Поранешната сопруга на Петер Маѓар, Јудит Варга, на својот официјален Фејсбук профил демантираше дека постои нејзина „автобиографска книга“ каква што се споменува во објавата што ја рецензираме. Според Варга, која е поранешна министерка за правда на Унгарија, не постои биографската книга „16 години со чудовиштето“, пренесува Вистиномер.

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува „Шокантни обвинувања на поранешната сопруга за новиот премиер на Унгарија“. Објавата споделува видеоматеријал и во преводот пишува:

2026 година, мемоарите на Јудит Варга, поранешната сопруга на лидерот на опозициската партија Тиса. 16 години со чудовиштето – исповедта на поранешната сопруга на Петер Маѓар. Книгата детално го опишува нивниот заеднички живот. Според авторот, Петер Маѓар со години страдал од тешка зависност од алкохол. Според Варга ја губел самоконтролата кога бил многу пијан, се соблекувал целосно гол пред децата и мастурбирал пред нив. Во март 2023 година, за време на уште едно пиење, Петер Маѓар зграбил едно од семејните унгарски кученца од расата визла и го зготвил живо во микробранова печка. Животното умрело пред очите на мајката и нејзините три деца. Фотографија од починатото кученце се појавила во мемоарите. По трагедијата на сите три деца им била потребна долгорочна психолошка помош а Јудит Варга одлучила да ги прекине сите врски со Петер Маѓар. Мемоарите предизвикаа широко распространето негодување. Ниту Петер Маѓар ниту раководството на партијата Тиса не ги коментираа обвинувањата.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Лид Сторис“, не постои книга од Јудит Варга, поранешната сопруга на Петер Маѓар, во која што таа го обвинува за сексуални дејства пред децата и дека „зготвил“ живо кученце во микробранова печка. Веб-страницата на која што оваа измислица за книгата првпат се појавила, била регистрирана анонимно само неколку денови пред објавувањето, а во полето за контакт-информации немало валидни податоци.

Проверувачите на факти на „Неправда“ посочуваат дека дезинформациите и обвинувањата дека Петер Маѓар се самозадоволувал пред деца и испекол куче во микробранова печка, доаѓаат од недоверлив портал кој е создаден само шест дена пред унгарските парламентарни избори.

Дополнително, самата поранешна сопруга на Петер Маѓар, Јудит Варга, на својот официјален Фејсбук профил, демантираше дека постои ваква нејзина „автобиографска книга“ каква што се споменува во објавата што ја рецензираме. Според Варга, која е поранешна министерка за правда на Унгарија, не постои биографската книга „16 години со чудовиштето“.

Таа демантираше дека напишала било какви мемоари за наводни контроверзни обвинувања какви што се споменуваат во објавата што ја рецензираме.

Патем, лажните вести за Тиса што се шират на интернет не се вистинити, јас не сум напишала никакви биографски книги. Сè уште, напиша Варга во коментар на сопствениот профил на Фејсбук, директно демантирајќи ги наводите за постоењето книга со наслов „16 години со чудовиштето“, која наводно содржела сериозни обвиненија против Маѓар.

Унгарските медиуми објавија и дека претседателот на полската партија „Право и правда“, Јарослав Качински, ја повторил дезинформацијата за книгата и печењето кучиња во микробранова печка, по што портпаролот на партијата признал дека ваквите тврдења не се вистинити и се дел од дезинформациска кампања што циркулира во Унгарија.

Инаку, како што објави Еуроњуз во јули 2025, поранешната сопруга на Маѓар ги повторила обвинувањата за семејно насилство и уцена против својот поранешен сопруг по судското рочиште во Будимпешта. Таа, како што пренесе „Еуроњуз“, запрашана тогаш дали би се кандидирала за функција, рекла дека „не сака да се кандидира ако во трка е некој што се вика Петер Маѓар“ и дека „предавството не е достигнување, особено не ако е предавство на нашето сопствено семејство“.

Петер Маѓар постојано ги негираше тврдењата за семејно насилство во текот на изминатите една и пол година и брзо реагираше на обвинувањата од неговата поранешна партнерка во објавите на социјалните мрежи, пишува Еуроњуз.

 

Јудит Варга и Петер Маѓар се разведоа во 2023 година, а кратко потоа Варга поднесе оставка од функцијата министер за правда. Причина за тоа беше преземањето на политичка одговорност за помилувањето на осудено лице во случај на прикривање злоставување деца. Нејзината оставка дојде истовремено со оставката на претседателката Каталин Новак, што силно ја потресе владата на Орбан.

Причината, пак, за разводот меѓу Варга и Маѓар беше тонски запис што Маѓар тајно го снимил кога Варга сè уште била министерка за правда во владата на Виктор Орбан.

На оваа снимка Варга и Маѓар можат да се слушнат во приватен разговор, во кој Варга се осврнала на мешање на владата во судски случај, и Варга сугерира дека министерот вршел притисок врз обвинителите да избришат чувствителни реченици од документ. Маѓар ги објави снимките откако ја основа опозициската партија Тиса во 2024 година, наведува „Еуроњуз“.

Поради сите горенаведени факти објавата во која се говори за непостоечката автобиографска книга ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар