fbpx

Не е точно дека после 2030 година луѓето ќе бидат присилно вакцинирани

-

Не е вистина дека до 2030 година преку „присилна вакцинација“ ќе бидат воведени 500 вакцини, како што се тврди во постот. Дел од тие вакцини веќе постојт и само ќе бидат воведени во земји каде што не се сега достапни. Не значи ни дека секоја жена, маж и дете ќе ги примат, ниту пак, во документот IA2030 во делот за имунизација, се споменува дека ќе бидат присилно администрирани. Тврдењето дека елитата ќе успее да ги избегне овие вакцини, а сиромашното население нема, е сосема произволно нафрлено и претставува непоткрепена теза, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува видео во кое докторка по име Рима Лаибоу, тврди дека до 2030 година, ќе бидат презентирани 500 нови вакцини и дека после тоа нема да има исклучоци од вакцинацијата за никого, односно дека луѓето ќе бидат присилно вакцинирани, освен елитата.

 

Која е доктор Рима Лаибоу?

За докторката Рима Лаубоу пишувани се повеќе странски рецензии поврзани со нејзините дезинформации во врска со вакцините и ковид-19. Таков е примерот на Асошиејтед Прес којшто се занимава со невистинитото тврдење на оваа докторка, дека Австралија и други земји членки на СЗО потпишале указ дека ќе се случи пандемија од четврти степен, пред повеќе од десет години. Сето тоа оди во прилог на невистината дека ковид е планирана пандемија за депопулација. Експерти за Асошиејтед прес велат дека не постои такво нешто како пандемија од четврти степен и дека СЗО не може да ги присили членките да применуваат некакви вакцинални политики.

Во декември 2021 година, судот во Соединетите Американски Држави ѝ нареди на Лаибоу да престане да дистрибуира неодобрени производи под име Нано Силвер, рекламирани како да се третман против ковид-19. Федералниот суд трајно и забрани на докторката од Њу Џерси да дистрибуира неодобрени и погрешно обележани медикаменти, наводно како третман против ковид-19. Во тужбата од 13 ноември 2020 година, САД наведоа дека Фондацијата Природни Решенија, (Natural Solutions Foundation), заедно со доктор Рима Лаибоу, го прекршила федералниот закон за храна лекови и козметика, со тоа што дистрибуирала производ Нано Силвер за кој тврдела дека ќе превенира, третира или излекува ковид-19.

Според тужбата, која беше поднесена на барање на американската Агенција за храна и лекови, фондацијата оперирала на повеќе веб страници за да рекламира дека доктор Рима го препорачува Нано Силвер, производ кој наводно содржел сребрени честички во својот состав. Понатаму во тужбата се вели дека нано силвер, не е признаен од страна на квалификувани експерти како безбеден и ефективен да превенира, третира или лекува ковид-19, и дека тврдењата на доктор Рима се непоткрепени од кредибилни научни докази или студии. Дополнително,во  тужбата се додава дека Нано Силвер е погрешно етикетиран лек, затоа што на етикетата нема адекватни упатства за користење.

Да се рекламираат недокажани производи како третмани против ковид-19 го загрозува јавното здравје и го прекршува законот, велат од одделот за правда.

Од американската Агенција за храна и лекови велат дека ќе продолжат агресивно да ги гонат оние кои го загрозуваат јавното здравје. Докторката потоа го повлече производот поради судска одлука и мораше да ги уништи сите залихи. Пред да рекламира каков било лек во иднина, таа мора претходно да ја извести американската Агенција за храна и лекови.

Лаибоу и во екот на пандемијата на свински грип ширеше теории на заговор, како на пример дека тогашните вакцини се направени со цел оние што ќе ги примат да бидат трајно неплодни и да немаат деца.

Дали до 2030 година вакцинацијата со 500 нови вакцини ќе биде присилна за сите во светот?

