за гинекологија и акушерство и Асоцијацијата за мајчинско фетална медицина, препорачуваат вакцинација на бремените жени против ковид-19.

Иако податоците се ограничени, сепак Центарот за контрола и превенција на болести на САД тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу жените кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат.

Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2.500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.

Во видеото се наведува дека бебињата на вакцинираните мајки имаат поголеми шанси да починат од речиси сите главни болести кои се причина за смрт и без вакцината и не се поврзани со вакцината, како на пример канцер, автоимуни болести, згрутчување на крвта, аритмии итн. Проблемот е во тоа што ова тврдење никако не може да биде поткрепено со докази, туку може да биде само претпоставка или непоткрепено мислење на извесни лица, а не фактичка состојба, со оглед на тоа што од почетокот на вакциналната кампања се поминати многу малку години. Уште од стартот на вакциналната кампања вакцините се неосновано обвинувани за речиси сите болести во светот, откако претходната тактика на антиваксерите дека вакцините предизвикуваат неплодност се покажа како бесмислица.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...