Не е точно дека во дискотеката во Кочани загинале 70 лица. Ваква бројка не е спомната од ниту една официјална институција. Како што соопшти министерот за вантрешни работи Панче Тошковски на 16 март, дента кога се случи трагедијата, a информацијата ја потврди и Владата во неколку наврати, во пожарот загинале 59 лица. Проверката на факти од Вистиномер во продолжение ја пренесуваме во целост.
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
75 бранители загинаа во 2001. Во една мочана дискотека во Кочани за една вечер 70 загинати и над 100 повредени. За што?!
Објавата дезинформира со бројот на починати во трагичниот пожар кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Не е точно дека во дискотеката во Кочани загинале 70 лица. Ваква бројка не е спомната од ниту една официјална институција. Како што соопшти министерот за вантрешни работи Панче Тошковски на 16 март, дента кога се случи трагедијата, во пожарот загинале 59 лица.
Владата на 18 март излезе со соопштение во кое го потврди бројот на жртвите и нагласи дека сите други тврдења за загинати се неточни.
Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите. Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите, истакнаа од Владата.
Владата и на 19 март (денеска) повторно излезе со соопштение во кое потврди дека бројот на загинати е 59.
Бројот на жртви во пожарот во Кочани е 59, за жал млади луѓе кои на трагичен начин ги изгубија своите животи. Но, одредени медиуми повикувајќи се на разно разни непроверени извори шпекулираат со бројот на починати и дополнително допринесуваат за вознемирување на јавноста. Во овие моменти на тага, Ве замолуваме сите да се однесуваме одговорно, ова е трагедија за цела држава и да сочуствуваме со болката на најблиските, соопштија од Владата.
Во период на национална трагедија треба да се следат и споделуваат само информациите кои потекнуваат од официјални извори, зашто институциите се оние кои ги поседуваат информациите за починатите и повредените лица. Точната информација е од голема важност и заради почитта кон починатите, но и за да не се нанесува дополнителна болка и несигурност кај најблиските.
Поради сето горе наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.