fbpx

Не е точно дека вакцините се опасни и дека се најголема измама на светот

-

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејсбук изнесува тврдења дека вакцините се опасни за луѓето, дека содржат состојки кои предизвикуваат аутизам кај децата, дека се интегрираат во човечката ДНК и слично. Притоа, ваквите тврдења не се поткрепени со никакви докази и научни истражувања, туку се произволно нафрлени. Спротивно на тврдењата во постот, постојат научни студии и докази кои ги демантиираат истите.

ГИ ИМА, АМА НЕ СЕ ОПАСНИ!
Кога наративата дека во вакцините нема штетни состојки како жива, формалдехид, мајмунски, човечки клетки, алуминиум и останато нема да им помине, се вртат на наратива: ДА. ги има, АМА не се опасни! Ама ние знаеме дека кај луѓе со Алцхајмер и аутизам е пронајдено високо ниво на алуминиум во мозокот каде не му е местото. Исто знаеме дека тој вид на алуминиум не е истиот со оној во природата…Формалдехид? Што бара тој во еден „лек“? Зарем малку е опасен? А клетките од други организми и луѓе навлегуваат ли во нашата ДНК? Ја менуваат ли?
Ех, драги мои, вакцинацијата е само ЕДНА од големите измами во овој свет. КОВИД разбуди многумина од нас за да сфатиме во каков свет живееме, Е па проектирајте го тоа на СИТЕ вакцини. И не само на вакцините. Финансискиот систем е илузија, итн, да не ширам…, се вели во објавата која ја анализираме.

Не е точно дека вакцините се штетни. Напротив, тие спасувале и спасуваат милиони луѓе годишно. Никогаш немало ниту една веродостојна студија која ги поврзува вакцините со долгорочни здравствени состојби.

Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот. Тоа во интервју за „Вистиномер“ го потврдува и пензионираниот раководител на службата за општа хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, доктор Џавид Фејзули. Во интервјуто тој говори за придобивките од вакцинацијата, како и за антиваксерите.

Со вакцинација ние спречивме детска парализа, дифтериија, тетанус, заушки, доста заразни болести кои напаѓале и од кои се умирало. Но, еве ги немаме тие болести и тоа значи дека вакцинацијата како медицинска метода е за поздравување и целта е да спречи болест или да ја ублажи. Ама, сега оваа работа е испревртена и од одредени лекари. Ќе се најдат лекари, не знам како, но моја претпоставка е поради одредени интереси, ќе покренат прашање што не е докажано и ќе го форсираат во јавноста. Земете пример со аутистичниот спектар, цел свет се дигна на нозе дека поради одредена вакцина се појавува аутизам кај децата, а тоа го пласираат колеги лекари. Сега одредени американски статистики, велат дека на секои 50 породувања има по едно аутистично дете, ама не е од вакцината и тоа официјално се докажа. Така што, сега ако некој лекар каже нешто, широката маса се приврзува кон тоа што го кажал и затоа се појавуваат антиваксери, посочува д-р Фејзули.

Вистиномер досега многупатии има пишувано и за тоа дека вакцините, се мисли на мРНК вакцините против ковид, не се генска терапија и не ја менуваат човечката ДНК, како што се посочува во постот што го анализираме. Сето ова е поткрепено со факти и со докази.

мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство.

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на било каков начин.

мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.

И УНИЦЕФ тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат човечката ДНК.

Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК, пишува на веб-страницата на УНИЦЕФ.

Многу родители, некогаш и под влијание на социјалните мрежи, немаат доверба во вакцините. Истражувањата, сепак, покажуваат дека повеќето од најголемите стравови на родителите за вакцинација се неосновани.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно  за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болеста.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Имунолошкиот систем на бебињата не е целосно развиен при раѓањето, што може да го стави бебето на поголем ризик за инфекција. Вакцините го намалуваат ризикот од инфекција на вашето дете работејќи со природната одбрана на телото за да помогне безбедно да се развие заштита од болести.

Вакцините се тестираат за да се осигура дека тие се безбедни и ефективни за децата да ги примаат на препорачаната возраст. Пред да им се даде нова вакцина на луѓето, се прават опсежни лабораториски тестови. Штом ќе започне тестирањето кај луѓето, понекогаш може да поминат години пред да завршат клиничките студии и вакцината да биде лиценцирана. Откако вакцината е лиценцирана здравствените власти ја следат нејзината употреба и ги испитуваат сите потенцијални безбедносни проблеми.

Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни се вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцините се опасни и дека луѓето не треба да се вакцинираат. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на луѓето, но и на колективното јавно здравје.

Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Објавен прирачник за употреба на вештачка интелигенција во новинарството

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) промовираше Прирачник за едукатори по Новинарство: Известување за Вештачка Интелигенција издаден од УНЕСКО, а објавен на македонски и на албански јазик....