Фото: Richj1209 @ Wikimedia Commons

Наспроти изнесеното во објавата, церемонијата од 2012 година траеше четири часа, а акцент беше ставен на британската историја и култура. Во еден дел од церемонијата ѝ се изразува почит на Националната служба за здравство на Велика Британија (владина програма која обезбедува здравствени услуги по ниски цени), но тоа во ниту еден случај не ја предвидува пандемијата, односно коронавирусот кој се појавува речиси осум години подоцна, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделени фотографии од церемонијата за отворање на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Во постот се вели:

Од отварањето на Олимписките игри во Лондон 2012 година, може многу да се види. Корона, болници, болни деца, Борис и мрак (нема струја), демон! Се им оди по план.

Уште од 2020 година, од почетокот на пандемијата со коронавирусот, на социјалните мрежи се шири оваа теорија на заговор, дека идни настани поврзани со болеста ковид-19 и пандемијата, која го погоди целиот свет, всушност биле „предвидени” уште во 2012 година на церемонијата за отворање на Олимписките игри во Лондон и дека самото тоа „претставува доказ за план, односно дека пандемијата е испланирана однапред”.

Според оваа теорија на заговор, сегмент од церемонијата за отворање на оваа манифестација во Лондон, ја предвидел кризата со коронавирусот. И во 2022 година, теоријата сè уште се шири на социјалните мрежи, иако нема никакви индиции дека перформансот е било како поврзан со коронавирусот, кој се појави во Кина кон крајот на 2019 година.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, церемонијата од 2012 година траеше четири часа, а акцент беше ставен на британската историја и култура. На следниот линк може да се погледне целата снимка од отворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Теоријата на заговор пак, која е споделена во постот што го рецензираме, се однесува на петнаесетминутен исечок од церемонијата кој почнува од 43-та минута.

Овој дел од церемонијата беше дизајниран за да ѝ изрази почит на Националната служба за здравство на Велика Британија (владина програма која обезбедува здравствени услуги по ниски цени).

Понатаму, се дава признание и на британската детска болница и на Националното тело за детска литература. Видеото од церемонијата е дискутирано на сајтот на Олимписките игри и во различни текстови низ годините.

Во перформансот биле вклучени вистински доктори и пациенти од детската болница.

Делот од шоуто за детската болница бил спектакуларен, со мрачна музика, вклучително и со песната од хорор филмот Егзорцист, танц, музика, медицински сестри кои играат, кукли на ролерки, деца во пижами кои скокаат на болнички кревети, високи кукли и група дадилки на Мери Попинс, кои долетуваат со нивните чадори за да ги избркаат ‘страшните чудовишта’.

Како што наведуваат и проверувачи на факти на Ројтерс, церемонијата за отворање на Олимписките игри во 2012 година е дизајнирана од страна на режисерот Дени Бојл, инаку добитник на Оскар. Целта е да се оддаде почит на британската историја и култура. Во делот од кој се извадени фотографии во постот што го рецензираме, Бојл одвојува простор за институцијата обожувана од голем број Британци, односно на Националната служба за здравство на Велика Британија.

Во церемонијата нема никакви примери или претскажување на пандемија или коронавирус.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина оти во 2012 година на церемонијата за отворање на Олимписките игри во Лондон била предвидена пандемијата со коронавирусот. Перформансот е креиран за да им оддаде признание на британските здравствени институции, во кој е вклучен и дел од историјата на детската литература. Во церемонијата не е кажано, ниту пак предвидено било што поврзано со коронавирусот, кој се појави речиси осум години подоцна.