fbpx

Не е точно дека момче било отруено со дрога во пијалак во кафуле

Професорката Виолета Ачкоска деновиве објави на Фејсбук дека „гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак во кафуле“, а нејзиниот статус без никаква проверка беше преземен од повеќе медиуми и споделуван на социјалните мрежи.

-

Официјалниот став на МВР е дека смртта настанала поради повреди од пад од висина. Токсиколошката анализа во моментот на објавувањето на овој текст не е готова. Професорката Виолета Ачкоска деновиве објави на Фејсбук дека „гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак во кафуле“, а нејзиниот статус без никаква проверка беше преземен од повеќе медиуми и споделуван на социјалните мрежи. Ачкоска подоцна ја избриша објавата, а претходно за Канал 5 изјави дека воопшто не го познава ниту семејството на починатото момче, ниту него самиот, туку некој ѝ ја прераскажал верзијата за наводното труење. Откако професорката ја разбранува јавноста, таа беше повикана и во полициска станица со цел да даде дополнителни податоци за случајот, но таму кажала дека направила грешка, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Бројни медиуми не проверија и пренесоа дека момчето коешто беше пронајдено починато, а кое учело во гимназијата Георги Димитров во Скопје, „било отруено со дрога во пијалак во кафуле“. Единствениот извор за овој непроверен навод за медиумите беше Фејсбук статус на професорката Виолета Ачкоска.

Примери од објавите може да видите овде, овде и овде. Се разбира, бројот на ваквите објави е многу поголем.

Ачкоска го избриша статусот, а пред тоа за Канал 5 изјави дека воопшто не го познава ниту семејството на починатото момче, ниту него самиот, туку некој ѝ ја прераскажал верзијата за наводното „труење во кафуле со дрога“, која таа, исто така, без проверка ја презентираше.

Верзијата на настаните којашто Ачкоска ја презентираше во статусот на својот Фејсбук профил стана главен извор на непоткрепена и фактички непроверената (де)зинформација која беше пласирана и од страна на дел од медиумите. Пренесувајќи го нејзиниот Фејсбук статус, медиумите го искористија истиот да биде нивен единствен извор, односно не ја проверија вистинитоста на изнесеното.

Официјалната верзија на настаните ја соопшти Министерството за внатрешни работи, а таа е дека момчето починало поради повреди настанати од пад од висина.

На 12.03.2023, во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј. Т. (18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина, изјавија од МВР.

Вистиномер се обрати до МВР од каде велат дека морале да демантираат и други слични шпекулации коишто се прошириле меѓу граѓаните во изминатите денови, меѓу кои и дезинформацијата дека ,,во градскиот парк имало повеќе починати средношколци поради употреба на дрога”.

Најостро ги демантираме лажните вести кои се шират по социјалните медиуми, во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје поради употреба на дрога. Имено, овие лажни вести започнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан – од викендов, па сѐ до денеска, изјавуваат од МВР.

Во МВР воопшто не бил пријавен таков настан и според соопштението од МВР, целта на овие пласирани лажни вести е очигледна, а тоа е да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај младите и нивните родители, да предизвикаат штета на институциите и недоверба кон нив.

Во четвртокот (16.03.2023) Ачкоска била повикана во полициска станица каде кажала дека направила грешка.

Денеска во полициска станица беше извршен службен разговор со лицето В.А. поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога кој бил ставен во пијалак, со цел да се обезбедат дополнителни податоци за случајот, кои лицето може да ги има. Лицето соопштило дека нема информации за таков настан и дека слушнала муабети од деца. Кога новинарите ја повикале да разговараат со неа, таа го избришала статусот. Тогаш сфатила дека направила грешка, информираа од МВР.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека момчето починало поради тоа што било отруено со дрога во кафуле. Официјалниот став на МВР е дека смртта настанала поради повреди  од пад од висина. Токсиколошката анализа во моментот на објавувањето на овој текст не е готова.

Професионалните новинарски стандарди, налагаат за самоубиства да не се известува освен во исклучителни ситуации, кога има висок јавен интерес и никогаш не смее да се кажува дека само еден фактор е причинител за самоубиството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...