fbpx

Не е можно дрен на заб да биде поставен наопаку

-

По смртта на младото момче од Берово по сложена интервенција на заб, голем број медиуми пренесоа објава на Фејсбук од блиска роднина која тврдеше дека момчето починало бидејќи дренот во забот му бил поставен наопаку. Оваа изјава не може да биде вистинита, бидејќи, како што потврдуваат за Вистиномер повеќе стоматолози, дренот претставува лента или некогаш цевче кое има два исти краја и не може да се постави наопаку, па оттаму не може ниту да претставува причина за нечија смрт. Интервенцијата извршена врз момчето во штипската болница, како што велат лекарите, воопшто не била обична и рутинска, бидејќи, според извештаите во медиумите, момчето било примено со дијагноза флегмона во вратна регија, која е веќе потенцијално животозагрозувачка состојба и не може да настане за еден ден.

Голем број медиуми со неверојатна брзина објавија вест дека момче од Берово починало поради наопаку поставен дрен на заб, пренесувајќи статус на Фејсбук од блиска роднина до починатото момче (линк, линк, линк, линк). Во објавата се информира за трагичен настан во кој животот го загубил 25 годишен пациент од Берово, со тврдење дека смртта настапила поради наопаку поставен дрен во заб. Основното Јавно обвинителство во Штип ќе ја истражува причината за смртта на 25 годишниот беровец, кој бил третиран во Клиничката болница во Штип.

Во објавата пишува:

„Само во нашата држава, само со нашето здравство, само со нашите „професионални“ доктори во штипската болница може да се случи ова: Со 20 годишен стаж да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку. Па да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика на Ванчо животот да згасне на само 25години…..СРАМ ЗА ЦЕЛА ДРЖАВА!!! Каде живееме ние, какво здравство имаме, дали веќе еден ден некој ќе одговара за секојдневниот хорор во таа штипска болница. Колку животи згаснаа само поради невнимание. До кога нашиот народ ќе се лекува само со….,,како е рекол Бог”…. Дали во 21век треба да се случи таков срам….Ангелу наш ти почивај во мир. А тие нема да спијат мирно…“

Вистиномер сочувствува со болката на семејството предизвикана од загубата на младиот човечки живот, меѓутоа во интерес на вистинитоста на фактите и не навлегувајќи во причините за смртта, се осврнуваме на делот од објавата во кој се вели дека „во интервенцијата на забот дренот е поставен наопаку” по што е предизвикана сепса и животот на пациентот згаснал. Ова, како факт, беше пренесен во повеќе медиуми во земјава, особено на веб-порталите, кои известија дека „починало 25-годишно момче како последица на наопаку поставен дрен на заб“.

Вистиномер контактираше неколку стоматолози, меѓу кои и орален хирург на оваа тема. Тие се децидни дека не е можно дрен на заб да биде поставен наопаку.

Доктор Цвета Тулевска, орален хирург во Општата Болница Прилеп вели дека дрен не може да биде поставен наопаку, туку може да биде само стерилен или нестерилен.

„Дренот не може да биде поставен наопаку или на лице, може само да биде стерилен или нестерилен. Има два вида дренови. Едните се јодоформ штрајфни кои се прават од газа како ленти со јодоформ, а другите се гумени лајсници. Улогата на дренот е после инцизија (сецнување со скалпел) околу забот, да го извлече гнојот и да се локализира инфекцијата. Со тоа се спречува ширење на инфекцијата и тризмус, што е вкочанетост на вилицата. Кога ќе се намали отокот отпосле може да се екстрахира забот и со тоа додатно се прави дренажа и се спречува ширење на инфекцијата. Ако се случи да дојде до тризмус, нема да може да се направи инцизија интраорално па во тој случај се прави екстраорално односно на лицето за да истече гнојот“, вели доктор Тулевска.

