Фото: Picsea на Unsplash

Породилното отсуство за мајката не се крати туку тоа останува исто, со тоа што се дели на 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство. Таткото, исто така, добива право на 4 месеци родителско отсуство. Доколку таткото одлучи родителското отсуство да го користи откако ќе заврши родителското отсуство на мајката, тоа би значело дека детето ќе  биде под родителска грижа 13 месеци, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На социјалните мрежи деновиве се појави информација дека Министерството за труд и социјална политика, со новиот Предлог-закон за работни односи ќе го скрати породилното отсуство од 9 на 5 месеци. Таков е примерот со овој пост што се споделува на Фејсбук:

Откако ги укинаа сите додатоци за трето дете еве сега нов закон од сдс-бугарофилска,ќе предложеле намалување на породилно одсуство од 9 на 5 месеци!
Ќурка вели избори 2024 ке биле.

Ваквата непроверена вест ја пренесоа и некои портали што на Фејсбук предизвика бурни реакции кај граѓаните.

Но, ваквата информација не е точна. Како што објаснуваат од МТСП за Фокус, со новите измени, вкупното времетраење на породилното отсуство за мајката останува 9 месеци, со тоа што сега истото е поделено на мајчинско и родителско отсуство, а новина е што и таткото добива право на родителско отсуство во траење од 4 месеци.

Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно. Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци, велат од МТСП.

Дополнително, ќе биде предвидена и можност за флексибилни форми на работа, кои на двата родители ќе им овозможат да работат флексибилно, заради грижа и нега на дете, во форма на работа со неполно работно време, прилагоден распоред на работните часови или работа на далечина, во согласност со неговите потреби за давање грижа и нега на детето и потребите на работодавачот поврзани со работниот процес.

Ваквиот пристап е во потполна согласност со најновата Директива на Европската комисија, која се однесува на рамнотежата на приватниот и професионалниот живот на работникот. Овие отсуства ќе овозможат поголемо учество на таткото во процесот на нега и чување на детето од најраната возраст, додека истовремено ќе и овозможи на мајката побргу да се врати на пазарот на трудот. На овој начин, работничката – мајка, ќе може, исто како и таткото- работник да се еднакви во извршувањето на родителските должности, вклучително и правото на еднаков професионален развој, велат од Министерството.

Ваквите информации ги потврди и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во разговор за Канал 5 телевизија.

Наместо досегашното породилно отсуство, се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно. Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци. Воспоставувањето на трите вида на отсуство освен, обезбедување на заштита, имаат за цел и изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигање на детето или децата, напиша Тренчевска и на Фејсбук.

Во моментот Предлог законот за работни односи е во нацрт верзија и периодов Министерството ќе организира серија јавни расправи со цел вклучување на јавноста и отворање на можноста за коментари.

Значи, она што може да се заклучи е дека породилното отсуство за мајката не се крати од  9 на 5 месеци, туку тоа останува исто, со тоа што се дели на 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство. Таткото, исто така, добива право на 4 месеци родителско отсуство. Доколку таткото одлучи родителското отсуство да го користи откако ќе заврши родителското отсуство на мајката, тоа би значело дека детето ќе  биде под родителска грижа 13 месеци. Поради  тоа, постот  што го анализираме го оценуваме како неточен.