fbpx

Не е точно дека дигиталниот термометар ја оштетува пинеалната жлезда

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer.rs темелно анализираше и оповргна со аргументи една дезинформација што е деновиве многу актуелна на поширокиот балкански простор – дека инфрацрвените термометри, што од почетокот на корона-кризата се користат не само при влез во здравствени установи, туку и во институции и разни други објекти, емитуваат „инфрацрвени зраци што може да ја оштетат пинеалната жлезда“ (епифизата).

Тоа не е вистина, порачува istinomer.rs. Сервисот образлага дека мерењето на температурата, што се налага како една од мерките на заштита од ширењето на новиот корона вирус, не би можело при влез во установи и институции да се прави со класичните стаклени топломери со алкохол или жива, какви што дома користат најголем дел од луѓето, бидејќи тоа би било ем нехигиенски, ем неизводливо во објекти каде што циркулираат голем број луѓе.

Во однос на тврдењата пренесувани од српски корисници на Фејсбук „никогаш да не се мери температурата со инфрацрвен термометар вперен во пинеалната жлезда“, надополнети со тврдењето дека овој уред емитува инфрацрвени зраци што може да ја оштетат епифизата, istinomer.rs вели оти таква опасност нема.

Овој термометар работи на тој принцип што преку леќата и сензорот всушност го мери инфрацрвениот спектар што го емитува човечкото тело, па во однос на должината на брановите на регистрираните инфрацрвени зраци, одредува колкава е телесната температура на човекот. Како поткрепа на ова тврдење, српскиот сервис се повикува на објаснувањето од француската Национална агенција за безбедност на медицината и здравствените производи, дадено за Агенцијата Франс Прес (АФП) уште летоска.

Црвената светлина што ја емитува не е инфрацрвена и само служи лицето што ракува со термометарот точно да го насочи инструментот, наведува сервисот за проверка на фактите Full Fact.

Во однос на тврдењето за предизвикување оштетувања, Габриела Жирардо, истражувач – невролог од Националниот институт за здравствени и медицински истражувања, за АФП потврдила дека дури и во случај директно кон епифизата да бидат насочени инфрацрвени зраци, тие не би продреле до неа, оти се наоѓа предлабоко во мозокот, потсетува istinomer.rs.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...