На 9 секунда од видеото е прикажан слоганот на невладината организација која се бори за достапност на вакцините насекаде во светот преку собирање на донации од по најмалку 5 долари, а која се вика Го Гив Оне.

Споменатиот документ IA2030 impact goal indicators and targets од имунизациската агенда 2030 дефинира што треба да се случи за да се постигне визијата за светот каде сите, секаде и на секоја возраст до 2030 година ќе ги уживаат бенефитите од вакцинацијата за добро здравје и благосостојба. Никаде оваа агенда не споменува дека ќе има задолжителна вакцинација којашто нема да може да се избегне од никого односно дека ќе нема исклучоци. А, уште помалку дека само елитата нема да биде вакцинирана, при што се инсинуира дека богатите и елитни кругови од општествата би сакале да ја избегнат вакцинацијата.

IA2030 е глобална стратегија креирана за глобалното општество, и бара учество од сите стејкхолдери вклучително и тие што се вклучени во здравствените системи, како и тие што не се, за да се зацврстат иницијативите за конкретни специфични болести. Иницијативата има за цел да ги имплементира ефективните и разбирливи вакцинални програми во државите.

Целите на програмата се да се намали смртноста од болести коишто може да се превенираат со вакцинација, за сите во текот на целиот живот. Да не се отфрла никој, односно сите да бидат вклучени преку еднаков пристап до вакцини и преку користење на нови вакцини. Друга цел е да се осигура добро здравје и благосостојба за сите преку засилување на вакцинацијата во примарниот здравствен систем и да се придонесе кон универзалната здравствена заштита и одржливиот развој.

На страница 10 од документот е прикажана табелата на која се повикува говорничката во видеото од постот што го рецензираме.

Во предлогот пишува дека целта е да се спасат животи, да се спречат смртни случаи од болести коишто може да се превенираат со вакцинација (50 милиони годишно), да се намали бројот на болести кои може да се превенираат со вакцинација и епидемии. Потоа се промовира како цел и еднаквоста односно досегот на вакцини за сите. Како критериум е наведено дека цел е и процентот на децата коишто имаат 0 примени дози вакцина да се намали за половина односно 50 проценти по земја, регион или во светот. Потоа се наведува како цел тоа да се овозможи достапност до сите вакцини, односно да се воведат нови или помалку користени вакцини во земјите со низок приход. Целта е да се претстават 500 вакцини. Во планот не се кажува дали се тие нови за целиот свет или само за земјите со ниски приходи каде што ќе се воведуваат постепено како дел од целта да се промовира еднаквоста.

Никаде во документот не се наведува, ниту пак, е возможно да се тврди дека секаде во целиот свет сите луѓе „присилно ќе бидат вакцинирани“. Посебните влади на државите ја спроведуваат имунизациската агенда, а СЗО нема право да им наложува, туку само да им препорачува. Целта на имунизациската агенда не е присилната вакцинација, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме, ниту пак, да се загрозуваат животите на луѓето коишто ќе се вакцинираат, туку целта е да се обезбеди достапност на вакцините и во земјите од светот каде тие не се подеднакво достапни, за да може да се искоренат болестите кои што може да се искоренат преку вакцинација. Ова не подразбира присилна вакцинација, ниту пак некаде во документот се тврди дека елитата ќе може да ги избегне вакцините а пониските слоеви ќе бидат присилно вакцинирани.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека до 2030 година преку „присилна вакцинација” ќе бидат воведени 500 вакцини. Дел од тие вакцини, како што се објаснува во документот, се веќе постоечки и само ќе бидат воведени во земји каде што не се сега достапни. Не значи ни дека секоја жена, маж и дете ќе ги примат, ниту пак, во документот се споменува дека ќе бидат присилно администрирани.

Делот од постот што го рецензираме односно од видеото, каде се вели дека елитата ќе успее да ги избегне овие вакцини, а сиромашното население нема, е сосема произволно нафрлен и претставува непоткрепена теза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...