Емануел Макрон изјави дека коментарите на Доналд Трамп за неговиот брак биле „ниту елегантни, ниту на ниво“, откако американскиот претседател имитираше акцент и се потсмеваше на својот француски колега и на неговата сопруга за време на приватен ручек во Вашингтон, пренесува Гардијан.

Пристигнувајќи во Јужна Кореја, Макрон јасно го покажа своето незадоволство од коментарите на Трамп, кои накратко се појавија во видео на Јутјуб каналот на Белата куќа, пред подоцна да бидат отстранети.

„Затоа нема да им одговорам – не заслужуваат одговор“, им рече Макрон на новинарите.

Во Франција имаше гнев откако Трамп изгледаше како да се потсмева на Макрон и на неговата сопруга за време на ручекот во средата, на кој присуствувале и верски лидери и владини претставници во Вашингтон, додека ги критикуваше сојузниците во НАТО затоа што не ѝ се приклучиле на војната против Иран.

Имитирајќи француски акцент, Трамп рече дека сопругата на Макрон, Брижит, „се однесува исклучително лошо кон него“. Зборувајќи за барањето помош од Франција во врска со Иран, Трамп рече: „Не ни требаа, но сепак прашав.“

Тој додаде: „Ја вртам Франција, Макрон – чија жена се однесува исклучително лошо кон него. Сè уште се опоравува од десниот удар во вилицата.“

Се чини дека Трамп алудираше на видео од мај 2025 година, на кое изгледа како Брижит Макрон да го оттурнува лицето на својот сопруг додека се подготвувале да се симнат од авион за време на официјална посета на Виетнам.

Видеото, снимено од камерман на Associated Press, го покажува Макрон како се појавува на вратата од авионот на почетокот на посетата на Ханој. Изгледа како раката на неговата сопруга да го оттурнува, по што тој се повлекува чекор назад, а потоа се прибира и мавта. Во тоа време, Макрон негираше каква било „семејна расправија“ со сопругата, велејќи дека тие „се шегувале, како што често правиме“.

На ручекот, Трамп продолжи: „И му реков, Емануел, би сакале да имаме малку помош во Заливот, иако поставуваме рекорди во елиминирање лоши луѓе и соборување балистички ракети. Би сакале да имаме малку помош. Ако можеш, те молам испрати бродови веднаш.“

Потоа Трамп очигледно се обиде да имитира француски акцент за да го прикаже наводниот одговор на Макрон: „’Не, не, не, не можеме да го направиме тоа, Доналд. Тоа можеме да го направиме откако ќе биде добиена војната’“, рече тој. „Јас реков, не, не, не ми треба по добивањето на војната, Емануел“, рече Трамп.

„Така научив нешто за НАТО – НАТО нема да биде таму ако некогаш дојде големата војна, знаете на што мислам кога велам големата“, додаде Трамп, без дополнително објаснување.

Политичарите во Франција беа огорчени од коментарите на Трамп. „Искрено, тоа не е на ниво“, рече Јаел Брон-Пиве, центристичката претседателка на долниот дом на францускиот парламент.

„Во моментов разговараме за иднината на светот. Токму сега, во Иран, ова има последици за животите на милиони луѓе, луѓе умираат на бојното поле, а ние имаме претседател кој се смее, кој им се потсмева на другите“, изјави таа за јавниот сервис Franceinfo.

Мануел Бомпар, национален координатор на радикално левичарската партија „Непокорна Франција“, го бранеше Макрон. „Свесни сте колку длабоко не се согласувам со претседателот, но Доналд Трамп да му се обраќа така и да зборува за неговата сопруга на таков начин – тоа за мене е апсолутно неприфатливо“, изјави Бомпар за BFMTV.