Народно движење за Македонија (НДМ) денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за поништување на одлуката за распуштањето на Собранието на Република Македонија.

– Иницијативата се поднесува од две причини. Првата се сведува на фактот што Собранието го прекрши рокот за распуштањето. Имено, член 63, став 3 од Уставот е многу јасен и прецизен и утврдува точен рок за избор на пратеници во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието, кој не трпи одложување или поставување на дополнителен рок. Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредувани со закон. Собранието е уставна, а не законска материја, што значи дека самото Собрание не може да ја проширува неуставно својата надлежност и да одлучува на поинаков начин, односно надвор од она што е регулирано во самиот Устав во однос на рокот за неговото распуштање и работа. Втората причина е во врска со неусогласувањето на шестата изборна единица, каде бројот на гласачите е за 5,28 отсто поголем во споредба со другите изборни единици, со што се доведува во прашање уставното начело за еднаквост на избирачкото право – рече лидерот на НДМ, Јанко Бачев.

Тој вели дека со иницијативата, на своевиден начин им ги скратуваат и маките на колегите од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

– Устите на Груевски и на Заев деновиве се полни со силни пораки дека сакаат избори на 11 декември, иако во заднина мака мачат како да најдат начин за уште едно одложување на изборите. Очекуваме Уставниот суд да ја разгледа иницијативата во најкус рок, како што беше со иницијативата на ДУИ во мај, кога за една недела судот  донесе одлука. Најодговорно и најискрено кажувам дека не тргнуваме од какви било калкулантски мотиви, бидејќи НДМ е подготвено за избори на 11 декември како што бевме и на 5 јуни кога поднесовме листи. Единствен мотив за оваа иницијатива е нашето убедување дека мора да градиме политичка и правна култура на доследно почитување на Уставот, како највисок правен акт во земјата и света работа во една правна држава, кој мора да се почитува – рече Бачев.