Не е точно дека претседателката ги помешала Жбогар и Голоб

Претседателката информира дека присуствувала на состанок со кој претседавал Голоб, за што информација може да се најде и на веб-страницата на словенечката влада

-

Претседателката Сиљановска Давкова никаде во објавата не спомнува дека се сретнала со Голоб, за потоа да објави фотографија од средба со Жбогар и да изгледа како да не знае со кого се сретнала, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Претседателката информира дека присуствувала на состанок со кој претседавал Голоб, за што информација може да се најде и на веб-страницата на словенечката влада, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме интегрално: 

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:

Гога веќе не знае со кого се среќава. Пишала словенечкиот премиер, Роберт Голоб, а тоа е Даниел Жбогар, поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје.

Фото: Принтскрин од објавата

Објавата (во која патем е погрешено името на поранешниот евроамбасадор, па наместо Самуел Жбогар, пишува Даниел Жбогар) споделува фотографија (принтскрин) од фејсбук објава на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во која таа информира дека присуствувала на состанок на Советот за безбедност со кој претседавалл словенечкиот премиер Роберт Голоб, на тема „Одржување на мирот и безбедноста на Украина“.

Точно е дека на првите фотографии од објавата се гледа претседателката Сиљановска Давкова како разговара со поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Но таа во објавата не информира со кого се сретнала, туку информира за состанок на кој присуствувала, а со кој претседавал словенечкиот премиер Роберт Голоб. A дека Голоб бил претседавач е видливо на последната фотографија од објавата на претседателката.

Фото: Официјлен ФБ профил на претседателката Сиљановска Давков

За состанокот со кој претседавал Голоб информирале и од Владата на Словенија на нивната официјална веб-страница на 25 септември.

Вчера доцна попладне, премиерот Роберт Голоб претседаваше со состанокот на Советот за безбедност на ОН на високо ниво за ситуацијата во Украина. На состанокот присуствуваа високи претставници, вклучително и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. Ова беше прва од трите дискусии на високо ниво со кои претседава Словенија оваа недела под нејзиното претседателство со Советот за безбедност на ОН.

Значи, Сиљановска Давкова никаде во објавата не спомнува дека се сретнала со Голоб, за потоа да објави фотографија од средба со Жбогар и да изгледа како да не знае со кого се сретнала, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Претседателката информира дека присуствувала на состанок со кој претседавал Голоб, за што информација може да се најде и на веб-страницата на словенечката влада.

За слична манипулација на Фејсбук, дека Сиљановска Давкова не знаела со кого се сретнала, реагираше и Горан Момироски од нејзиниот кабинет.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.

Не е точно дека претседателката ги помешала Жбогар и Голоб

Претседателката Сиљановска Давкова никаде во објавата не спомнува дека се сретнала со Голоб, за потоа да објави фотографија од средба со Жбогар и да изгледа како да не знае...