fbpx

Не е точно дека ОН работат на депопулација на планетата

-

Наспроти тврдењата во постот, Обединетите нации воопшто не се обидуваат да ја намалат светската популација и во нивните заложби не се застапени политики за уништување, туку за спасување на животи. Глобалните заложби на ОН не се однесуваат на тоа да му се наштети на населението туку да се подобри животот во различни области кои се глобален предизвик. ОН имаат централна мисија за одржување на  интернационалните мир и безбедност, а исто така се вклучени во активности за помагање во време на катастрофи, едукација и напредок на жените … Впрочем, на официјална страница на ОН пишува дека  се очекува наредните 30 години светската популација да порасне за 2 милијарди, а до 2100 година може да достигне 11 милијарди, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека се извршува депопулација со „витамини од небото“.

Понатаму во објавата се додава дека:

„На светската влада (ООН) и сметаат многу луѓе,затоа работат на депопулација преку се што постои: воздух, вода, храна, лекови, облека, средства за хигиена, вакцини…“

Во склоп на постот објавени се и неколку фотографии.

Првата е фотографија од небо на кое се гледаат вообичаени линии кои авионите ги оставаат позади себе поради процесот на кондензација. Овие бели линии за теоретичарите на заговори претставуваат основа да веруваат дека се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“, кои во постот што го рецензираме се нарекуваат иронично „витамини од небото“. Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различни од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови и се особено видливи на ведро и сончево небо. Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци.  Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“, а доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот. Следствено, невистинито е дека со отрови од воздухот се врши депопулација и дека зад тоа стојат Обединетите Нации.

Во постот што го рецензираме се прави обид да се обвини оваа организација за таргетирано и системско намалување на бројот на живи луѓе на планетата, и тоа, како што се вели, се прави преку воздух, храна, лекови, облека, средства за хигиена и вакцини. Напредокот во областа на медицината во чиј делокруг влегуваат вакцините, е основа да се продолжи животот и да се искоренат голем број на болести. Вакцините наспроти манипулацијата во постот, не служат за да се убиваат луѓето, туку да се спасуваат од тешки компликации кои може да доведат до смртен исход поради болести. Центарот за истражување на инфективни болести на Универзитетот во Минесота во јуни 2022 година пишува дека вакцините против ковид-19 за една година спасиле приближно 20 милиони животи. Нивниот напис се темели на научна студија објавена во престижното медицинско списание Лансет.

Во постот невистинито се тврди дека ОН сака да ја намали популацијата на земјата. Генералното собрание на Обединетите нации во 2015 година усвои резолуција наречена „Агенда 2030“, којашто се однесува на преземање дејствија и план за да се таргетира сиромаштијата и одржливоста на земјите во наредните 15 години односно до 2030 година. Целите за коишто се имаат согласено земјите на ОН во оваа агенда се многубројни: да се искорени сиромаштијата во сите форми и секаде, да се стави крај на гладот, да се подобри храната, да се промовира одржлива агрикултура, да се осигураат здрави животи и да се промовира благосостојба за сите, да се обезбеди еднакво и квалитетно образование за сите како и доживотно учење, достигнување на родова еднаквост, да се обезбеди достапна вода за сите, да се обезбеди достапна, модерна енергија за сите, да се промовира инклузивен и одржлив економски развој, целосно и продуктивно вработување и достоинствена работа за сите, да се гради отпорна инфраструктура, да се промовира инклузивна индустријализација, да се намали нееднаквоста во и меѓу земјите, да се направат градовите инклузивни, безбедни и одржливи, да се осигура одржлива потрошувачка, да се преземе итна акција за борба против климатските промени, да се чуваат океаните, морињата, да се заштитат екосистемите, да се промовира мирно и инклузивно општесто, да се градат одговорно и инклузивни институции на сите нивоа…

Иако оваа резолуција е усвоена од сите земји членки на Обединетите нации, не е правно обврзувачка и имплементацијата на овие цели ќе зависи од земја до земја и нејзините индивидуални политики, планови и програми.

Обединетите нации имаат резолуција Агенда 2021 претставена на конференцијата за животна средина и развој во Рио. Во Агенда 2021 се вели:

Растот на светската популација и производство, комбиниран со неодржливата потрошувачка, претставува голем товар на животоодржувачките капацитети на нашата планета.

Меѓутоа во Агендата 21 не се предлагаат никакви акции за намалување на светската популација. Во целите на ОН не е наведено дека е потребно да се намали растот на популацијата. Што се однесува до наведеното во постот што го рецензираме, дека ОН сака да го намали населението на земјата преку вода, демант е самата резолуција потпишана од ОН.

На 28 јули 2010 година Генералното собрание на Обединетите Нации усвои резолуција со која го признава правото на безбедна и чиста вода за пиење како човеково право кое е есенцијално за целосно уживање во животот и за остварување на сите човекови права. ОН помагаат во земјите каде нема храна, за што има донации од цел свет.

Глобална цел е да се добие пристап до поволни лекови во земјите во развој. ОН го препознаваат правото на пристап до лекови за фундаментален елемент од правото на здравство.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Обединетите нации воопшто не се обидуваат да ја намалат светската популација и во нивните заложби не се застапени политики за уништување, туку за спасување на животи. Глобалните заложби, пак, на ОН не се однесуваат на тоа да му се наштети на населението туку да се подобри животот во различни области кои се глобален предизвик. ОН имаат централна мисија за одржување на  интернационалните мир и безбедност.

Решавањето на конфликти е најголема цел на ОН, но исто така ОН се вклучени во активности за помагање во време на катастрофи, едукација и напредок на жените… Впрочем, на официјална страница на ОН пишува дека светската популација се очекува да порасне за 2 милијарди наредните 30 години, а до 2100 година може да достигне 11 милијарди.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Температурните разлики се шок за луѓето, летоска можно е да има грмотевични бури

Деновиве се случуваат големи температурни осцилации. Влеговме во пролет со летни температури, а сега имаме ниски температури. Чувствителните луѓе реагираат на овие драстични временски разлики бидејќи организмот не може...