Таа додава дека флегмона може да заврши фатално и затоа е потребна итна хоспитализација, која може да трае и подолго од 14 дена. Прво може да се создаде оток кој се нарекува апцес, кој ако продолжи да се шири преминува во флегмона која е животнозагрозувачка.

Министерот за здравство Беким Сали кој по професија е стоматолог, за Вистиномер, исто така, потврди дека не е можно дрен да биде поставен наопаку.

Доктор Ѓорги Ивановски, кој специјализира орална хирургија, исто така, на Фејсбук излезе со свое гледиште во кое потврди дека е невозможно дрен да се постави на заб наопаку, како што неточно е изнесено во постот кој го рецензираме.

„Бесмислица е дека докторот го ставил дренот наопаку. Дренот без разлика на материјалот од кој е изработен, претставува лента или некогаш цевче кое има два исти краја и не може да се постави наопаку. Неговата цел е да го држи отворен отворот направен со претходната инцизија и ќе овозможи истекување на содржината од отокот и навлегување на кислород од надворешната средина со што ќе настане промена на типот на бактериската флора кон аеробна, со што би се олеснил текот на инфекцијата“, објаснува доктор Ивановски.

Тој додава дека интервенцијата која била изведена во штипската болница воопшто не била обична и рутинска, бидејќи, според извештајот во медиумите, момчето било примено во болница со дијагноза флегмона во вратна регија, која е веќе потенцијално животозагрозувачка состојба и не настанала за еден ден. Доктор Ивановски вели дека одонтогените инфекции почнуваат со инфекција на забната пулпа (нерв, живец) или потпорниот апарат на забот. Во оваа фаза со лекување на забот може да се задржи и да се превенира продор на инфекцијата во околните ткива. Доколку оваа состојба не се третира, следува продор на инфекцијата во коската околу забот. Во оваа ситуација исто преку соодветна дренажа преку забот или пародонталниот џеб, исто така може да се превенира продор на инфекција и да се спаси забот. Доколку не се третира оваа состојба, коската сè повеќе се разложува и инфекцијата може да се прошири надвор од коската во мекоткивните простори околу забот, што се манифестира со оток во меките ткива околу забот.

„Со рез на местото на најголем оток, дренажа (поставување на гумена лентичка во инфицираниот предел, за непречено да истекува содржина) и ординирање на антибиотска терапија, се очекува инфекцијата да се повлече. По повлекувањето на инфекцијата забот најчесто се вади. Доколку оваа состојба не се третира инфекцијата се шири во соседните подлабоки мекоткивни простори, под дејство на гравитацијата од долна вилица најчесто према вратот и градниот кош и веќе имаме потенцијално животозагрозувачка состојба, поради близината на многу витални структури и органи и компромитирање на дишните патишта. Овие длабоки инфекции почесто се случуваат кај пациенти со нарушен имунитет, пример прекумерната тежина може да биде причина за имунокомпромитација. Кај пациенти со здрав имунитет често организмот сам може да ја ограничи инфекцијата уште во фазата кога се наоѓа во коската. Во овие фази инфекцијата може да се манифестира како апсцес или флегмона. Апсцесот е ограничен и исполнет со гнојна содржина и го прави полесен за дренажа, додека флегмоната се шири дифузно низ сврзното ткиво и ја прави дренажата многу потешка. Кај флегмоната отокот е тврд како даска“, пишува доктор Ивановски.

Фејсбук статусот на блиската роднина до момчето, како што веќе нагласивме, беше нашироко преземан од голем број на медиуми во земјава, поради што се создаде невистинита слика во јавноста дека дрен поставен наопаку е причина за инфекција која довела до смрт.Истрагата на ОЈО не е завршена.

Завршен е и вондредниот инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и во него пишува дека преземени биле сите мерки според медицинскиот протокол а наопаку поставен дрен не се споменува. Меѓутоа, како што потврдуваат и здравствените работници, не е вистина дека дрен во тек на медицинска интервенција на заб, може да биде поставен наопаку, бидејќи тоа е медицински невозможно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...