fbpx

Не е познато кој ја гради дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“, одлуката за уривање ќе помине неколку постапки

-

Одлуката за уривање на објектот без градежна дозвола „Фонтана“ кај ТЦ „Мавровка“ во Скопје, сé уште не стапила во сила, бидејќи не е утврдено кој ја реализира изградбата. Во објектот се работи интензивно и работите се при крај. По извршените проверки од страна на инспекторите, констатирано е дека градежните активности се вршат незаконски, но сепак од Општина Чаир велат “не успеале да утврдат кој стои зад овие градби”, пишува „Порталб.мк“.

Од Општина Чаир, за „Порталб.мк“ рекоа дека одлуката за уривање на објектот е донесена порано, меѓутоа сé уште ниеден инвеститор нема преземено одговорност за овие градби. На овој начин, како што велат, општината наиде на непознат сопственик и ова ги одолговлекува постапките за уривање на објектот. 

Законот предвидува во вакви случаи, одлуката за уривање да биде објавена во дневен весник и потоа, следува рок за право на жалба од страна на сопственикот и после ова се преземаат дејства од страна на општината.

– Одлуката е донесена од порано, се обидовме одлуката за уривање да ја доставиме до странката, но на терен никој не ја презема одговорноста дека е инвеститор на објектот. Поради тоа, одлуката за уривање е во име на неидентификувано, непознато лице. Вчера го имавме последниот обид да им го доставиме решението и истото го примиле но не се потпишале за прием. Денес одлуката е објавена во весник во дневни весници, два на македонски јазик еден на албански јазик. Огласот ќе се објавува денес и утре, два дена, а ќе треба да ја објавиме и во општинскиот весник. Потоа, моментот кога ќе заврши објавата, странката има право во рок од осум дена сам да го отстрани објектот, тогаш општината има ингеренции да постапи – велат од Општина Чаир.

Понатаму, тие додаваат дека на таа локација има легализиран објект од страна на општината и сопственикот на објектот е познат, меѓутоа не може да се утврди дека истиот сопственик врши бесправна градба.

– Но, не можеме да констатираме дека се работи за истиот сопственик. Кога излегле инспекторите на терен, никој не ја преземал одговорноста и да каже јас сум инвеститорот, и тука настанува целото одолговлекување на постапката, бидејќи ние треба да доставиме акт до непознато лице и во вакви случаи има одредени постапки, задолжително се оди со огласување – изјавија од оваа општина.

„Порталб.мк“ се обиде да стапи во контакт директно со сопственикот на локалот “Фонтана”, но тој не ни одговори ниту на телефонскиот повик ниту на прашањето преку смс-порака испратено од наша страна.

Во однос на ова прашање, реагираше и Град Скопје, од каде од првиот момент кога добиле дојава дека нешто се гради на таа локација, го испратиле инспекторатот на Скопје на терен, да изврши увид во терасата, но кога воочиле дека се работи за градење, тогаш го известиле Државниот инспекторат и Општината Чаир.

Градоначалникот Петре Шилегов, вчера на неговиот Фејсбук профил, ја објави одлуката донесена од страна на Инспекцискиот совет, градбите да бидат под надзор на државниот и на општинскиот градежен инспекторат.

„Градот Скопје, по мое барање, уште на 09.07.2020 реагираше во надлежните инспекторати за бесправните градби кај Мавровка. Денес добив одговор од Инспекцискиот совет, за заеднички инспекциски надзор на државниот и на општинскиот градежен инспекторат. Треба да им се стави крај на бесправните објекти кај Мавровка“, напишал Шилегов на Фејсбук.

Од друга страна, од Министерството за внатрешни работи за „Порталб.мк“ велат дека, од СВР Скопје се преземени сите активности за утврдување дека постојат елементи на кривично дело и за овие активности го известиле Јавното обвинителство.

„СВР Скопје – Единицата за економски компјутерски криминал во врска со незаконските градежни активности во реонот на ТЦ „Мавровка“, има преземено соодветни мерки и активности за утврдување на кривично дело кое се гони по службена должност според член 244 – за “Незаконско градење”. За преземените мерки и активности е доставено писмено известување во Јавното обвинителство согласно законот за кривична постапка“, рекоа од МВР.

Конкретниот објект се гради на локација на која порано се наоѓаше локалот „Фонтана“, кој пред неколку месеци беше опожарен. Пожарот зафати сè што имаше во локалот, оставајќи ја само металната структура на локалот во близина на споменикот на Хасан Приштина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...