Вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19 постои и е идентификуван и изолиран повеќепати од независни истражувачи. Една од првите студии за Сарс Ков 2, првично беше објавена во февруари 2020 година, спроведена од истражувачи на Институтот за вирусологија Вухан. Авторите го секвенционираа генетскиот код на вирусот од примероци на пациенти со ковид-19, како и вирусни примероци од клеточни култури. Изолиран е и вирусот којшто предизвикува инфлуенца и тоа е еден од есенцијалните елементи што придонесоа за да се произведе вакцина. А, вирусот на сипаници, како што пишува ЦДЦ, е изолиран во 1954 година кај 13 годишно момче. Така што, тврдењето во постот за наводното непостоење на вирусите и дека симптомите се, всушност, реакција на организмот на 5Г, микробранова радијација, ЛЕД онеспособувачи и други фактори е невистинито, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео материјал, и како опис на истиот се тврди:
05.01.2023
Ниту еден вирус никогаш не бил изолиран, направете го вашето истражување. Вирусот е она што имунолошкиот систем на вашето тело го создава за да се справи со токсичноста, ништо повеќе ништо помалку.
Влијание од токсичност, храна, воздух, вода, фармацевтски производи, 5Г, микробранова радијација, ЛЕД онеспособувачи, железен графен оксид, забни импланти, D.E.W, C19 био оружје.
Во видеото, пак, се изнесува следното:
Најголемата измама против човештвото е фактот дека вирусите никогаш не се изолирани. Ниту еден. Нема вирус на сипаници и кога ќе ја разберете едноставната хемија и биологија на измамата која ја спроведоа на човековата раса, и ако сте размислувале на темата – зошто има нов вирус секоја година? Со ново име? Со слични видови на симтоми? Сето ова почна со третиот рајх и доктор Ендерс и таканарачените „вируси”. Пишував за ова во мојата книга. Тие што беа доволно храбри и проговорија, дури и професорот Питер Дусберг од Универзитетот Баркли, мој пријател, кој ја напиша книгата „Измислување на СИДА вирусот (Inventing the AIDS virus), ги загуби сите негови средства и фондови на универзитетот. Оној кој го откри таканаречениот ХИВ вирус добива егзил во Пекинг, зашто се предомислува дека вирусот не постои. Ова е колку се лоши работите.
Меѓутоа, вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, постои и е идентификуван и изолиран повеќепати од независни истражувачи. Постулатите на Кох, се сет на критериуми, користени за да се утврди дали микроорганизам, како вирус на пример, е одговорен за предизвикувањето на одредена болест. Постулатите оригинално биле создадени и развиени од страна на германскиот лекар Роберт Кох, кој ја освои Нобеловата награда за медицина во 1905 година за неговата работа поврзана со туберкулозата.
Вирусот што предизвикува ковид-19 е изолиран повеќе пати и вирусологот и професор на Универзитетот Квинсленд, Ијан Мекеј, во оваа објава покажа дека бројни научни студии демонстрирале дека Сарс Ков 2 е изолиран независно во многу лаборатории ширум светот. Овие студии кои се јавно достапни се доказ дека вирусот постои и дека не се работи за друг вирус, туку специфичен предизвикувач на ковид-19.
Една од првите студии коишто го карактеризираа Сарс Ков 2, првично беше објавена во февруари 2020 година од страна на Zhou et al. Студијата беше спроведена од истражувачи на Институтот за вирусологија Вухан, и објавена во Нејчр. Авторите го секвенционираа генетскиот код на вирусот од примероци на пациенти со ковид-19, како и вирусни примероци од клеточни култури. Тие обезбедија електронски микроскопски слики од вирусот.
Друга студија обезбеди слики од вирусот што го предизвикува Сарс Ков 2, со користење на техника наречена крио електронска томографија.
Оваа студија беше објавена од страна на Туронова ет ал, група базирана во европската лабораторија за молекуларна биологија во Хеиделберг Германија. Во нивната студија, користеле изолат на Сарс Ков 2 кој го добиле од инфициран пациент во Германија. Ова е фотографија од виралните честички на Сарс Ков 2, добиени со крио електронска томографија.
Вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, е само еден пример на изолирани вируси. Наспроти невистинитото тврдење во постот што го рецензираме, вируси кои причинуваат многу други познати болести, веќе се изолирани во историјата на медицината. На пример, изолиран е и вирусот којшто предизвикува инфлуенца и тоа е еден од есенцијалните елементи коишто допринесоа за да се произведе вакцина.
Тврдењето во постот што го рецензираме дека не е изолиран вирусот на сипаници, е исто така невистинито. Како што пишува американскиот Центар за контрола и превенција на болести во 1954 година, Џон Ф. Ендерс и доктор Томас Ц. Пиблс, собрале крвни примероци од неколку болни студенти за време на епидемија на сипаници во Бостон, Масачусетс. Тие сакале да го изолираат вирусот предизвикувач на сипаници во крвта на студентите и да создадат вакцина. Успеале во изолирање на сипаниците кај 13 годишниот Дејвид Едмонстон.
Во постот што го рецензираме се споменува книгата „Измислување на СИДА вирусот” од 1996 година, во која Питер Дусберг пишува дека ХИВ е безопасен вирус и дека СИДА е предизвикана од неповрзани фактори со ХИВ, како злоупотреба на дроги, антиретровирални лекови, хронична потхранетост и хемофилија. Но, неспорен е научниот консензус дека ХИВ предизвикува СИДА и дека тврдењата на Дусберг се неточни. Тој доби негативни одговори од научните кругови за поддржување на негирањето на СИДА, за погрешно интерпретирање и игнорирање на научните докази дека ХИВ предизвикува СИДА и за слабо резонирање и манипулација.
Има 219 вирусни видови познати дека инфицираат луѓе. Првиот откриен во 1901 е вирусот на жолтата треска, а три до четири нови видови се откриваат секоја година (просечна стапка). Има неоткриени вируси, иако стапката на нивно откривање е пониска како што тече времето.
Неизбежно е дека нови човечки вируси ќе продолжат да се појавуваат, претежно од други цицачи и птици, во догледна иднина, велат научниците. Поради ова, потребен е ефективен глобален систем за надгледување на новите вируси. Дека тврдењето за наводното непостоење на вирусите (и дека симптомите се всушност реакција на организмот на 5Г, микробранова радијација, ЛЕД онеспособувачи и други фактори коишто се наведени во постот што го рецензираме) е невистинито, покажува и фактот што вирусите почнуваат да бидат познати и да се изолираат долго пред да постојат набројаните работи, како на пример 5 Г мрежата.
Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.